Интервју Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир: Максимално сум посветен на мојата работа во служба на граѓаните

За предизвиците во неговата работа, за реализираните проекти, за градбата кај ТЦ „Мавровка“ и за реконструкцијата на салата „Партизан“ во Чаир, говори градоначалникот Ганиу. Тој додава дека и покрај ситуацијата со коронавирусот, 80 отсто од програмата е реализирана, а уште 4 капитални проекти ќе започнат да се реализираат годинава.

Уште неколку месеци останаа до локалните избори. Кои проекти планирате да ги реализирате во овој период?

-Неколку месеци пред локалните избори остануваме максимално посветени во служба на граѓаните, пред сѐ во динамичен тек за реализација на веќе започнатите проекти. Исто така, во нашиот фокус ќе биде регулирањето на водоводната и канализационата мрежа на населба Серава, подобрувањето на патната инфраструктура, континуираното продолжување на акцијата за проширување на актуелните паркинг места низ повеќе населби каде што за тоа има објективна потреба и можност. Максимално сме ангажирани за започнување со изградбата на првите катни гаражи, како и многу други проекти за кои навремено ќе ги известиме граѓаните за почетокот на нивното реализирање.

На почетокот на Вашиот мандат рековте дека општината сте ја затекнале со солидни финансиски и просторни услови. Каква е сегашната состојба?

-Општина Чаир ја затекнав во солидни финансиски, кадровски и просторни услови. Тоа беше добра основа за започнување на мојот мандат. Со одржување на таквиот принципиелен и стабилен начин на функционирање, продолживме и во текот на овој период.

Задоволен ли сте од досега сработеното? Сметате ли дека доволно направивте за граѓаните на општината?

-Имајќи ги предвид завршените проекти и веќе започнатите, повеќе од 80 отсто од работната програма е реализирана. Останати се уште 4 капитални проекти, кои ќе го започнат патот на нивната реализација во текот на оваа година. Овој период, посебно третата година од мојот мандат беше полна со сериозни предизвици посебно поради соочувањето со пандемијата на коронавирусот, но и покрај тоа не го изгубивме фокусот од реализацијата на многу важни проекти. Секогаш има простор за подобро, затоа интензивно остануваме во контакт со граѓаните, го слушаме нивниот глас и сме спремни за дејствување за исполнување на нивните потреби.

Со огледа на недостигот на паркинг-места во општината Чаир, зошто не дојде до изградба на ветените четири катни гаражи, со кои на одредени локации требаше да се надмине проблемот со паркирање?

 –Со изградбата на катните гаражи сѐ уште не е започнато поради тоа што не е дадено одобрение за Деталниот урбанистички план ССИ 04 блок 07 од Министерството за транспорт и врски. Во првата половина од март ќе биде повторно доставено барањето за одобрување на Деталниот урбанистички план, бидејќи е постапено по сите дадени забелешки и по добивање на одобрението, ќе започнат чекорите за реализација на овој проект.

До каде е реализацијата на проектот за реконструкција на салата „Партизан“?

Проектот за реконструкција на салата „Партизан“ е дел од нашата работна агенда за оваа година и ќе се реализира преку обезбедените средства од Владата на Република Северна Македонија за реализирање локални проекти со пренамена на средствата на „ТАВ Македонија“.

По уривањето на дивоградбата во ТЦ „Мавровка“, сега таму повторно се гради. Дали сегашната изградба е со сите потребни документи и според закон?

-Во врска со објектот кај ТЦ „Мавровка“, општинските градежни инспектори внимателно го следат текот на изведувањето на работите. По извршениот непосреден надзор, констатирано е дека сопственикот врши враќање во првобитна состојба на објектот, односно градежните активности ги извршува целосно во согласност со Законот за градење и првичниот проект за којшто имаше одобрение. Постојано сме на терен и во првиот момент на евентуално незаконско постапување, ќе дејствуваме по сите предвидени законски механизми што ни се на располагање.

Вашата Општина е меѓу ретките што парите за новогодишно украсување целосно ги пренамени за поддршка на здравствените служби во борба со ковид-19, со купување и донација на две амбулантни возила за Здравствениот дом Скопје. Како Општината се справува со пандемијата?

-Моментално ситуацијата со вирусот ковид-19 во Општина Чаир е под контрола. Показател за тоа е намалениот број активни случаи на заболени во споредба со претходниот период. Сметам дека општинскиот Кризен штаб одлично се справува со целата ситуација следејќи ги упатствата од централниот кризен штаб и усвоените протоколи од Владата на Република Северна Македонија.

Имајќи ја предвид херојската битка што ја водат лекарските служби, дониравме две возила за итна медицинска помош и тоа: патронажно-санитетско возило „дачија дустер“ и амбулантно возило комбе „фолксваген T5“, кои веќе се на располагање на Службата за брза помош при Здравствен дом Скопје.

Оваа хумана цел го започна патот на нејзината реализација со усвојувањето во општинскиот Совет на одлуката за пренамена на средствата наменети за декорирање на територијата на општината за новогодишните празници во висина од 1.800.000 денари, со што го обезбедивме првото амбулантно возило. Второто амбулантно возило го обезбедивме преку приватниот донатор „АР-ДЕ Аутомобиле“ и има вредност од околу 800.000 денари. Сакам да им се заблагодарам на советниците на општинскиот Совет, со кои заедно го отворивме патот за реализација на ова хумано дело и едногласно на вонредната седница ја усвоивме одлуката овие возила да се донираат што побрзо и да бидат ставени во функција на ефикасна интервенција, како и на приватниот донатор за неговата подготвеност да учествува во оваа иницијатива.

Во поглед на другите мерки кои како единица на локалната самоуправа ги имаме преземено, ги истакнувам: дезинфекцијата и миењето на улиците на територија на Општина Чаир, дезинфекцијата на влезовите на зградите, постојано апелирање до граѓаните за носење на заштитните маски не заборавајќи дека ние бевме првата општина што преку посебно возило го пренесуваше апелот за подигнување на свеста за самозаштита кај граѓаните. Како донација обезбедивме и голема количина на заштитни маски што им беа распределени на граѓаните, но и на службениците што беа во првата борбена линија со вирусот – полицијата, Брзата помош и пожарникарите. Покрај тоа, интензивно остваруваме контакт со Секторот за внатрешни работи – Скопје (СВР Скопје) за подигнување на нивото на свеста за носењето на заштитните маски и спречување на масовните собирања.

Што е она што сметате дека е најзначајно што успеавте да го реализирате во изминатите три и пол години?

 –Има голем број проекти што се значајни и кои би сакал да ги спомнам. Би ги издвоил:

– изградбата на трибината на стадионот на ФК „Шкупи“;

– изградбата на спортската сала на ОУ „Конгреси и Манастирит“;

– отворањето на читалницата во служба на студентите, учениците и граѓаните на улица Џон Кенеди;

– отворањето на Младинскиот центар во соработка со Амбасадата на САД;

– реализацијата на проектите за ревитализација на Старата скопска чаршија и зачувување на нејзината автентичност;

– започнувањето со изградба на детската градинка „Бамби“ на улица Кемал Сејфула, која ќе биде најголема во државата;

– целосното внатрешно и надворешно реновирање на објектот „Цвет“ на детската градинка „Фидани“;

– реновирањето на основните училишта на територија на Општина Чаир во соработка со многу приватни донатори;

– започнување со работниот процес за проширување на Основното училиште „Исмаил Ќемали“;

– целосно реконструирање на улиците Бајрам Шабани,  Менделеева, Дижонска 1 и многу други улици на територија на Општина Чаир, со уредување и на подземната инфраструктура (водоводната и канализационата мрежа);

– создадовме фитнес и рекреативни зони на отворено низ парковите на територија на општината;

– создадовме сензорни соби за децата со посебни потреби во основните училишта и детските градинки на територија на нашата општина.

Има и многу други проекти што се реализирани и за нив навремено се известени граѓаните, со сите детали врз основа на принципот на транспарентност и одговорност.

Имам желба за уште еден мандат

Дали размислувате за уште еден мандат за градоначалник?

-Во моментов сум максимално посветен на мојата работа во служба на граѓаните исто како и првиот ден кога ја започнав оваа мисија. Се разбира, моја желба е да продолжам, затоа што сметам дека имам уште многу да понудам за реализирање нови проекти, кои ќе произлезат од гласот на граѓаните. Одлуката за тоа дали повторно ќе се кандидирам, ќе ја донесат органите на политичкиот субјект и лидерот Али Ахмети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот