Искрено со Ана Стојановска: Сексуалната слобода на Виолетка ме натера да се пробам и во модата

Фото: Приватна архива

Природна и своја, актерката Ана Стојановска, препознатлива по филмовите на Милчо Манчевски и сè уште актуелна по неговото последно филмско остварување „Кајмак“, е една од оние талентирани глумици што уште на прва го привлекуваат вниманието. Како ќерка на Силвија и Ненад Стојановски, природно било да сака глума и да се запише на ФДУ. Ана сега е вработена во МНТ, зад себе има многу улоги и е дел од театарската сцена. Исклучително модерна и автентична, на речиси на сите јавни настани, е облечена тип-топ. На фестивалот „Манаки“ во Битола, носеше секси фустан што беше вистинско модно освежување и за кој многу се пишуваше.

На „Манаки“ во Битола, буквално го „украде“ вниманието на јавноста. Очекуваше ли толку голема фама околу фустанот што го носеше?

– Црвениот тепих е место каде што модните дизајнери можат да ги искажат своите креации во најсилно светло, па драго ми е што Елена Лука одлучи да се погрижи за мојот изглед. Во еден инспиративен разговор ми рече: „Доста вие глумците сами се облекувате, оставете еднаш тоа да го направат професионалци за вас“. И така и бидна. Извади џокер од ракав и го создаде уникатниот „сигнатуре“ фустан, кој навистина воодушеви. А металната појас ташничка му даде посебен шмек. Пријатниот материјал и удобниот дизајн во кој можев да уживам цела вечер е тоа што најмногу ми се допадна. Елеганцијата е во удобноста.

Фото: Приватна архива

Кога бевте во Сараево носеше исто така атрактивна и секси креација. Сама ја дизајнираше?

– Како што реков, избирањето на вистинската тоалета за црвен тепих е предизвик, па за таа пригода се одлучив да барам инспирација во ликот Виолетка, кој го играм во филмот „Кајмак“. За мене тој лик претставува сексуална слобода и прозорче кон недозволеното. Така се создаде тој фустан. Не следев трендови, следам интуиција. Одбрав црна боја затоа што е елегантна, класика и интригантна.

Фото: Приватна архива

Колку мислиш дека покрај актерството можеш да се најдеш и во дизајнирање облека?

– Желбата за дизајнирање облека датира од моите средношколски години и си постои како дел од мојата личност, но реално вистински ѝ се немам посветено, можеби во иднина, кога ќе имам повеќе време.

Кој е твојот омилен моден креатор и каков е твојот стил на облекување? Сакаш ли брендови?

– Омилен креатор – Јоџи Јамамото, стил на облекување – урбана улична уметност, сакам брендови, но пред сѐ, пријатни и природни материјали.

Растуривте со „Кајмак“, се појавивте на многубројни фестивали и добивте награди и признанија.

Очекуваше ли толкав успех и популарност? Колку пати ти си го погледнала филмот?
– За да го гледам „Кајмак“, поминав 9.342 км до Токио, па до Белград, Сараево, Херцег Нови Софија, Скопје… ете толку пати и со задоволство гледам на сите успеси и признанија, филмот го виде светот и сѐ уште патува и собира награди. Никако да се насладат од нашиот „Кајмак“…

Фото: Приватна архива

А, да те вратам малку на премиерата во Токио. Се изгуби во градот?

– Таму беше многу возбудливо. Прво, затоа што бевме во Јапонија, второ, нè пречекаа како ѕвезди. Иако во Токио се изгубив додека се шетав низ градот, па по два-три часа талкање по улиците сама, со празен телефон и без интернет, завршив во полиција. И, таму, место да ми помогнат да се снајдам, затоа што ми се испразни телефонот, не го знаев ниту името на хотелот, полицијата ме однесе во продавница, ми купи полнач и ми рече: „Еве ти, сега снаоѓај се“.

Кога уметноста е во прашање, секогаш е актуелна темата за разголување пред камера или снимањето љубовни сцени?

– Па секогаш има коментари. Со искуството стануваш посигурен. Порано повеќе се секирав како изгледам на камера. Кога се снима секс-сцена, не е сега „ајде вие имајте секс“, сепак, има техника, малку луѓе се присутни во просторијата. За разлика од театар, таму е потешко да се соблечеш на сцена.

Фото: Приватна архива

Што е со љубовта?

– Сѐ уште сум сама, сакам да се вљубам, но научив да си ги простувам грешките и да се сакам повеќе.

Ана, верувам дека немаш многу слободно време, од причина што постојано си ангажирана. Кои се следните ангажмани?

– Веќе извесно време работиме со „Охо продукција“ на доку-серијата „Радиус“, која се емитува на МТВ. Серија со авантуристично едукативна содржина, во која Дритон Вејсели и јас патуваме и истражуваме различни содржини и автентични приказни и места од Балканот. И тоа нѐ радува.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот