ИНТЕРВЈУ со Игор Иванов: Македонската кинематографија веќе не е мала бара со многу крокодили

Филмскиот режисер и актуелен претседател на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), Игор Иванов – Изи, веќе 20 години е член на ова филмско еснафско здружение, а со филмската уметност се занимава и подолго време, што е силна основа за да може точно, прецизно и длабоко да ги анализира состојбите во македонската кинематографија.

Друштвото на филмските работници на Македонија оваа година одбележува 70 години од основањето. Почетокот на прославата на јубилејот ќе биде означен со годишната ревија на македонски филмови „Златна рамка“. Централна прослава на 70-годишнината на ДФРМ ќе се одржи во мај, а јубилејот ќе биде заокружен на ИФФК „Браќа Манаки“ во септември.

Како филмски режисер Игор Иванов во своето портфолио има две долгометражни, повеќе кратки и документарни остварувања, а работел и како режисер на епизоди во повеќе телевизиски серии, но фокусот на разговорот го ставивме на активностите на ДФРМ и на состојбите во македонската кинематографија.

ДФРМ го најави второто издание на филмската ревија „Златна рамка“. Од каде се појави иницијативата, воопшто, за одржување ревија во која ќе бидат прикажани сите филмови од годишната продукција?

– Кога дојдов на позицијата претседател на ДФРМ, тоа го направив со апликација што содржеше програма. Размислував дека на ДФРМ му треба некаква реформа и разговарав со колегите што би требало да се направи. Дојдовме до заклучок дека може ќе биде добро да ја преземам функцијата претседател на Друштвото. Пред две години ја добив довербата на ДФРМ и во мојата програма беше вклучен таков настан, затоа што македонската кинематографија веќе дојде до тој степен да има доволно филмови за една таква ревија.

Од една страна, порано немаше толкава продукција, но од друга страна, можеби вистинскиот мотив беше што во изминатата декада беа снимени филмови што никој никогаш не ги видел. Едноставно, се снимаа некакви документарни и кратки филмови, кои имаа некаква чудна премиера на чудно место. Премиерата била пријавена во Агенцијата за филм, а потоа филмот никаде го немаше. Ниту критиката ниту публиката немаа увид во тоа што сѐ е снимено и каде се потрошени јавните пари. За нас беше важна демистификацијата на македонскиот филм и на тоа каде се потрошени јавните пари. Затоа што, сѐ што е вредно самото избива на површината и си го наоѓа својот пат, а она што е безвредно не би смеело понатаму да се рециклира, односно тие автори и продукции што прават филмови што никаде не можат да се видат, не би смееле и понатаму да добиваат пари од државата во име на некакви извештаи.

Покрај основниот мотив, „Златна рамка“ дава можност и за дружење меѓу филмските работници, ќе има и признанија за заслужните, а целиот настан ќе биде отворен со Редовно собрание на ДФРМ.

На собранието, меѓу другите теми, планирате да разговарате и за дефинирањето на статусот на филмските работници. Со каква цел?

– Целта е следнава – филмските работници се поделени во две категории: филмски автори и филмски професионалци (работници). Филмските автори, кои не се вработени, а таков е случајот со најголемиот број од нив, имаат право во Министерството за култура да конкурираат за субвенции за пензиско и здравствено осигурување. Дел од нив тоа право го остваруваат. Но филмските работници, а тука станува збор за огромна листа на луѓе и професии, како шарфер, мајстор на сцена, фар-мајстор, гафер, односно мајстор на светло, гардеробер, асистент-костимограф, луѓе што работат со сценографијата, а не се сценографи како автори и многу други професии, сите тие работат тешка, макотрпна работа, најчесто по 12 часа дневно, на терен, во планина, во екстремни услови за хонорар, а кога ќе бидат веќе физички немоќни да останат во професијата, ќе останат и без пензиски надоместок.

Тие луѓе не се некаде вработени, како што има во театрите, или во опера и балет и во други институции, туку тоа се фриленсери што заслужуваат да имаат решен статус. Некои велат, зошто самите не си плаќаат за пензиско и здравствено осигурување!? Како прво, тие самите не можат да си плаќаат бидејќи немаат секогаш континуирана работа. Како второ, секаде во светот и во сите кинематографии постојат начини, колективни договори, агенции преку кои се решава статусот на филмскиот работник. Ние сметаме дека на членовите на ДФРМ, а станува збор за стотина луѓе, бидејќи Македонија има мала кинематографија, треба да им биде решен статусот. Во минатото тие биле вработувани во „Вардар филм“, а по распаѓањето на Југославија и трансформацијата кон приватни продуцентски куќи, тие луѓе останаа без никаква поддршка и поткрепа од државата.

Право на субвенции имаат филмските автори, какви што се режисери, сценаристи, директори на фотографија, монтажери, сценографи и костимографи, додека сите други професии што учествуваат во градењето на сцената, сите луѓе што работат зад камерите, заслужуваат да имаа свој статус.

Како во ДФРМ гледате на минатата година, која со продуцирањето на седум филмови беше една од најуспешните во последните 15-ина години?

– Тоа е фантастично, сѐ до моментот додека нашите капацитети тоа го дозволуваат. За среќа, во најголем дел од филмовите стануваше збор за копродукции, каде што разменуваме луѓе, искуства и екипи со други продукции и сето тоа нашата кинематографија можеше да го поднесе. Имаше извонреден ангажман на најголем дел од македонските филмски работници и сите можеме да бидеме задоволни од учинокот.

Колку македонската кинематографија има капацитети да одржува таков обемен тип на продукција?

– Прашањето на креативниот капацитет е добро прашање и тоа треба да се измери со одредени параметри. Од позицијата од која настапувам, како претседател на ДФРМ, не би можел да кажам ништо дополнително, освен афирмативно да ја поддржувам зголемената продукција. ДФРМ, меѓу другото, е и синдикална организација, а во својата примарна дејност ги има поддршката и подобрувањето на условите за производство на македонскиот филм. Во таа смисла, сметам дека тој тренд апсолутно треба да продолжи и дека ние имаме капацитет, особено имајќи ги предвид генерациите што доаѓаат, кои тоа и го потврдуваат. Отворени се нови филмски школи, Македонија произведува многу поброен филмски кадар од претходно, мислам дека имаме задоволително глумиште во однос на тоа колкава земја сме и сето тоа ги создава капацитетите за поголема продукција. Мислам дека филмовите што набрзо ќе излезат, тоа и ќе го потврдат.

Разговор со Игор Иванов (Фотографија: Снежана Нена Гиевска)

Каков е Вашиот став во однос пропорцијата квантитет – квалитет на филмовите што се продуцираат?

– Ова е мое лично мислење, од позиција на гледач на тоа што се продуцира во македонската кинематографија, и сметам дека квалитетот е подобрен и понатаму одиме кон уште подобар квалитет. Тоа најмногу се должи на фактот што во последниве неколку години има сѐ помалку „чудни“ проекти што се финансирани. Значи, „чудните“ проекти се тие за кои, едноставно, не е јасно зошто се снимени, која е естетската платформа и која идеја стои зад одредено кинематографско дело, а имало и филмови од кои, како филмаџии, сме се срамеле дека воопшто таков филм во Македонија е направен. Сметам дека ние тоа не го заслужуваме и дека заострените критериуми, за кои јас се залагам од моите почетоци во ДФРМ, може да дадат само позитивни ефекти.

ДФРМ е оперативата на македонската кинематографија, но финансиите се кај Агенцијата за филм. Каква е комуникацијата на ДФРМ со Агенцијата?

– Имаме одлична комуникација во последниве две години. Претходно Друштвото остваруваше тешка комуникација. Тоа можам да го кажам, иако не бев на раководната функција. Се отвораа паралелни здруженија, дури и тогашното раководство на Агенцијата за филм учествуваше во поддршка на тоа дека не се знае точно дали фестивалот „Браќа Манаки“ му припаѓа на ДФРМ или на Градот Битола. Иако е неспорен фактот чиј е фестивалот, но така се покажа дека односот кон ДФРМ не беше добар.

ДФРМ постои од 1950 година, значи веќе 70 години. Редовен член е на ИМАГО, а од оваа година и на ФЕРА (Европска федерација на филмски режисери). Ние сме институцијата која од американската Академијата за подвижни слики, уметност и наука е препознаена дека треба да го одредува националниот кандидат за Оскар. ДФРМ никогаш не аплицирало за таа позиција, туку Академијата го препознала како релевантниот фактор во државата на кого му ја доделила таа функција. Исто така, критериумите за влез во ДФРМ се строго пропишани и не може кој било да стане член на друштвото. Затоа сметам дека ДФРМ има право да учествува во креирањето на политиката за филм во Македонија, има право на постојана и редовна комуникација со Агенцијата за филм, што е случај во моментов, а што не беше така порано, и мислам дека соработката со Агенцијата треба само да се зголемува.

Меѓу темите за кои ќе разговарате на Редовното собрание на ДФРМ на 14 февруари ќе биде и начинот за финансирање на филмовите. Зошто ја отворате оваа тема?

– Бидејќи филмската дејност изгуби 3 проценти од Лотарија и обложувалниците, како најголем дел од алтернативните извори. Покрај тоа што државата одвојуваше буџет за филмската дејност порано имаше и алтернативни извори. Откако таа поддршка ја изгубивме, дупката во финансирањето не беше надоместена. Финансиите за снимањето на филмовите сега доаѓаат само од државата, од националните телевизии и мал дел од кинобилети, што не е доволно. Националните телевизии, исто така, имаат анимозитет кон поддршката на филмската дејност и не сакаат да сфатат дека кога остваруваат добивка од комерцијални програми, одреден процент мора да оди за поддршка на националната кинематографија. Тоа е европскиот модел по кој сите функционираат. Ако сакаме да бидеме дел од Европа, мора да го почитуваме тој модел.

Често се прават споредби со американската филмска продукција, но во Америка филмот е бизнис, а во Европа уште на почетокот големите европски држави, како Германија и Франција, стигнале до заклучок дека филмските продукти не можат да одат на слободен пазар и затоа се формирани Еуримаж и други регионални и национални филмски фондови. Националните кинематографии на која било европска држава никако не можат да ѝ се спротивстават на американската индустрија. Затоа во Европа кинематографијата има национален префикс. Затоа мора да се изнајдат и алтернативни извори на средства.

Како гледате на неверојатниот успех што го оствари документарецот „Медена земја? Дали тоа е дел од некаков „систем“ или, пак, е „инцидент“ што ни се повторува на секои 25 години?

– Успехот во Македонија, во сите сфери, за жал, е производ на „инцидент“. Тоа го покажува нашата историја. И во спортот и во културата и во уметноста, сите наши големи успеси се успеси што се надвор од некаква стратегија или систем. За среќа, успехот на македонската кинематографија во текот на минатата година има врска со подобрувањето на состојбите во македонскиот филм во институционална смисла. Член сум на ДФРМ од 2000 година и можам да констатирам дека во последниве две години за првпат функционираме нормално како фела. Нема искрења или струења меѓу нас, како што беше во минатото. Македонската кинематографија веќе не е мала бара со многу крокодили. Сметам дека и младите генерации почнаа да разбираат дека политиката не е критериумот што одредува кој ќе снима. Тие влијанија постојат и ќе постојат, но сепак квалитетот има голема улога и она што е квалитетно успева да излезе на површината.

Од кои причини ја објавувате брошурата „Прирачник за филмаџии“?

– Брошурата функционира на две нивоа. Првото ниво е краткиот осврт кон тоа што е ДФРМ и што значи да се биде филмски работник. На некој начин тоа е своевиден буквар за филмските работници да ги знаат своите основни права и обврски. Вториот дел од брошурата се занимава со филмската терминологија. Во однос на употребата на термините во филмската дејност во моментов има една мала папазјанија и за иста работа се користат термини од различни говорни подрачја, најчесто германски или од просторот на поранешна Југославија. Ова ќе биде прв обид за стандардизирање на филмската терминологија и номенклатура што е во употреба во македонската кинематографија.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 17, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 февруари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот