Исчезна бистата на поетот Славко Јаневски од алејата на поетите во Струга

Биста на Славо Јаневски во алејата на поетите во Струга/ Фото: Струшки вечери на поезијата, Фејсбук

Од алејата на поетите на кејот на Црн Дрим вчера е украдена бистата на македонскиот поет Славко Јаневски, а бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин се видливо расклатени. Од НУМ „Струшки вечери на поезијата“ на официјалниот Фејсбук-профил најостро го осудуваат вандалскиот чин и информираат дека директорот Тодорче Тасевски случајот го пријавил во полиција.

Бистата на македонскиот поет Славко Јаневски е исчезната од постаментот во склоп на алејата на поетите на кејот на истекот на Црн Дрим. При вообичаена проверка, на 19.04.2023 година (среда) беше утврдено дека бистата на поетот Славко Јаневски е откорната од постаментот, додека бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин беа видливо расклатени во очигледен обид да се откорнат од постаментите, се вели во објавата.

Најавија дека бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин ќе бидат превентивно и привремено дислоцирани за да се извршат потребните технички зафати за нивно поцврсто фиксирање на постаментите за да се оневозможат ваквите вандалски чинови.

Од НУМ „Струшките вечери на поезијата“ потсетуваат дека сличен вандалски чин се случил и на 1 октомври 2021 година кога бистата на познатиот македонски поет Анте Поповски беше откроната од постаментот и фрлена во крајбрежјето. Истата беше санирана, дополнително зацврстена и вратена на постаментот.

Ваквите вандалски чинови ќе треба да се оневозможат во иднина со заеднички напори на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Општина Струга и МВР преку засилени мерки на обезбедување на оваа вообичаено фреквентна локација како и со организирање кампањи за подигање на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата. Апелираме сите добронамерни граѓани и почитувачи на поезијата да помогнат со информации во однос на сторителите и пронаоѓањето на бистата, пишуваат од СВП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот