Интервју со Минас Бакалчев за Архитектонското биенале во Венеција: Артефакти за едно колаборативно дело

Дел од авторската екипа на проектот заедно со Љупка Делева во Венеција

Македонскиот павилјон на 18. Архитектонско биенале во Венеција ќе биде поставен од 20 мај до 26 ноември и низ приказните за Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски на посетителите ќе им ги открива и приказните на авторите на проектот.

Автори на проектот „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски, 1992-2017“, кој е национален претставник на 18. Биенале за архитектура во Венеција, се професорите од Архитектонскиот факултет Минас Бакалчев, Митко Хаџи Пуља, Саша Тасиќ, Александар Радевски и Димитар Папастеревски. Куратори на проектот се Александар Петановски, Марија Петрова, Гордан Петров, Дарко Драгановски и Димитар Крстевски.

Професоре Минас Бакалчев, како еден од авторите на проектот, колку темата на кураторката Локо (Lokko) ви олесни во изборот на проектот?

– Според зборовите на Лесли Локо (Lesley Lokko), куратор на Архитектонското биенале 2023, темата „Лабораторија за иднината“ може да се согледа како време и простор во кој се случуваат шпекулации за релевантноста на дисциплината за овој свет – и за светот што доаѓа. Токму Летната школа во манастирот Св. Јоаким Осоговски на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ беше нашето место за преобмислување на иднината како еден колаборативен напор од сите учесници. Делуваше на геополитичките трендови на своето време во бурните 1990-ти години. Во време на раздвојување – обединуваше, поврзувајќи ги различните луѓе од различните позадини во заедничкото дело.

Од самиот почеток Летната школа за архитектура нема само со архитектонско, педагошки и естетски карактер, туку наметна и еден социјален, културолошки и етички став кон светот. На почетокот на 90-тите години на минатиот век, почна со неколкумина, професорите на Архитектонскиот факултет Живко Поповски и Александар Никољски, но низ време беше поддржана од низа значајни личности, како Борис Чипан, Владимир Георгиевски, Ранко Радовиќ, Димитрије Голубовски, Антон Швајхофер, Петар Габриелчич; Гоце Аџи Митревски, Доминика Бошковска, Мартин Гулески, Зорица Блажевска, Стефан Санџаковски, Георги Константиновски, Марија Лозановска, Методије Златанов, Тихо Стојков, Благоја Чушков, Хрвоје Њириќ, Влатко Коробар, Дејвид Биги (Рурал Студио), Класке Хавиќ, Себастијан Велдхаусен, Лорин Николае, Александар Бродски, Елија Зенгелис, Хан Тумертекин, Семи Ринтала, Петер Вилсон, Мишел Ридејк, Јулиет Бекеринг, Алеш Водопивец…

На истиот начин и овој проект е изведен од многуброен тим, студенти, млади архитекти, постари архитекти, асистенти, наставници од Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје. Овој проект може да се гледа како отворено дело. Сите тие, како прво, му дадоа едно трансгенерациско протегање, второ, вткајуваа различни искуства од младост до зрелост, со различни знаења и вештини, од комуницирање до правење, ракотворење од објектите на поставката до самата поставка. Така се создаде едно вистинско школо во изворна смисла, здружување/друштво на студенти и наставници, како една ризоматска структура од која сите многу научивме.

Колку пати лично имате учествувано на летните школи?

– Јас бев во еден дел присутен на првата Летна школа, но моите формални учества започнаа со втората Летна школа од 1993 година. Раководител на Летната школа беше професорот Живко Поповски. Темата што ја постави беше „Куќа“, прва од трилогијата на сукцесивните теми, „Куќа“ (1993), „Улица“ (1994), „Маало“ (1995). Почетната структура на Летната школа беше една тема зададена од раководителот на школата и низа поттеми од менторите. Јас работев на темата „Куќа/Кула“ со група студенти, две интерпретации на моделите на куќите се изложени и на изложбата во Венеција.

Втората школа на Мартин Гулевски, „Улица“ (1994), беше единствена и по тоа што не се одржа во Стариот конак, инаку континуирано место на школите, туку во Владиковиот конак, кој ни го отстапи Владиката Кирил, затоа што во тој период Стариот конaк беше ангажиран од работниците кои работеа на системот за пренос на природен гас на Деве Баир. Учествував како ментор, заедно со Гоце Аџи Митревски, Домника Бошкова и, секако, Мартин Гулески, на темата „Дромомен“ инспирирана од записите на Валтер Бенџамин (Walter Benjamin) и Пол Вирилио (Paul Virilio).

Следеа и другите школи, а во 2005 година заедно со Митко Хаџи Пуља бевме раководители со темата „Куќа во период на транзиција“. Континуирано во низа Летни школи имавме различна улога, а во последните две како декан на Архитектонскиот факултет, бев во позадината и со поддршка на нивната реализација.

Последната Летна школа која се одржа во манастирот Св. Јоаким Осоговски во 2017 година, со гостинот тутор Алеш Водопивец со темата „Смисла за дом“, беше на горното плато, под настрешницата конструирана и реализирана од Димитар Папастеревски, заедно со Дарко Драгановски и Павел Вељановски. Стариот, Гостинскиот конак беше веќе затворен во фаза на „обнова“. Тоа беше и причината Летната школа за архитектура да најде друго место во живописното село Лазарополе. Таму ја продолжи својата историја, но тоа се веќе други приказни…

На фотографијата од лево кон десно: Гордан Петров, Димитар Крстески, Димитар Папастеревски, Саша Тасиќ, Марија Ефремова, Дита Старова Ќерими, Минас Бакалчев, Александар Петановски, Марија Петрова, Дарко Драгановски

Како се создаде тимот за ова наше претставување во Венеција?

– Од самиот почеток присуството на Дита Старова Ќерими од Националната галерија на проектот му даде една извесна позадина, на тој начин можеше на проектот да се надоврзе и да стане носител Ива Петрунова со младото здружение „Градот убав“. Така во таа композиција, излагачи од Архитектонскиот факултет, комесар од Националната галерија и носителот здружението „Градот убав“ се создаде еден инклузивен состав. Мислам дека иднината за која зборува Лесли е токму во надминувањето на авторитативните тежишта и дозволувањето на различните учесници да се вклучат и да дадат свој придонес во сите најзначајни прашања.

Колку време се работеше на проектот?

– Се ориентиравме на сеќавањата, на спомените, не на фактографија, туку на низа лични траги, записи, слики… Тој се состои од три фази: прво создавање еден замислен архив од сеќавања, приказни, слики и записи; второ, нивно каталогизирање и собирање; и трето, изложување на една заедничка маса како артефакти за едно колаборативно дело. Првата фаза подразбираше покана до низа од учесниците, домашни и странски со барање: прилог (1) текстуален коментар, приказна (околу 500 збора), и (2) избор од три слики, фотографии и/или цртежи поврзани со Школата. Понатаму следеше каталогизирање и начин на прикажување на собраниот материјал со создавање на материјалната основа на конструкцијата на изложбата.

Станува збор за еден амбивалентен проект кој, од една страна, подразбира одредена структура, хронологија, од друга страна, еден лавиринтски тeк на нејзино исполнување, објектите со слики и вертикални избувнувања на интерпретација на избраните модели и/или создавање острова од некои од моделите кои беа реализирани во текот на Школата. Тоа значи згуснување, разредување или преклопување на прикажаниот материјал. Така овој проект тргна од долу нагоре, и неговата инклузивност, кокреативност не е само зборови, иако тој навистина беше тоа, споделување на приказните на многумина.

Оваа изложба сакаше да се осврне на едно место и едно време, многу значајно за сите нас во формирање на еден уникатен педагошки експеримент, во позадината на бурните геополитички настани; подвиг, кој се чини беше зачнат уште со делото на протомајсторот Андреа Дамјанов со црквата посветена на Св. Јоаким Осоговски.

Павилјон во „Скуола деи Ланиери“ – се ориентиравме на сеќавањата, на спомените, не на фактографија, туку на низа лични траги, записи, слики

Како кореспондираат различните материјали на поставката еден со друг: дрво, 3Д модел, фотографски принт?

– Изложбата се состои од една трпеза, слична на заедничките маси во конакот на кои работевме, разговаравме и излагавме и два долапи со по 12 ниши. Овие елементи се направени од дрвена граѓа од Кривопаланечкиот крај. На трпезата се дрвени коцки во три димензии со слики од учесниците, индивидуални портрети, групни портрети, локални жители, објектите од манастирот, пределот. На секоја коцка е запишана годината и редниот број на прилозите од таа година. На тој начин сликите на коцките прават хронолошки множества. На некои од коцките се реинтерпретирани модели од проектите на школите.

На самата трпеза се поставени и моделите на павилјоните реализирани во одредените школи: Двете интервенции на Хрвоје Њириќ (2006), во ромското маало во Крива Паланка и на кејот на Крива река; Интервенциите на Александар Бродски (2011), ѕидот за зајдисонце и „амфитеатарот“ за изгрејсонце, во околината на манастирот; Капелата за природата на Сами Ринтала (2014); натстрешницата на горната платформа на Димитар Папастеревски (2017), место на последната Летна школа во манастирот. На трпезата се и три модели од трите куќи посветени на манастирот од Мартин Гулески: куќа за свеќи; куќа на сестра Злата; куќа за работа. Во нишите се избор од моделите и фрагментите на објектите од манастирот: црквата св. Богородица, црквата св. Јоаким Осоговски, Стариот конак, Конакот со висока фасада, Владичкиот конак, Лебарницата, Писарницата, Амбарот за ориз, Параклисот. Во нишите се и цртежите и скиците на Домника Бошкова и Гоце Аџи Митревски. Целиот состав формира една топографија, како психогеографски асамблаж од различните места, настани и личности.

Материјалите се различни, дрво, шпер, 3Д принт. Во некои случаи тие се во интеракција, дрвената основа е издлабена за моделот во 3Д принтот, кој станува еден вид интарзија во дрвото. Ни се допадна таа транзиција и меѓусебен дијалог на материјалите. Архитектурата тоа го содржи не како исклучивост, туку како содејство во однос на едно заедничко дело. Погледнете ја континуираната линија на рамките на која се поставени текстовите на учесниците, недостасува еден лист. Една рамка е оставена празна како прозорец преку кој се гледа позадината, сликата на светицата на ѕидот. Интеракцијата, корелацијата, дијалогот е секогаш можен, само треба да ги оставиме нештата и вистинскиот дијалог ќе се појави.

„Скуола деи Ланери“ (Scuola dei Laneri) е извонреден простор, една убава соба која се допира до интензивните текови на Венеција. И токму тој контрапункт, исклучително фреквентен ток и еден внатрешен мир на собата дава посебен карактер на изложбата, рече Бакалчев.

Македонскиот павилјон на 18. Архитектонско биенале е сместен во просторот на „Скуола деи Ланери“ (Scuola dei Laneri) во Венеција

Кураторска практика: Едноставноста на вистинската архитектура

За изложбата, Александар Петановски, еден од кураторите, истакнува дека „таа е нетенденциозна и симплифицирана на основните архитектонски принципи. Формалната организација на поставката претставува модел на враќање кон една едноставност на вистинската архитектура“.

– Пристигнавме во Венеција како колектив од над педесет луѓе со една единствена и заедничка цел, кулминација на нашата повеќемесечна работа во Скопје за претставување на македонскиот павилјон на Венециското биенале за архитектура 2023, можеби најважната церемонија на соединување на мислители и практиканти на архитектурата во светски рамки уште од 1895 година. Архитектонското биенале нуди исклучителна можност да се видиме себеси во однос на другите, да поставиме паралели со светските трендови, одлична можност директно да се споредиме со останатите колеги, еден вид огледало на она што, всушност, сме го постигнале и сме го создале. И навистина, не потфрливме, туку напротив, покрај генералната тенденција за продукција на едно површно, еднослојно мас-општество и мас-култура, успеавме да пренесеме траги коишто ќе ги сочуваат и пренесат нашите лични искуства за архитектурата како една заедничка креативна збирка на колективно знаење за иднината.

Поставките во Венеција се секогаш сложени затоа што поминуваат низ различна средина, копно, вода, копно. Без поддршка и залагање на нашите пријатели, и на оние кои го пречекаа материјалот и го составија, е невозможно да се постави изложбата. Тука беше нашинецот Илкер, со својата екипа, но и професорот Димитар Папастеревски со Дарко Драгановски и Горан Трајановски, кои на еден промислен начин го составија конструктот на изложбата. Од празна соба создадоа место од конакот на манастирот Св. Јоаким Осоговски. Работевме и се дружевме заедно како едно флуидно тело низ улиците, покрај каналите и на пијацетите на Венеција. Како и самата архитектура, изложбата останува отворена, во континуиран процес на изработка. Чувствувавме дека се создава нешто посебно и дека ова искуство ќе нѐ промени засекогаш, додава кураторот Петановски.

Автор на текстот: Љупка Делева, визуелен уметник, специјално за „Културен печат“ од Венеција

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 180, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.5.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот