Искрено со Лила Стојановска: По цела недела не станував од кревет од болки, но имав сила да се шегувам на своја сметка

Фото: Приватна архива

Нејзиниот позитивен став кон животот и вербата дека ќе излезе победник во битката со ракот инспирира многумина. По тешкиот период, Лила Стојановска е сѐ уште инспирација. Лила за „Слободен печат“ искрено раскажува дека по секоја хемотерапија имала големи болки, поради кои не излегувала од својата спална соба. Само една недела потоа, помеѓу две хемотерапии, таа посветено работела, патувала, се дружела со луѓе, сѐ до новата, која повторно ја врзувала за кревет. Стрпливо броела кога ќе поминат осумте препишани, се гледала себеси во огледало без коса и наоѓала сила дури и да се пошегува на своја сметка.

И покрај тоа што долги години е ТВ-бренд и една од најпознатите инфлуенсерки, вели дека нејзиниот најголем успех е тоа што е мајка на прекрасен син каков што е Филип. Лила зборува и за своето детство во Шведска и за времето кога со родителите решиле да се вратат дома.

Фото: Приватна архива

Многумина твојот нов имиџ со кратка коса позитивно го коментираат. Како ти си се допаѓаш сега, што си велиш кога сега се гледаш во огледало?

– Да бидам искрена, не очекував толку позитивни коментари за мојот имиџ, и драго ми е што е тоа така, затоа што и јас сум задоволна и уживам во оваа промена. Да не се случеше сето тоа што се случи, немаше олку кратко да се потстрижам. А, кога ќе се погледнам во огледало, гледам една храбра, самосвесна, самоуверена жена, која пред ова ја гледав без влакна на главата. И морам да ти кажам дека во ниту еден момент не заплакав, едноставно, се гледав себеси, се шегував на своја сметка и не дозволив во ниту еден момент тоа да ми влијае во процесот на заздравување.

Со долга коса (перика) те гледавме на квизот „Сѐ или нешто“. Дали некои од епизодите ги снимаше додека паралелно примаше хемотерапија, како успеа да го издржиш темпото на снимање?

– За среќа, квизот „Сѐ или нешто“ не го снимав кога ги правев хемотерапиите, снимањата беа завршени. Меѓутоа, по целиот тој процес на лекување, почнав со снимање на емисиите, таму сум со перика. Едноставно, немам објаснување, велам дека тоа е некоја божја сила што едноставно е невозможно да ја поседува некој човек. Јас самата на себеси се чудев од каде ми е таа сила и таа енергија да одам на снимања и да ги завршам максимално професионално, иако во меѓувреме ги очекував резултатите по зрачењата, хемотерапиите, операциите, и благодарам на Бога што на крајот сѐ излезе добро.

Фото: Приватна архива

Несомнено, твоите обврски и кон фирмите со кои соработуваш ги извршуваше редовно. Општо, како успеваше да се смееш, да позираш на Инстаграм, на плажа, на високи температури во овој период?

– Во контекст на претходното прашање, само со позитивна мисла и едноставно со верба дека сѐ ќе помине во најдобар ред и дека ќе бидам победник и во оваа битка. Сето тоа ми го олесни патот, и на крајот како што кажав, откако се покажа дека имам чист пет скен, излегов како победник во оваа нерамноправна битка. Јас едноставно не сакав да прифатам дека имам некој здравствен проблем, некоја состојба во која сум се нашла, и се трудев сето тоа да не ми влијае. Едноставно така размислував. А, единствените денови кога не можев да работам буквално ништо, ниту за Инстаграм ниту за телевизија, беа деновите по првите четири хемотерапии, а примив осум. Цела недела имав несносни болки, тоа беа денови кога буквално не излегував од соба, дури не излегував ниту од спална, затоа што, знаете што е мигрена – такви беа моите болки. Тоа беа нуспојавите на моите терапии, едноставно, секаде е различно. Познавам жени кои, благодарам на Бога, немаат такви нуспојави, и многу се радувам кога ќе слушнам такво нешто. Меѓутоа, по тие седум дена, јас се фрлав на нормален живот.

Како за илустрација, јас една недела лежев, па две недели бев максимално активна, на пример, помеѓу две хемотерапии бев во Бодрум, со агенцијата со којашто соработувам, значи бевме таму да снимаме, да уживаме. Така што една недела лежев, а две недели потоа работам или излегувам, се дружам, патувам. Па, доаѓа потоа следната хемотерапија, на секој 21 ден, а јас едвај чекав да поминат, ги броев, едвај чекав да завршат.

Фото: Приватна архива

Пред неколку месеци ја посети твојата сестра во Шведска. Во кој период точно живееше таму, какви ти се сеќавањата?

– Шведска, поточно Гетеборг е град каде што сме родени мојот помал брат и јас. Сестра ми е родена тука, но таа живее во Шведска. Гетеборг го одбележа моето детство, и многу јасно се сеќавам на сѐ од моето детство. Многу се радувам, бидејќи на оваа посета отидов, пред сѐ, затоа што со сестра ми добивме внук. Се вика Леон, пресладок е и е нашата голема љубов, тоа беше, пред сѐ, причината зошто отидовме во Гетеборг оваа зима.

И кога и да одам, си одам во моето маало, се вика Гамла Стан, тоа е едно од најстарите маала таму. Во тоа време, кога ние живеевме имаше многу Балканци и се сеќавам на секој ќош, објавував и видеа и слики од таму. Едноставно се вратив со сеќавањата, и морам да кажам дека многу носталгично се чувствував и ми беше баш тешко кога се вратив. Но сепак, тие навики и начин на живот… мислам дека не би можела да живеам таму. Да, сакам да прошетам, бидејќи е навистина прекрасна држава, прекрасен град и би сакала да одам почесто, на прошетка, но не би живеела. И доколку решевме да останеме таму со моите родители, јас ќе си го најдев својот пат да работам некоја таква јавна работа како телевизија или такво нешто, едноставно имам такво чувство.

Зошто решивте да се вратите, жалиш ли некогаш што и ти не остана во Шведска како сестра ти?

– Во тоа време, Југославија беше велесила и моите родители сметале дека за тоа време колку што биле таму доволно заработиле и дека едноставно нема потреба да се биде надвор од родната грутка. Ние уште сме биле деца и не сме можеле да влијаеме толку на нивниот избор. Можеби ќе беше подобро ако останевме таму, тоа е сепак една навистина богата држава со висок стандард, но, како е така е, јас сум задоволна и со овој живот овде.

При посетата на Јордан покажа дека си религиозна и ја почитуваш верата. Какво беше искуството со крштевањето во реката, како се чувствуваше потоа?

– Да, јас сум жена што ја почитува својата религија. Почитувам празници, одам во црква, и таа вера многу ми помогна во периодот што го поминав, затоа што е многу полесно кога имаш нешто свето, нешто во што веруваш, без разлика дали е тоа Господ или тоа е некој универзум, едноставно е многу полесно кога имаш кому да се довериш и кому да ја кажеш својата мака. Јордан е една од дестинациите што сакав да ги посетам, и многу сакав да видам кое е тоа место каде што е крстен Исус, тоа е чувство кое не се опишува. Имаше многу коментари, дека сум чекала таму да се крстам, но јас од бебе сум крстена. Во Јордан сите што сакаат можат да се крстат, се најдов таму и излезе тоа патување.

Всушност, не верувам во случајности и се чувствував уште поблиску до Бога и уште поблиску до својата религија. И немате претстава какво е тоа чувство да го замислиш она што го вели легендата – дека токму Исус е тука крштеван од Јован Крстител. Морам да ти кажам дека тоа е едно од најубавите нешта што сум ги доживеала и почувствувала.

Твојот син Филип е веќе возрасен и реализиран човек. Ги слуша ли твоите совети, како реагира неговата партнерка и пријатели кога се запознаваат со тебе?

– Да, Филип… веќе 25 години сум максимално транспарентна, и нема нешто што луѓето не знаат за мене, па и за Филип, кого го знаат буквално од пелени. Така што неговите пријатели и неговата партнерка од старт знаат и кој е Филип и која му е мајка. Јас сум една нормална личност што сака луѓето околу мене да се чувствуваат пријатно и нормално, и така и е. Сите негови другари и пријатели со кои цел живот се дружи и мене ми се добри другари и пријатели. Инаку, Филип никогаш не го интересираше телевизија, а јас за ништо не го форсирав. Тој заврши маркетинг и менаџмент, го заврши тоа што тој сакаше да го заврши и го работи тоа што тој сака да го работи. Нормално дека слуша совети, нормално дека бара совети, ние имаме еден многу нормален однос на син и мајка, на кој сум исклучително горда. Ништо не ми е битно, ниту која сум, ниту кариерата, битно ми е дека сум одличен родител на едно прекрасно дете.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот