ИНТЕРВЈУ со Владимир Четкар од Њујорк: Амбулантните сирени не стивнуваат, луѓето се во паника поради шокантниот пресврт

Бројката на заболени и починати вртоглаво расте и постои чувство како работите да се вон контрола. Испаничениот народ ги празни продавниците до тој степен што има сериозен недостаток на некои есенцијални продукти за хигиена и зајакнување на имунитетот, вели Четкар.

Нашиот познат музичар Владимир Четкар, кој веќе со години живее и работи во Њујорк од каде го освојува и светот, вели дека поради коронавирусот градот кој никогаш не спие, сега, во текот на вечерните часови е во длабок сон.

Со Четкар разговараме како е моментната ситуација во срцето на Њујорк, Менхетен, и како тој се справува сам со себе меѓу четирите ѕида.

Како помина пласманот на твојот трет студиски албум „Going Home“, и во кои земји е најприфатен? 

– Токму пред некоја недела „Going Home“ се издаде во Јужна Кореа преку музичката куќа C&L music која албумот го пласира на национално ниво со високотиражна физичка дистрибуција. C&L music е исклучително респектабилна корејска музичка куќа која е одговорна за издавањето на музичките каталози на ECM, JVC, King Records, Schema, Naïve и т.н. на јужно корејскиот пазар. Претходно албумот беше издаден преку музичката куќа „Пи Вајн“ во Јапонија каде што исто така доби високотиражна национална дистрибуција и беше еден од најпродаваните албуми во музичките продавници „Tower Records Japan“. Морам да напоменам дека Јапонија и Јужна Кореја се единствените земји во светот каде што сè уште успешно опстојуваат големите музички продавници и токму поради тоа таму има огромна конкуренција и селективност за пласман на музички продукт. Покрај овие две земји музиката од албумот „Going Home“ e одлично прифатена и има голема поддршка од повеќе национални и специјализирани радио станици во Америка, Аргентина, Унгарија, Италија, Тајланд, Индонезија, Англија, Шпанија, Австралија, Мексико, Бразил и т.н. Популарната радио емисија Дискорама од Аргентина, емитувана во повеќе земји во централна и Јужна Америка дури направи специјална емисија посветена на мене и за чии потреби ме интервјуираа лично во Њујорк.

Сега те наоѓам во Њујорк? Како е ситуацијата таму околу домашните изолации поради коронавирусот? Празни ли се улиците, се почитуваат ли правилата?

– Да, моментално сум во Њујорк каде ситуацијата е мошне сериозна бидејќи додека го пишувам ова интервју токму тука е најголемото жариште на оваа пандемија. Улиците се празни, сè е затворено, амбулантните сирени не стивнуваат, а кај луѓето се чувствува тензија, па дури и паника поради овој шокантен пресврт во нивните животи.  Ако сега се најдете во центарот на Менхетен ќе сфатите дека градот кој никогаш не спие моментално е во длабок сон.

Затворени ли се клубовите? Се префрлија ли веќе уметниците на Интернет? Што е најактуелно на „он лајн“ културната сцена? 

– Уметниците се максималмно активни на Интернет, па од неодамна почнаа да се организираат дури и онлајн фестивали, журки, музички работилници и т.н.

Бројот на заболени и починати од коронавирусот постојано се зголемува во САД, постои ли паника меѓу народот? Како генерално се гледа на новонастаната ситуација која бара ред ограничувања? 

– За жал, тука бројката на заболени и починати вртоглаво расте и постои чувство како работите да се вон контрола. Токму поради сè ова испаничениот народ ги празни продавниците до тој степен што  има сериозен недостаток на некои есенцијални продукти за хигиена и зајакнување на имунитетот. Луѓето се претежно дисциплинирани и внимателни, но со оглед на катастрофално високите бројки на заболени и преоптоварените болници, мислам дека тука уште многу поодамна требаше да се воведат поригорозни мерки за спречување на ширењето на вирусот Ковид-19.

Како ти го поминуваш своето време меѓу четирите ѕида? Дали ситуацијата делува на твојата креатвност?

– Се трудам да бидам оптимист и да го хранам позитивниот дух во мене. Карантинот ме затекна сам во Њујорк, токму пред започунувањето на мојата турнеја во среднозападна Америка. Вишокот на енергија го трошам со физичка активност, а истовремено се трудам да бидам што покреативен и работам на нови материјали кои ќе се најдат на еден од моите наредни студиски албуми.

Кои работи ти се први на листата на желби и обврски кои ќе ги направиш веднаш штом помине периодот на изолација?      

– Штом помине периодот на изолација едноставно сакам повторно да си ја почувствувам динамиката на мојот живот.Во секој случај, мислам дека сите од оваа ситуација ќе излеземе помудри и поискусни и ќе сфатиме дека вистинското богатство не е во парите, славата и престижот туку во слободата, едноставноста, во дишењето воздух со полни гради, вкусното  кафе или вино со семејството и пријателите и сите други едноставни секојдневни, но бескрајно скапоцени моменти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот