Интервју со д-р Нино Васев за „Слободен печат“: Расте бројот на заболени од рак на дојка, но смртноста се намалува

Ранливоста на пациентите со малигни заболувања за време на пандемијата на коронавирусот е релативна, но секако дека постојат одредени предизвици поради делумно ослабениот имунолошки систем и здравствената состојба генерално, вели д-р Нино Васев во интервјуто за „Слободен печат“.

Октомври е Месец на борбата против ракот на дојка. Во светот, особено во повеќе развиени земји, појавата на нови случаи на малигни заболувања се зголемува од година во година. Дали се зголемува бројот на случаи со рак на дојка и кај нас?

– Инциденцата за рак на дојка во сите развиени држави бележи лесно зголемување секоја година, но морталитетот повеќе се намалува, така што имаме вкупно благо намалување на кривата на смртност и кај нас.

Доктор Васев, што е клучно за рано откривање на ракот на дојка, а со тоа и спасување на животот?

– Раната детекција е најважна, односно подигнувањето на свеста дека секоја жена може да заболи од рак на дојка. Колку што во порана фаза се доаѓа на преглед и што порано се открие, стадиумот на карцином е помал и е излечив.

Од тука, посетата на доктор и редовната мамографија после 40-та година од животот на жената е многу важна. Мамографија е задолжителна и најчесто се прави на една или на две години и тоа зависи од достапноста и од ресурсите што ги има некоја држава. Значи, на две години по 40-та година од животот би било сосема во ред да се прави мамографија.

Ехо на дојка може да се прави и после 25-годишна возраст.

Самопрегледот знае многупати да ги збуни жените, мислејќи дека ако ништо не почувствувале на допир, немаат ништо и не одат на лекар, но подоцна веќе кога ќе се јават кај лекар доаѓаат заболени во подоцнежен стадиум на ракот на дојка.

Кои се симптомите на рак на дојка на кои жените треба да обрнат внимание?

– Секоја промена на изгледот на кожата на дојката и воопшто самата дојка се многу важни знаци. Особен аларм се црвенилото, рапавата кожа и каква било напипана тврдост во самата дојка.
При секое црвенило на дојка кое трае повеќе од неколку дена и не поминува, апсолутно треба да се посети лекар. Исто така, при исцедок од дојка, што од 20 случаи во еден случај само може да биде проблем, не е лошо жената да се јави кај лекар, особено ако има некој чуден исцедок од дојката, а не може да објасни зошто. Трето, кога на допир ќе почувствува некоја тврдост, што обично се случува при туширање. Во спомнатите случаи, жената веднаш треба да посети лекар кој работи со болести на дојката.

Се препорачува и самопреглед, односно еднаш неделно дојките треба да се испипаат. Може дури и еднаш месечно да биде, ако тоа се прави секогаш во истиот ден, односно во период на една недела по менструација, што е идеален термин за самопреглед на дојка.

Дали постои превенција од заболување од рак на дојка и кои се ризичните фактори за појава на ова малигно заболување?

– Не постои такво нешто, раното откривање е единственото нешто кое може да го подобри текот на ракот на дојка и нејзино излекување. Докажано е дека исхраната не е директна причина за рак на дојка. Апсолутно докажано е дека ракот на дојката е поврзан со стилот на животот и со модерните стресови, па оттука и најголем процент на рак на дојка има во највисоко развиените западни земји.

Во околностите што ни се случија со пандемијата на коронавирусот, постојат неколку клучни прашања: Како се одржува нивото на грижа за пациентите со карцином во време на корона-кризата? Како се обезбедува континуитетот во снабдувањето со лекови и достапноста на започнатото системско лекување, односно на контролно-терапевтските процедури? Постои ли простор за загриженост кај овие пациенти?

– Со придржување кон мерките на Владата и на Министерството за здравство, кон кои се приклучи и нашата клиника со низа заштитни и превентивни мерки, успеавме да го намалиме присуството на пациенти со доставување на таблетарна терапија до дома. Тоа го правиме со помош на групите за борба против рак на дојка, „Борка“, „Љубов сме“ и останатите, како и со Црвениот крст, кој бесплатно и прецизно со минимални доцнења им ја доставуваше терапијата до куќниот праг.
Инаку, работниот тек на клиниката е голем, тој и пред ковид-кризата ги надминуваше нашите просторни капацитети. Но, за беспрекорно функционирање потребна е и голема соработка од пациентите, како и поголема трпеливост, особено имајќи предвид дека сепак сме во состојба на посебно здравствено искушение како ковид-19.

Зошто пациентите со малигни заболувања спаѓаат во групата на ранливи категории, особено за време на пандемијата на коронавирусот?

– Ранливоста е релативна, постојат одредени предизвици поради делумно ослабениот имунолошки систем и здравствената состојба генерално. Ризикот е најмногу во тоа што пациенти кои имаат какви било симптоми на грип или слично, не треба да доаѓаат на Клиниката за онкологија додека не го посетат матичниот или друг лекар, особено заради фактот да не предизвикаат ненамерно ширење на болеста на другите пациени и здравствените работници.
Инаку, сета друга терапија и нејзина апликација се одвива нормално, а тоа е и потребно, со оглед на фактот дека онколошката болест е, сепак, од голем приоритет да се лекува.

Кои заштитни мерки треба да ги преземат пациентите со малигни заболувања? Што треба да преземе лице заболено од рак ако се посомнева дека е заразено со коронавирус?

– Да се јави на матичниот лекар или во здравствената установа, како и кај својот онколог со повикување на телефонскиот број 078/ 364 629, кој е веќе во функција шест месеци за потребите на пациентите, за нарачка на таблети или слично. Истиот телефонски број е објавен на страницата на Министерството за здравство.

Клиниката за онкологија и радиотерапија со помош на групите за борба против рак на дојка, „Борка“, „Љубов сме“ и останатите, како и со Црвениот крст, успеа да го намали присуството на пациенти на клинката во ковид-кризата поради нивна заштита и бесплатно и прецизно со минимални доцнења им ја доставува терапијата до куќниот праг.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот