Интервју | Вероника Костовска: Секој спорт по себе си носи предизвик, така и каратето!

– Признанието за најдобра спортистка на Македонија ми претставува мотивација и поттик да работам и да се трудам повеќе – вели Костовска.

Веб изданието на „Слободен печат“ направи ексклузивно интервју со најдобрата спортистка на Македонија за 2020 година, Вероника Костовска.

Во четвртокот Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортски федерации ги прогласија најдобрите спортисти во нашата земја, 66 пат по ред. Повеќе ТУКА

Каратистката Костовска се закити со признанието најдобра македонска спортистка која освои 96 гласа, пред атлетичарката Дрита Ислами (79) и гимнастичарката Рејчел Стојанов (62).

За тоа како почна љубовта кон оваа боречка вештина, околу нејзините најдобри резултати, колку труд е потребно да се вложи за да се дојде до успех, повеќе прочитајте во продолжение..

Кои се вашите почетоци во каратето, што беше причината да го изберете овој спорт?

– Моите почетоци во каратето се уште на 6 годишна возраст. Главниот „виновник“ за да почнам да тренирам е мојот брат кој прв почна да тренира, постојано го следев и едноставно каратето ми стана љубов на прв поглед од првиот ден сè до денес опсесијата кон спортот станува сè поголема.

Бевте прогласена за најдобра спортистка за 2020 година, што значи за вас ова признание?

– За мене ова признание е од голема важност. Навистина претставува чест и задоволство во низата на голем број успешни спортисти да успеам токму јас да бидам најуспешна и да го освојам ова признание. Воедно исто така претставува мотивација и поттик во иднина да работам и да се трудам повеќе со цел освојување сè повеќе признанија и сениорски медали за нашата држава.

Колкав е предизвикот во каратето, дали во нашата земја имаме идеални услови за тренинг, и секако колку финансиите се потребни?

– Секој спорт по себе си носи предизвик, така и каратето. Предизвикот започнува уште на тренинг, да бидеш најдобар во полната сала како физички така и психички, доколку го исполниш тој предизвик на тренинг, речиси и загарантиран ти е со успех предизвикот кој те чека во салата пред натпреварувачките од твојата категорија. Речиси никогаш во животот не може да се постигне идеалното, но на тренинг сами си го поставуваме тоа што се нарекува идеално. Бидејќи се прашувам конкретно јас можам да кажам дека лично јас имам идеални услови за тренинг, имам сè што ми е потребно за да бидам уште поголем шампион. Од топла сала, комплетна опрема до туш после тренинзите и средени соблекувални. Секако за да постигнеш врвен успех покрај добрите услови потребни се и финансии. Нашата земја е мала, не располага секогаш со голем број на финансии, но ние сме спортска нација со големо срце, секогаш до крај се бориме за нашата татковина за да успееме да го издигнеме знамето на највисокото место на јарболот без разлика на финансиите со кои што располагаме во дадениот момент. Но, да бидам искрена голема поддршка во однос на финансиите за да учествуваме на кампови, натпревари, да се консултираме со нутриционисти, физиотерапевти добиваме од матичните клубови, КФМ и агенција за млади и спорт.

Кои најголеми успеси на домашната и меѓународната сцена ги одвојувате како најдраги?

– Кога ќе ме прашаа порано секогаш одвојував некој медал што ми е најдраг, но како растам разбирам дека секој медал и признание подеднакво е важен бидејќи за секој од нив посветувам посебно внимание, труд и пожртвуваност..од државните шампионати, најголемите меѓународни натпревари до првото место на европскиот шампионат..

Која е вашата најголема поддршка на патот кон успесите?

– Ништо од ова што досега го имам постигнато немаше да биде реализирано доколку ја немав секојдневната поддршка од луѓето околу мене, како најголема поддршка би ги издвоила мојот матичен клуб „Олимпик“ на чело со тренерите Александар Кузмановски и Кристијан Младеновски, мојата фамилија која секогаш е до мене и мојот близок круг на пријатели, секако и агенција за млади и спорт и карате федерација на Македонија. Сите овие прават едно цело.

Како течат подготовките и кои се вашите идни цели кои сакате да ги остварите во иднина?

– Подготовките можам да кажам дека течат одлично, заедно со тренерите имаме зацртано одреден тренинг план според кој се водиме, верувам во него, во тренерите во самата себе верувам дека ќе донесе резултат. Следна зацртана цел е освојување на прво место на државно првенство со цел учество на Европско сениорско првенство и освојување сениорски медал, потоа зошто не и од Светско.

Според вас, што треба да го краси еден каратист, воопшто спортист, за да може да верува и се надева на добар резултат?

– За да бидеш добар спортист пред се треба да бидеш добар човек, да ги исполнуваш човечките вредности, во никој случај едното без другото не оди. Сите оние кои што имаат тенденција да скршнат од патот на моралот не можат да се надеваат на успех во спортот. Како што кажав на почетокот за да да бидеш успешен спортист пред сè треба да бидеш добар човек.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот