ИНТЕРВЈУ СО РОБЕРТ ЈАНКУЛОСКИ: Старите фотографии секојдневно исчезнуваат пред нашите очи

Старите фотографии, вклучувајќи ги и фотографиите на браќата Манаки, скоро 20 години се во фокусот на професионалниот интерес на фотографот, кинематографер и професор по фотографија, Роберт Јанкулоски.

Активности поврзани со документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски имаше во текот на целата 2019 година. Покрај премиерата во Кинотеката во Скопје, беше прикажан на филмските фестивали 10. „Македокс“ и 40. ИФФК „Браќа Манаки“. Одбележувањето на 55-годишнината од смртта на Милтон Манаки (1882-1964) беше повод за премиерната проекција, но интересот за творештвото на првите сниматели на Балканот, Јанаки и Милтон Манаки, ги надмина границите на нашата држава.

Документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ (МЦФ филм продукција, 2017/18, 70 мин.) ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански кинематографери. Секој факт и мислење презентирани во филмот се внимателно истражени и потврдени со презентирани артефакти. Приказната се раскажува преку оригинални документарни фотографии следејќи ја нивната работа од отворањето на првото професионално студио во 1898 година во Јанина и подоцнежното селење во Битола, сега познат како град на браќата Манаки. Продуцент, режисер и кинематографер на филмот е Роберт Јанкулоски, додека сценариото го потпишуваат Илинденка Петрушева и Роберт Јанкулоски. Монтажата на филмот е на Блаже Дулев, музиката на Горан Керкез, а дизајнот на звукот е на Дарко Спасовски.

Кога Милтон Манаки снимал некоја важна личност велел „За мене и за историјата“. Документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ е дело кое говори за личната историја на браќата Манаки, но уште позначајно е што со артефакти говори за фотографската и снимателската историја на Македонија. Автор на документарниот филм и монографијата „Манаки – Приказна во слики“е фотографот, кинематографер и професор по фотографија, Роберт Јанкулоски.

Голем интерес за филмот имаше во текот на целата година. Каде на други места беше прикажан?

– Целата 2019 беше година на промоција на документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“. Покрај наведените фестивали, филмот беше прикажан и на фестивалот на филмови од Југоисточна Европа „SEE a Paris“ во Париз, каде што доби награда за најдобар документарен филм, како и на SEE Онлајн-фестивалот, што се случува на ВОД-платформата „Cinesquare“, каде што беше прогласен за најдобар документарец. Беше прикажан на Првиот форум на УНЕСКО на филмски градови во Битола. Неколку дена се прикажуваше и на редовен репертоар во Центарот за култура во Битола, а имаше и неколку проекции во Кинотеката во Скопје. Исто така, беше прикажан во Софија и Нови Сад, а оваа година ќе биде прикажан повторно во Софија, на 23 јануари во Кинотеката на Бугарија, во Пловдив во март, во Белград во мај, во Лоѓ во Полска. Во рамките на фестивалот „Балканофилмофилија“ во 2020 ќе биде прикажан во 15 балкански градови. Секако, најголема чест за мене претставуваше изборот да биде прикажан на свеченото затворање на 40. ИФФК „Браќа Манаки“ во септември 2019 година, со што за првпат Фестивалот се затвори со документарен филм.

Милтон и Јанаки Манаки, стаклена плоча (130х90 мм), Битола, околу 1925 година

Филмот е резултат на повеќегодишно обемно истражување на оставнината на браќата Манаки. Колкав дел од истражувањето влезе во филмот, а колку и каков материјал беше пронајден во целиот процес?

– Филмот го работев повеќе од шест години, истражував во неколку држави (Македонија, Грција, Србија, Бугарија, Романија и Франција) и дојдов до информации што за првпат се изнесуваат токму во овој филм. Обработив обемен материјал во Битолскиот архив, направив интервјуа со современици на Милтон Манаки и, секако, не беше возможно сите овие податоци да влезат во филмот. Иако во Агенцијата за филм беше најавен како триесетминутен документарец, финалната верзија е седумдесет минути. Се надевам дека ќе најдам средства да направам документарна серија за творештвото на Јанаки и Милтон Манаки со што би ја прикажале во целост нивната работа.

Претходно беше објавена монографијата „Манаки – Приказна во слики“. Во каква релација се филмот и монографијата?

– Монографијата ја работев паралелно со филмот и има сличност во текстот, но во филмот се прикажани многу повеќе фотографии отколку во монографијата, а и во монографијата има фотографии кои не се употребени во филмот. Покрај филмот и монографијата направив и изложба од 100 фотографии кои ги изработив од оригиналните негативи на Манаки, а и сите употребени фотографии во филмот се добиени од оригиналните стаклени плочи. Изложбата беше прикажана во неколку држави во Европа и имаме договорено термини и за оваа година. Големо е задоволството да се прави селекција од обемен, квалитетен материјал, каков што се стаклените плочи на браќата Манаки, но и потешкотија, кои од фотографиите да бидат селектирани. Колку и да го зголемувате бројот на страници постојано ќе недостигаат неколку за да се отпечатат избраните фотографии.

Изложба на фотографии од браќата Манаки во Каен, Франција

Повеќе од 15 години го истражувате делото на првите сниматели на Балканот. Што беше првичната мотивација за вашата посветеност и работа на фотографиите и филмовите на браќата Манаки?

– Истражувањето на фотографското творештво на Манаки го започнав во 2001 година, кога ја направив и првата изложба во Центарот за култура во Битола. Значи скоро 20 години. Работам исклучиво со фотографскиот материјал на Манаки затоа што Кинотеката на Македонија го има обработено во целост филмскиот материјал. Првичната идеја беше да се направи една изложба за потребите на фестивалот во Битола, но кога ги разгледав стаклените плочи (околу 6.000 парчиња) видов дека има одлични фотографии кои воопшто не се презентирани пред јавноста. Иако работам скоро 20 години мислам дека сѐ уште не сум ја истражил до крај оваа фотографска ризница. Се надевам дека наскоро ќе имаме нов производ создаден од овие материјали.

Новата 2020 година е јубилејна за Македонскиот центар за фотографија, што го основавте во 2000 година. Што на почетокот беше мотив за создавање центар за фотографија?

– Желбата да создадеме место каде што ќе се третира фотографијата од сите аспекти беше основниот мотив за создавање на Македонскиот центар за фотографија. Да создадеме место каде што ќе ги чуваме и обработуваме старите фотографии пронајдени во рамките на проектот „Стара македонска фотографија“, место каде што ќе правиме едукација од областа на фотографијата и каде што ќе ги изложуваме современите светски текови во фотографијата.

Делумно успеавме во нашата идеја, затоа што во текот на овие 20 години наши гости беа многу светски имиња од областа на фотографијата, организиравме многу изложби, предавања, симпозиуми, работилници, публикации и сл. Три години водевме фотографска галерија (Фотофакт) со богата програма. Но, и многу работи останаа нереализирани. Оваа година планираме многу активности, како од старата така и од современата фотографија, а колку од нив ќе реализираме зависи од средствата кои ќе успееме да ги обезбедиме. Одбележувањето го започнуваме со изложбата насловена „Повторни сеќавања“ (Remembering) во Мала станица во првата половина на февруари.

Од каде и зошто се појави интересот за старите фотографии?

– Со истражување на стари фотографии започнав уште во 1994/95 година кога и ги објавив првите резултати во списанието „Кинопис“. Не се сеќавам конкретно зошто започнав да истражувам и да собирам стари фотографии. Можеби имав потреба да направам подлога за мојата креативна работа во полето на фотографијата. Да создадам историја на фотографијата во Македонија. Да ги соберам и да ги зачувам старите фотографии затоа што ниту една државна институција не се занимаваше сериозно со фотографија, како што и денес ниту една институција не ја третира фотографијата онака како што заслужува. А, старите фотографии секојдневно исчезнуваат пред нашите очи.

Старите фотографии не ги обработувам само од историски аспект, туку дел од нив користам и во моите фотоинсталации при што истовремено ги промовирам старите мајстори, а ги задоволувам и моите креативни потреби. Верувајте многу е важно да покажете дека доаѓате од земја која има богата фотографска традиција и вие само ја продолжувате, отколку да се обидувате да покажете дека вие сте најдобар и сѐ започнува со вас. А, Македонија е земја со богата фотографска традиција, која треба да биде забележана.

Последниве неколку години сте декан и професор на Факултетот за филмски уметности при Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА (ЕСРА) во Скопје. Каков е третманот на фотографијата во научните истражувања, а каков во образовниот процес?

– Фотографијата е фотографија, како и да ја третирате. Иако е медиум со широки можности, сепак, секоја фотографија треба да ги содржи основните фотографски карактеристики. Многу ми е важно студентите да ги научам да ја гледаат фотографијата, да ја разберат фотографијата, а создавањето добри фотографии е полесниот дел. На нашиот факултет студентите се запознаваат со сите жанрови во фотографијата, ги изучуваат сите фотографски техники, започнувајќи од фотографијата на филм, како и некои стари процеси.

Развојот на технологијата овозможи, речиси, секој што има мобилен телефон да може да фотографира, за разлика од времињата на првите фотографи и сниматели. Врз основа на кои критериуми ќе може да се направи селекција на вредни и добри фотографии?

– Да, и секој што има пенкало може да пишува. Самата дигитализација го олесни процесот на создавање фотографии или поточно дигитални слики, но мал дел од нив заслужуваат некакво внимание. Исто како што многу текстови и пишани досетки по социјалните мрежи немаат врска со книжевни творби. Секако дека ќе дојде до промена на критериумите на вреднување на фотографските творби како што полека се изменуваат критериумите во визуелните уметности, воопшто. Времето ќе направи селекција кои фотографии заслужуваат да останат во историјата, а кои не. Иако мислам дека и тука влијаат многу субјективни фактори.

Кај нас сѐ уште нема музеј на фотографијата. Каков е третманот на современите фотографии во денешното општество, воопшто?

– Формирање музеј на фотографијата е крајната и главна цел на МЦФ, но, за жал, сѐ уште нема услови за такво нешто. Тоа е скап и комплексен процес затоа што ваков музеј треба во себе да содржи неколку музеи или неколку оддели: историски, технички и музеј кој ќе ја третира современата фотографија. Во европските држави има посебни музеи кои се занимаваат само со еден од наведените оддели и соработуваат едни со други. Иако сѐ уште ја ставаме во рамки на т.н. нови медиуми, фотографијата стана класичен визуелен медиум, ценет во областа на визуелните уметности и застапен рамноправно со другите визуелни медиуми. Показатели за ова се светските биеналиња на визуелни уметности, како и светските музејски колекции. Секако, мислам на изложбената фотографија.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ бр. 12, во празничниот број на „Слободен печат“ на 4-7 јануари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот