Исчезна возрасна жена од Драчево, синот очајно ја бара: Шести ден немаме никаква трага

Исчезната жена од Драчево, Зојка Луковиќ/Фото: Фејсбук

Шести ден трае неизвесноста во семејството Луковиќ од скопско Драчево откако на 31 декември минатата година исчезна Зојка Луковиќ, родена 1954 година. Зојка дента околу 12 часот излегла од својот дом и и се губи секаква трага. Нејзиниот син Маријан дента успеал да ја добие на телефон, но не можел да ја разбере и веднаш знаел дека нешто не е во ред. Со мајка си на линија отишол во полициската станица и го пријавил случајот. Полицајците му рекле да го затвори телефонот за да не ја троши батеријата и после тоа се губи секаков контакт со неа, вели Маријан за „Слободен печат“.

-Излезе облечена во црвена јакна и црвена капата. Тоа го покажуваат и камери од надзор на објект во Драчево. Во рацето носи и поголема торба, но таа секогаш ја носеше со себе каде и да одеше, вели Маријан и упати апел до граѓаните да се јават на неговиот телефонски број 071 334 736 или во полиција доколку имаат некаква информација.

Досега полицијата успеала да ја провери нејзината банкарска картичка на која ја примала социјалната пензија и утврдено е дека не е користена овие денови од нејзиното исчезнување.

Проверката на нејзиниот телефонски број кој сега е недостапен покажала дека сигналот последно е евидентиран во Драчево на потегот кон горната автобуска станица, во близина на нивниот дом. Маријан деновиве упорно трага по својата исчезната мајка и освен на фејсбук, испечатил и флаери со нејзини фотографии кои ги лепел во Драчево, Лисиче и Долно Лисиче.

Вели дека може да помогнат и камерите од автобусите на ЈСП, но досега тоа не го сторила полицијата со службено барање до јавното претпријатие за да се утврди дали од Драчево се упатила кон друг дел од градот.

Зојка Луковиќ не е дементна, нагласува синот, станува збор за свесна и вредна жена која целиот свој живот работела чесно и вредно и сама го подигала семејството.

Во март минатата година толку од Драчево исчезна без трага и Виолета Крстевска – Јаневска, родена 1961 година. Таа е висока 166см, има 52кг. црвена коса малку побелена, зелени очи и израсток на десна страна до устата. Облечена во црн капут, тегет тренерки, тегет дуксер и црни чевли, стои во објавата на веб сајтот на МВР во делот на Исчезнати лица. Двете исчезнати жени наликуваат една на друга. Зојка има слична физиономија со Виолета.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот