Интервју со академик д-р Драган Јованов: Со употребата на фитомедицината успехот кај пациентите е неминовен

приватна архива

Академик д-р Драган Јованов при Европската академија на науки, со фитомедицина започнал да се занимава од лична причина, или како што ни откри, по смртта на мајка му која починала млада, а лек за болеста не успеале да најдат во современата медицина. Тој денес посветено работи на едукација на деца, млади и возрасни за тоа што е фитомедицината и како користењето на билките може да им помогне во подобрување на целокупното здравје, на подолгорочен период.

Моето мото гласи „Ако успеам да спасам барем еден човечки живот, не живеам залудно“. Фитомедицината е наука во која се изучуваат лековитите својства на растенијата и претставува метод на лекување, одржување и спречување на болести и тегоби со употреба на цели лековити растенија или нивни делови (корен, лист, цвет и др.) во вид на чаеви, тинктури, етерични масла и екстракти – вели соговорникот.

Колку кај нас луѓето се запознаени со современата фитомедицина и нејзината примена?

– Луѓето не се доволно информирани за природниот начин на лекување. Неопходно е да се има еден поинаков пристап кон растенијата, кои, пред сè, се наоѓаат на наше тло, бидејќи се работи за здравјето на секој од нас. Токму затоа секојдневно вршам едукации на население и на ученици од основните и средните училишта. Она што темелно го разработувам е спој на воведени нови елементи во методите на лекување лично од моја страна, во комбинација со лековитите растенија што постојат во Македонија, а со кои таа изобилува. Буквално сè ни стои на располагање и потребно е само малку време и интерес да си го продолжиме животниот век. Сегашниот начин на живот ни носи многу болести и заболувања, но колку и да се бројни видовите на болести, секогаш се побројни лековитите растенија со кои можат да се излекуваат болестите.

Современата фитомедицина е лекување со помош на билки. Дали воедно, ако секојдневно се користат тие билки, за различни состојби, можеме да си помогнеме на подолг период, односно да влијаеме позитивно на имунитетот и целокупната добра општа здравствена состојба на организмот подолгорочно?

– Кога се лекувате со фитомедицински препарати треба да бидете трпеливи, бидејќи нивното дејствување е побавно, но подобро, она што лесно се стекнува лесно и се губи, она што долго трае станува составен дел од нашата отпорност и издржливост. Лековитите растенија можете да ги употребувате за сите здравствени проблеми, а зависно од стадиумот и тежината на болеста, зависи колкав ефект ќе постигнете. Со нивна правилна, континуирана употреба во организмот внесувате неопходни супстанции за вашето здравје (етерични масла, витамини, природни антиоксиданти, флавониди, минерали, ензими и др.) го зајакнувате вашиот организам, станува поотпорен, ги подобрувате метаболитичките процеси, ги отстранувате штетните материи од организмот и не постои дефицит од најпотребните материи.

Дали постои опасност од презаситување на организмот со некои состојки од билките и можност за негативна реакција?

– Опасност од лековитите растенија не постои доколку правилно се употребуваат. Негативна реакција може да има доколку ги консумирате во исто време со медикаменти, доколку консумирате некое отровно лековито растение, или доколку консумирате погрешни лековити растенија за некоја дијагноза одредена од доктор. Лековитите растенија се безбедни и може секој да ги консумира во зависност од возраста и во зависност дали организмот боледува од некое здравствено заболување. Мој совет е само да се земаат во консултација со стручни лица, бидејќи во спротивно нема да се постигне вистинскиот бенефит. Од презаситеност може да дојде до гадење, повраќање во крајни случаи ако се консумира отровно растение и смрт.

Од една страна сите сме свесни дека природното е најдобро, дека од природата ги имаме најубавите и благодатни дарови, но од друга страна кога ќе дојде до некоја болест или состојба, сите посегнуваме по хемиски препарати, кои побрзо го средуваат проблемот. Како да го смениме тој наш став?

– За да ја користиме повеќе природата, потребна е промена на свеста и чести едукации на населението од најмлади до највозрасни. Луѓето кои живеат во руралните предели прво посегнуваат по природни препарати, за разлика од оние кои живеат во централните градски подрачја. Со употребата на фитомедицината успехот кај пациентите е неминовен. Секако само со одговорни пациенти, бидејќи лекувањето со современата фитомедицина е темелно, постепено и не е едноставно, тука има систем, програмa со различни дијагнози, различен е пристапот. Бидејќи живееме во премногу стресна средина и премногу стресно општество, мојот совет е, луѓето прво да го променат односот кон стресот, кој е најголем причинител за заболувањата, да ја применуваат современата фитомедицина минимум 2-3 пати неделно, да се повеќе активни, да пијат повеќе течности и да се релаксираат со некои медитативни техники.

Децата се најнежни во однос на здравјето. Од мали нè учат дека топло чајче е добро ако сме болни и настинати. Денес мајките постојано се во потрага по разни препарати за подобар имунитет. Дали можат да се потпрат на фитомедицината и што вие им препорачувате особено во овој период на ладни денови и температурни промени?

– Секако дека можат да се потпрат на современата фитомедицина, која многу може да им помогне на децата. Во периодот на грипови, настинки, вируси, најдобро нешто што можат да консумираат децата се чаевите за зајакнување на нивниот имунитет и за нивно добро општо-психофизичко здравје. За подобар имунитет во овој период предлагам да се консумира: планински чај, мајчина душичка, ехинацеа, коприва, камилица, лимон, портокал, боровница, малина, капина, аронија и др. Секако во комбинација со фитоисхрана. А, за настинки препорачувам: тегавец, еукалиптус, див лук, бозел, босилок, бел слез, камилица, жалфија, ајдучка трева, маточина, нане, куркума, ѓумбир, смрека, калинка и др.

Секојдневно се рекламираат препарати на „природна база“, кои средуваат најразлични проблеми. Искрено кога ќе видам таква реклама, не верувам од причина што ако нешто реагира толку брзо, убедена сум дека мора во себе да има некоја хемија. Се сложувате со ова?

– Сè што е лабораториски изработено не може да биде природно. Според упатството на препаратот ќе видите што содржи во составот и ќе препознаете дали е препаратот природен или има некој хемиски додатоци.

Дали во периодов на светска пандемија има зголемен интерес кај луѓето за користење природни препарати за подобар имунитет и заштита на здравјето?

– Покрај сè што се случи со пандемијата, луѓето секојдневно сè повеќе и повеќе ѝ се враќаат на природата и ги користат нејзините бенефити. Природните препарати за подобар имунитет и за заштита на нашето здравје се најбарани и е зголемен интересот на пазарот во Македонија и во другите европски и светски земји.

Луѓето знаат да излезат во природа и да соберат билки затоа што знаат по нешто за нивните позитивни својства. Колку сметате дека ова е опасно (до некаде), со оглед на фактот дека од различни растенија се користат различни делови за различни намени?

– Ако знаат нешто за нивните лековити својства не е опасно. Но, треба да се внимателни затоа што има налик слични лековити растенија, да не погрешат да соберат отровно, што може да биде фатално по нивното здравје. Лековитите растенија што нè опкружуваат на секој чекор и кои најчесто ги одминуваме не забележувајќи ги, во многу случаи можат да бидат пресудни и да нè ослободат од навидум неизлечливи болести. Но, често потенцирам – ако не сте сигурни не ги собирајте, а исто така, од која било планина да собирате лековити растенија, оставете 20 отсто од површината со билки, не ги собирајте сите, за да има повторна репродукција и што повеќе лековити растенија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот