Искрено со Андријана Јаневска: Со моторот возам низ цела Македонија, адреналинот си го направи своето

Фото: Приватна архива

Поп-пејачката и професорка по виолина, Андријана Јаневска, на „Макфест“ во Штип се појави во кожена комбинација и токму изборот на облеката го привлече вниманието.

Фото: Приватна архива

Не е тајна дека вози мотор, Хонда Сузуки, па многумина коментираа дека изборот на облека веројатно е заради новата страст на Андријана.

На прашањето зошто се реши за кожа и дали има врска со моторот кој веќе цела година го има вели: „Околу изгледот бев сигурна дека треба да носам кожен фустан и косата да ми е високо подигната со некои маркантни обетки. Единствено не бев сигурна околу тоа дали да носам чизми, сандали или салонки. Најубедлива беше сестра ми Николина која инсистираше да носам екстравагантни високи чизми над колена, за да не биде изгледот монотон. Проблемот беше каде да ги најдам тие чизми, бидејќи сè уште не е започната нивната сезона и немаше никаде низ Скопје. По цела недела шетање и барање и фотографирање, едногласно се решивме за чизимите коишто ги носев. Морам да ја споменам и Бојана Скендеровски која исто така имаше удел во барањето на чизмите и обетките“, ни открива Јаневска во разговорот.

Фото: Приватна архива

Таа вели дека изгледот првично немал поврзаност со тоа што вози мотор, туку дека едноставно сакала да одговара со песната, која е брза и певлива.

„Но, во исто време не сакав комбинацијата да изгледа вулгарно. Но, штом повеќето ми рековте дека стилот потсетувал на моторџика, можеби и има поврзаност“, вели Јаневска.

Музичкарката неодамна заврши со снимање на првата епизода од серијалот „Посебни приказни“, во кој со својот мотор Хонда, CBF 600 патува низ македонските градови.

Фото: Приватна архива

Ја прашавме и зошто баш одличила да купи мотор, на што ни одговори: „Не знам ниту јас како се решив. Нашиот кум вози мотор, па еден ден дојде, свртевме еден круг и сфатив дека тоа е тоа. Кога одев на часовите за да полагам за мотор, во еден момент си реков, ‘што ми е мене’, но ете, адреналинот си го направи своето“, открива Јаневска.

Фото: Приватна архива

Се потсетивме и на нејзиниот прв настап на „Макфест“ во Штип во 1997 година, како придружен вокал на Јован Јованов.

„Како солист дебитирав 1999 година кога ја добив наградата за најдобар дебитант. Дружби имаше и тогаш, но и сега, за оние кои сакаат да се дружат. Оваа година бевме дури 6 изведувачи од проектот „Македонијо во срце те носиме“, кои веќе ги сметам за мало семејство. Едни на други сме поддршка. На „Макфест“ имало одлични песни кои станале хитови. Мислам дека белег на „Макфест“ е песната „Осамен“ од Трајче Манев“, вели Јаневска.

Годинава Андријана ја одбележа со настапаот на „Златна Бубамара“, кога со Игор Џамбазов ја отпеаја песната „Ми заплакло село Ваташа“. Црвениот фустан што го носеше беше симбол на црвената крв пролиена на младинците во Ваташа.

Не е тајна дека сака да игра шах и до неодамна учествуваше на шаховски натпревари.

„Шах престанав да играм затоа што многу се нервирам. По една партија на Првенството во Струга кога речиси 4 часа игравме со еден постар господин, добив шаховско слепило и ја предадов партијата. Противникот ме фати на кондиција. Инаку љубовта кон шахот ми е од дедо ми со кого играв уште како мала“, ни откри Андријана.

Мајка е на два сина и 14 години е во брак со музичарот Димитар.

„Се вљубив во него, бидејќи постојано ме засмејуваше, а така е и денес. Тој е 15 години постар од мене, но тоа никогаш не ни ги менува работите“, вели Андријана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот