ИСПОВЕД: Дојдов од Германија во Белград во 1988 година да посвојам дете, ми рекоа бирај едно за 10.000 марки, близнаци за 15.000!

Марко Ивиќ, германски државјанин по потекло од поранешна Југославија, по 31 година ги открива шокантните податоци, тврдејќи дека во 1988-та година дошол во Србија за да посвои дете, а од КБЦ Звездара му нуделе да го купи за 10.000 марки односно 15.000 марки доколку сака близнаци, пренесува Курир.рс.

Ивиќ и неговата сопруга Ана не можеле да имаат деца, па одлучиле да посвојат бебе или близнаци од овие краеви. Во Бугојно во 1988-та година се сретнал со тогашниот правник Драган, за кој се зборувало дека ги средува работите околу посвојување деца преку врски.

„Тој сè ме испраша, со што се занимавам, како изгледа мојата жена… На крајот рече: Во Белград можеш да бираш бебе, но за тоа ти се потребни 10.000 марки. Одговорив дека тој од мене ќе добие 1.000 марки доколку посвојам дете, но доколку бидат близнаци, а едното од нив женско тогаш ќе добие 2.000 марки“.

„Ме уверуваше дека нема да има проблеми, дека тој работи во Белград и дека го познава човекот и ми кажа да не се грижам за тоа“ – ја започнал исповедта Марко.

Следниот пат се виделе на 22-ри јули 1988-та година.

„Мислев дека ќе одиме во сиропатилиште, но потоа застанавме пред болницата. Тука малку се збунив, но повторно мислев дека сиропатилиштето е во близина“ – вели Марко.

Драган прво на неколку минути влегол во болницата, додека пак Марко го чекал напред. Потоа се вратил по Марко и го внел во канцеларијата на еден од докторите.

„Останав сам со докторот и тој почна да ме испрашува за сè. Потоа ми рече дека бебето ќе чини 10.000 марки, а доколку сакаме близнаци цената ќе биде 15.000 марки – истите цени кои ми ги спомна Драган.

Зборуваше дека тој е хуман човек, и дека станува збор за бебиња кои ги раѓаат студентките од провинција, кои не можат да се омажат ниту да се вратат дома со стомакот. Тие ги даваат бебињата на посвојување, а потоа бебињата се влечат по домовите, чекајќи да добијат родители многу долго. Сфатете дека не ми беше чудно тоа што бара пари, затоа што корупцијата беше општа работа во поранешна Југославија. Не можеше да одиш на доктор доколку не му дадеш пари на самиот доктор. Затоа му верував на Драган дека преку врски ќе може да ми среди за да можам да посвојам дете“.

Сомнежот сепак се појавил кога сфатил дека ова нема да биде класично посвојување на дете, односно дека во документите бебето ќе биде заведено дека е родено од неговата жена, нудејќи му три опции – веднаш да го земе бебето, да се врати со жената па да го земат или пак да излажат дека неговата сопруга е бремена па да се вратат по девет месеци по бебето.

Како што понатаму тврди, кога докторот ги покажал фотографиите од својата сопруга, сестрата му го донела мантилот и се упатиле во собите каде што лежеле родилките.

„Ми кажа да ја ставам раката на креветот од жената која отприлика личеше на мојата жена. Тргнавме на првиот или вториот кат. Сретнавме некои сестри кои го поддржуваа докторот и кои го почитуваа, а со тоа сфатив дека не станува збор за било кој доктор. Во една од собите видов девојка која навистина личеше на мојата сопруга. Ја ставив раката на тој кревет. Потоа ме однесе во собата на бебињата. Запревме кај едно бебе, ме привлекоа неговите трепки. Беше како ангел. Докторот ми кажа дека тоа е бебето од родилката на чиј кревет ја ставив мојата дланка. Потоа ми рече: Марко, бирај! Тука запрев. Како да бирам бебе, што доколку сакам некое друго од тој оддел? Тука не е соба во која се породуваат само студентки туку има и бебиња од омажени жени“ – го опишува својот шок Марко.

Меѓутоа кога му кажале да бира на Марко сето тоа му станало многу сомнително па се вратил во Германија кај својата сопруга и ѝ раскажал сè.

„Ми рече да го оставам сето тоа и дека нешто очигледно не е како што треба. А кога дојде и војната, сето тоа ми дојде преку глава. Се помиривме со нашата судбина. Убаво живееме, 41 година во брак и сè уште сме заљубени“ – раскажува Марко.

Сега Марко во придружба на двајца родители чии бебиња се исчезнати, се провозал низ белградските улици и ја покажал болницата за која тогаш станувало збор. Како што тврди тој до обид за трговија со луѓе дошло во болничкиот центар во Звездара.

Марко неодамна на телевизија гледал прилог за крадење на деца и сфатил дека за малку не учествувал во таков чин.

„Кога ја препознав својата приказна се шокирав. Да го направев тоа, да знам дека некоја мајка плаче по тоа дете… Како би го хранел 30 години тоа дете, а сум го купил од крадец? Никогаш нема да можев да си простам себеси. Бев купувач, но Бог ме спаси да не купам, затоа што зборот “бирај“ ме спречи“ – вели тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот