Интервју со Искра Гешоска: Потребно е длабинско преиспитување на општеството

Фестивалот на критичка култура „Крик“ со секое ново издание ја потврдува определбата да биде платформа, која ќе остане отворена за секој што сака да застане во одбрана на критичката култура.

Предавањето на светски познатиот италијански теоретичар, филозоф и активист Франко Берарди – Бифо на 9 јуни го отвори петтото издание на фестивалот на критичка култура „Крик“. Активностите на фестивалот ќе се одвиваат онлајн, а серијата предавања во текот на јуни ќе продолжи со учество на познати теоретичари, како Светлана Слапшак, Џули Реше (16 јуни), Томислав Медак и Алфредо Саад Фиљо. Низ разговор со Искра Гешоска, програмски уредник на „Контрапункт“ и на „Крик“, ги откриваме главните пунктови на годинашното издание.

Заедно со Артан Садику и уредничкиот тим ја составивте програмата за петтото издание на фестивалот за критичка култура „Крик“. Поради ситуацијата со коронавирусот, фестивалот се одвива со променет формат. Кои се програмските приоритети на фестивалот годинава?

– Фестивалот „Крик“ ѝ припаѓа на агората, на оној простор на размена и конфронтација во кој може да создаваме динамични светови низ размена на заеднички и различни хоризонти, во кој ќе градиме заедници на слободата и дисензусот, на креативното и поттикнувачко несогласување кое ќе вроди со нови вредности, опирајќи се на новата теологија во која консензусот се воспоставува како единствено исправно решение, а кој може да биде погубен за емаципаторските развојни, хетерогени, разнолики врвици на општеството, кое треба да има различни бои, а не да биде орвелијански унифицирано и дистопично. Со сите политички, идеолошки, културни и филозофски императиви што ги градиме заеднички со Артан Садику, а годинава и со проширениот тим во кој се и Станимир Панајотов, Јана Коцевска, Тијана Спасовска, Петар Милат и Нејтан Барун, се надеваме дека „Крик“ навистина ќе прерасне во платформа што ќе остане отворена за секој што ќе сака да застане во одбрана на критичката култура, за секој што со став и без страв ќе плови низ општествените лавиринти спротиставувајќи се на секоја малициозност, неправда, аномалија. Годинава, јасно е дека одговорноста и грижата за заедницата нѐ принудува да ја напуштиме агората и да ги истражиме ограничувањата, но можеби и некои предности на виртуелната агора.

Програмските уредници Артан Садику и Искра Гешоска на четвртото издание на „Крик“

Форматот е променет, но ќе видиме дали резултатите ќе бидат променети. Дали ваквото организирање на разговорот, на дијалогот, на проникнувањето ќе може да промени побрзо некои нешта за кои се застапуваме или ќе го забави дополнително процесот на критичко мислење, кое може да создаде виртуелен привид на критичка култура без многу шанси за директно интервенирање во општеството. Но нашето програмско планирање останува доследно на претходните години – грижа за горливите теми што се стежнати врз плеќите на нашиот локален контекст, но и на светот. Воедно, многу ни е важно проникнувањето помеѓу уметничките, културните, па, ако сакате, и естетските начела и општествените превирања низ политичкото. Ние никогаш не ги гледаме одвоено овие текови.

Тематските рамки се поставени во насловот „Конечноста и кршливото општество – слобода, социјализам и секуларност“. Со кои претпоставки одлучивте да ја разработите оваа комплексна тема и од каде таа произлезе?

– Сепак, и покрај променетиот простор на одвивање на фестивалот, нашите програмски приоритети останаа истите оние што ги бевме зацртале уште при крајот на минатата година – за јубилејното издание на „Крик“ ја одбравме темата „Конечноста и кршливото општество – социјализам, слобода и секуларност“, наслов кој директно произлегува од книгата која „Контрапункт“ ќе ја издаде во текот на јули, а која беше повеќекратно прогласувана за најрелевантна книга во сферата на политичката филозофија во 2019 година. Станува збор за „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“, од еден од најзначајните филозофи на нашето време, Мартин Хеглунд, која ќе излезе во превод на Жарко Трајаноски.

Сакавме да се фокусираме на три главни, прилично деликатни области од нашето современо политичко и идеолошко опкружување. Станува збор за области што се клучни одредници за историјата на филозофската и на политичката мисла и ќе се обидеме да отвориме и конфронтираме различни епистемиолошки перспективи, прашања и полемики поврзани со воспоставувањето на овој (гол) живот кој постои во рамките на загрозените, изопачените, неправедните и угнетувачките општества, кои почиваат врз новите капиталистички наративи кои ја проголтуваат и ја уништуваат идејата за емпатични, солидарни заедници. Каков вид на политички, социо-културен и економски поредок би бил идеален/оправдувачки за нас како битија кои се соочуваат и не можат да ја прифатат сопствената смртност? Каков начин на живот треба да живееме и што треба да направиме колективно/заеднички, за да се овозможи коренита промена во идејата за заедниците? Како можеме да ги преиспитаме и повторно да ги земеме предвид концептите за слобода и еднаквост? Какви движења можеме да поттикнеме кои ќе го конфронтираат досегашниот концепт на заедници и ќе понудат праведни општествени концепти и практики?

Но, воедно, не сакаме да останеме глуви на актуелните случувања, поврзани со сета гнилост на светот која ја извади на површина кризата со ковид-19. Болеста, соочувањето со смртта, ја отворија бездната на многу прашања кои се товар врз плеќите на светот, а кои се поврзани со немаштијата, со нееднаквоста, со новите фашизми, со расизмот… Сите овие страдања некако мислиме дека се обединети во овогодинашниот тематски наслов на „Крик“.

Меганарациите нужно треба да се стават под лупа, и нивното авторитарно востоличување мора целосно да се редефинира, да се разложи, па и да се разобличи (Фотографија: Драган Митрески)

Колку актуелната ситуација со пандемијата на коронавирусот, но и глобалните протести по случувањето во Минеаполис, САД, ги открија „пукнатините“ на глобалното општеството?

– Она што се случува во Америка е едновремено страшно, поразувачки, но и освестувачки, соочувачки, па би рекла и поттикнувачки. Доста беше! Навистина доста беше! Иритираат фашистите кои не знаат дека се тоа додека устата им е полна со говори за демократските вредности. Иритира што ниту за една тема во општеството во кое живеам, но и глобално во светот, не може да се разговара без позиционирање, етикетирање, поларизација и вкопување во безбедните ровови на сопствените ставови и ставовите на истомислениците. Конечно, се иритирам самата себеси што сум дел од сето тоа. Останува отворено прашањето – како да ги помириме поривот за слободата и наталожените, втемелени „закони“ од доминантните култури. Како да ги живееме своите неповторливи животи, посебности, да се менуваме, и едновремено да бидеме дел од она што божем треба да биде заедница, а, всушност, е збирштина на која чувствувавме дека исконски не припаѓаме…

Минеаполис, САД ни покажаа дека дојде време за нови движења, кои ќе воспостават целосно поинакво читање на политичкото. Треба да се биде доследно скептичен кон она што се наметнува како доминантна нарација од општествените императиви кои, во најголема мера, се креираат до центрите на политичката и државната моќ. Уште одамна беше речено дека живееме во доба во која „главните, големите нарации“, кои имаат цел да легитимизираат, да уредуваат, да создаваат декрети и правила на однесување и мислење, се во криза и пропаѓаат. Таквите нарации веќе не се ни составен дел од главните филозофски системи, како што тоа било обичај порано, туку се дел од распадливите, актуелни политички системи, кои го прават овој свет несреќен и тажен. Меганарациите нужно треба да се стават под лупа, и нивното авторитарно востоличување мора целосно да се редефинира, да се разложи, па и да се разобличи. Наместо лажната еманципаторска улога на таквите општествени, политички и културни меганарации, потребно ни е можеби движење по рабовите, што подалеку од центарот (и државниот, и образовниот, и културниот), и создавање нови паралелни модели на заедници кои ќе се спротиставуваат на општествената и на државната бестијалност, неправедност, манипулативност, која се затскрива зад мекиот демократски дискурс на коректност, а всушност длабоко во себе го перпетуира паноптикумскиот, контролирачки, профитирачки за поединци, авторитарен модул на однесување и практикување на моќта.

Граѓанинот и граѓанскиот концепт е само монета за поткусурување на различните леви или десни режими. Затоа е многу важно граѓанинот да создава нови движења, нови придвижувања, нови модели на заедници кои ќе почиваат врз солидарност и емпатија, врз храброст и одлучност дека не сè зависи само од послушноста кон недоветните, авторитарни, неретко фашистички државни системи, туку врз втемелено критичко опходување врз истите. Бидејќи само така ќе можеме да ја вратиме вербата во важноста на заедницата, во важноста на солидарните, не само на збор, постоечки интеракции и вредности.

Културната сфера веќе минува низ трансформации во поглед на изведбата (реализацијата) на културните активности. Дали и критичката мисла за неа ќе претрпи промени?

– Не би можела да знам… Но она на што се надевам е дека ставени во едно поинакво физичко опкружување, конечно ќе сфатиме дека никогаш повеќе од сега не ни била потребна рефлексијата, длабинското преиспитување. Добро е да подзастанеме. Да видиме каде тоа сме трчале и брзале. Како што велеше Пол Вирилио, нашето забрзување е забрзување во празно. Па, сега ги гледаме резултатите на сета таа празнина – изгубени сме. Време е за нови парадигми. Сите императиви ни паднаа во јама, во неповрат. Секое зло, за добро… Се надевам дека обесчовечувањето кое нѐ следи со децении, ќе го преиначиме во поинакво поимање за тоа што значи меѓучовечка релација.

Покрај предавањето на Франко Берарди – Бифо, во текот на јуни планирани се предавања и на Светлана Слапшак, Џули Реше, Томислав Медак и Алфредо Саад Фиљо. На кој начин го направивте изборот на учесниците во програмата?

– Фестивалот „Крик“ уште од самиот почеток го артикулиравме како платформа која во фокусот ќе го има пара-естетичкото и која ќе се обиде да ги премости ретроградните читања на културата и уметноста, кои ги ставаат овие практики во кошот на општествената нерелевантност, правејќи ги статични, изолирани, неодговорни во однос на важните општествени теми и динамики. Платформата ја замисливме како отворена, хетерогена, интердисциплинарна и, пред сѐ, со длабока одговорност кон сите општествени и политички процеси, не само кај нас туку и во светот.

Токму тоа е и во суштината на епистемолошката парадигма на пара-естетичкото – станува збор за правец во промислувањето на светот кој ќе воспостави своевиден „лабораториски“ модел, низ кој ќе се истражуваат парадигмите на моќта, еманципаторските разгранувања на политичкото и на естетското, односно уметничките и културните, како и теориските критички практики како интегрален и поттикнувачки дел за општествените и политичките лавиринти и наложености. Нас, пред сѐ, нѐ интересира да изградиме патека која ќе ги осветли и комуницира сите репресивни облици врз граѓанството.

Врз ваквите генерално поставени рамки на нашето дејствување ја градиме и програмата и секоја година ги артикулираме учесниците. Досега, вклучувајќи ги и овогодинашните учесници, секогаш сме се обидувале тоа да бидат луѓе кои низ својата работа ги воплотуваат политичкото-уметничкото-активистичкото и кои јасно стојат на одредени идеолошки позиции, кои се во синергија со она за кое се застапуваме – критичка култура, креативна и постојана конфронтација со општествените репресивни опходувања, борба за заедничките добра и отпор кон неправедните модели кои ги практикува капитализмот преку државите.

Кон кого се упатени пораките на учесниците во новото издание на фестивалот „Крик“?

– Потребна ни е храбра, одлучна и стратешка недоверба во ПР обликуваните меганарации. Оти тие не доведоа до симболичко, но и до фактичко умирање. Верувам дека „крикот“ треба да се упати кон лажните меганарации кои се ползуваат преку општествените механизми, преку државниот апаратус, преку политичките системи и преку идентитетските манипулативни практики со кои настанува преместување според потребите на културните, политичките, историските, капиталистичките, профитерските, олигархиските, клиентелистичките, етно-национални начела, за да се даде некаков облик на легитимација и значење на авторитет. Крикот е упатен кон општествената лага што се пласира како единствена вистина. Кон културната измама што се пласира како вредносна вертикала, а не е ништо друго освен клиентелистички семинар на малкумина.

За жал, токму меганарациите, големите тоталитарни нарации му се потребни на светот за тој да се придвижува. Тие се како некој пиреј – колку повеќе некој се обидува да ги откорне, да ги деконструира, толку повеќе јакнат. И покрај падот на двете големи политички нарации, како фашизмот и комунизмот, сепак, и понатаму „владеат“ верските, националистичките, економските, па дури и еманципаторските глобалистички предрасуди, затскриени зад демократски параван, а одговорни за тивка, кадифена, но понекогаш и бестијална репресија, насилство и војна. И ден-денес многумина би убивале во името на големите нарации. А една од најопасните тоталитарни нарации е неолибералната економска нарација, која нѐ засега особено нас, кои веруваме во политичката релевантност на уметничките и културните практики.

Граѓанинот и граѓанскиот концепт е само монета за поткусурување на различните леви или десни режими (Фотографија: Драган Митрески)

Со претходните четири изданија „Крик“ стана платформа која се спротиставуваше на „културата на тишината“. Какви хоризонти открива културата на критичко дејствување низ дијалог?

– Порано копнеевме за различност, сега за вклопување. Непоколебливо „меката“ средина го претвора секого во хибрид. И, во оваа пригода да потсетиме на анархистичкиот восклик: „Иритирам, значи постојам!“. Важноста на темата доаѓа на пиедестал кога иритацијата, која е резултат на критичките капацитети за промислување на светот и барање можности за негово менување, одеднаш ќе се претвори во институција, со надалеку видливи гласноговорници и постојани соработници, со служба за корисници, со извештаи на експерти. Критичкиот нагон заради рефлексивната иритација го задушува гневот и му го остава приматот на билбордот, како место на кое се рекламира промената на светот.

Повеќе од 20 години повеќето од нас говорат за опасноста од појавата на општествените „кластери“, со висока вирулентност и со сериозна респираторна закана, какви што се клиентелизмите, клановите, групирањата според интерес, а не според заслуга и јасно воспоставени вредносни системи, во кои отсуствуваат критериумите за верификација на квалитетот кој може да создаде база за отворено демократско општество, кое ќе почива врз принципите на знаење (не според диплома, туку според дела), заеднички добра и заеднички интереси. Сѐ додека тоа не се промени, нашите хоризонти ќе останат стеснети во културата на тишината и молкот, а нема никогаш да запловиме кон придвижувачката критичка култура.

„Ние ќе пропаднеме затоа што во историјата на човештвото сме го пропуштиле мигот да ја засноваме слободата“, вели Робеспјер во својот последен говор. Па, треба да го имаме на ум ова негово сознание.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 35, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 13-14 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот