Интервју | Марк Галеоти: Се чини дека ЕУ секогаш чека Русија да стори нешто толку безобразно грдо за да ја принуди Европа да се обедини

Д-р Марк Галеоти е еден од луѓето кои навистина ја познаваат Русија одвнатре и ја проучуваат нејзината современа политика и историја. Работи во Институтот за меѓународни односи во Прага и е директор на консултантската компанија „Мајак интелиџенс“ (Mayak Intelligence).

„Капитал“: Посетата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Џозеф Борел на Русија на почетокот од јануари беше опишана како „понижувачка“. Зошто тој и ЕУ дозволија ваква ситуација?

Галеоти: Господинот Борел е последниот во долгиот список странски лидери и политичари, кои се уверени дека тие, и само тие, имаат квалитети да разговараат со Русите и да постигнат договор. Пред посетата имаше предупредувања дека не е време да се оди таму, или барем, ако отиде, требаше да има многу силна европска порака за казната на Алексеј Навални. Но, тој замина со празни раце и претходно разоружен. И, како што знаеме, Русите не пропуштаат да ја искористат можноста, тие не земаат затвореници, туку пукаат директно.

„Капитал“: Дали оваа демонстрација на сила е предизвикана од опипливата нервоза на Кремљ поради протестите во Русија и она што се случува околу Навални?

Галеоти: Да, има врска со тоа. Кремљ традиционално применува поцврста линија надвор токму кога се чувствува понервозно, за да го смири чувството на слабост.

Всушност, и покрај целата нивна реторика, Кремљ е реален, таму ја знаат релативната моќ на Русија во споредба со САД и ЕУ како целина. Добро ја познаваат и внатрешната напнатост. Знаат дека прокремлиновската партија „Единствена Русија“ е популарна околу 31%, а парламентарни избори доаѓаат во септември. Рејтингот на довербата кај претседателот Владимир Путин, што е поиндикативно од неговиот рејтинг на одобрување, е околу 29%. Не дека Кремљ е загрижен бидејќи утре ќе бидат одвеани, но постои претпазливост и чувство дека сега е време да се покаже сила.

Покрај тоа, Путин и неговото окружување се обидуваат да го избегнат белоруското сценарио. Таа евентуалност може да е далеку во иднината, но Кремљ се обидува да спречи ситуација во која државата војува со сопствениот народ. Тие се обидуваат да ги држат работите под контрола, да изгледаат самоуверено и цврсто со уздите, така што никој да не помисли дека има какви било предизвици.

„Капитал“: Ако се потсетиме на клишето дека самата Русија си е својот најголем непријател, дали може овие активности да се вратат како бумеранг и да ја направат поголема веројатноста дека ќе ѝ бидат воведени нови санкции?

Галеоти: Многу е веројатно дека ќе има нови персонални санкции од ЕУ и САД, како и Велика Британија, против одредени лица кои можат да се најдат со замрзнати средства или забрана за патување на Запад.

Но, Кремљ не се грижи за тоа. За него, она што се случува е егзистенцијална политичка битка. Тоа е обид Русија да се воспостави како голема сила што треба да се третира како таква. И ако се санкционираат неколку олигарси, министри и службени лица – добро, тоа е цената што треба да се плати. Проблемот е што Запад премногу долго се потпира врз овие лични санкции. Ако во 2014 година по анексијата на Крим тие беа шок, Кремљ е сега навикнат на оваа постојана потенцијална закана и тоа не е многу важно, вклучително и затоа што имотот на луѓето најблиску до Путин се веќе во Русија или ги држат полномошници и не може да биде погодени од санкции.

„Капитал“: Можеби се во право, барем што се однесува до надворешната политика на Русија, бидејќи ЕУ е безнадежно поделена околу тоа. Зошто на Унијата ѝ е толку тешко да се справи со земја чиј БДП е ист со шпанскиот?

Галеоти: Русите размислуваат на следниот начин: да, БДП е важен, но особено кога станува збор за надворешната политика, тие сметаат дека националната волја е апсолутна одлучувачка сила. Според нив, ЕУ нема волја, бидејќи е зависна од консензус, од сите нејзини структури и вредности, кои од руска гледна точка ја попречуваат да делува.

Другото е поделба и начинот на кој ЕУ ја спроведува својата надворешна политика. На пример, Германија сè уште е предводена од луѓе кои би сакале да ја вклучат Русија. Од друга страна, Полска гледа на Русија како нешто слично на Мордор, нација на злото, која никогаш не може да се промени. Постојат и земји како Италија или Бугарија, кои би сакале да имаат одреден простор за позитивни односи со Русија врз прагматична основа. Во овој контекст, зачудуваше колку цврста линија зазеде ЕУ со Велика Британија – сојузник на НАТО, водечки трговски партнер итн. – во преговорите за Брегзит. И, истовремено, колку се слаби во однос на Русија. Одговорот може да биде дека Брегзит не бил во рацете на Европската служба за надворешни работи.

 „Капитал“: Како може ЕУ да оствари функционални односи со Русија?

Галеоти: Русите се многу прагматични. Тие сакаат две работи: прво, признавањето, да се третираат со почит на начин на кој тие тоа го разбираат; и, второ, трговија, инвестиции, размена, сè што е добро за двете страни.

Сепак, ЕУ не го артикулира она што го сака од Русија. Русија знае што сака, Европа не знае. И ова е еден од проблемите. Другото е дека Русите го припоија Крим, продолжуваат со нивната недекларирана интервенција во Донбас, ги негираат обвинувањата за обид да се прикрие соборувањето на летот МН-17 над Украина и труењето на луѓе дома и во странство. И, се чини дека ЕУ секогаш чека Русија да стори нешто толку безобразно грдо за да ја принуди Европа да се обедини. Но, Москва нема да го стори тоа, нема да ја нападне Естонија или нешто слично. Русите нема да ја завршат работата на Европејците за нив и да им наметнат единство.

„Капитал“: Колку е Навални опасност за Кремљ?

Галеоти: Тој е закана на три нивоа. Прво, како личност, затоа што е многу харизматичен и решителен, како што покажа со враќањето во Русија, знаејќи дека ќе биде уапсен и затворен.

Второ, неговата кампања за „паметно гласање“ и обединување зад кандидатот кој има најголеми шанси да се спротивстави на претставникот на „Единствена Русија“ може да биде проблематична. Не затоа што тоа значи дека Кремљ ќе ја изгуби контролата над парламентот, тоа нема да се случи, туку затоа што ја принудува владата да стори повеќе за да го контролира гласањето. Како што видовме во Белорусија, очигледните фалсификати на изборните резултати можат да бидат опасни.

И, трето, повеќето луѓе кои одат на демонстрации не се обемни. Тие не протестираат поради Навални, туку затоа што им е преку глава, затоа што се незадоволни од уште еден куп работи. Големата сила на Навални е што тој обезбедува ваков вид катализатор околу кој може да се собере и манифестира целото ова незадоволство. Затоа Кремљ мораше да го стави во затвор за да го извади од равенката и да биде заборавен во следните неколку години. Навални е закана главно затоа што има многу латентно незадоволство во Русија и тој е човекот кој успева да го обедини тоа незадоволство.

„Капитал“: Има ли Кремљ план да се справи со ова незадоволство?

Галеоти: Не знам дали ќе успее, но има план и се состои од две линии. Едната е големиот национален проект, овие големи планови за надградба на инфраструктурата и слично, кои делумно се наследство на Путин, тие се неговите пирамиди. Но, ова се долгорочни проекти, ќе поминат години пред луѓето да почувствуваат каков било ефект од нив. Затоа, другата линија е краткорочна – кога ќе се појави проблем, владата фрла одредена сума пари или репресија врз проблемот. Кремлин го правеше тоа со години и се надева дека ќе може да ги смири проблемите доволно долго, за големите, убави национални проекти да решат сè.

Но, прво, националните проекти нема да решат сè. И, второ, не мислам дека владата сè уште може да се справи со малку репресија и малку пари долго време. Во моментов, коронавирусот ги замрзна работите, но до крајот на годината, кога епидемијата ќе се смири и ќе дојдат изборите, ќе разбереме колку се трпеливи Русите кон нивните владетели.

Преземено од „Капитал“ од Софија

Од биографијата на Д-р Марк Галеоти: Предавал на „Кембриџ“, Кил, Рутгерс-Њуарк и московскиот МГИМО. Беше специјален советник на британското Министерство за надворешни работи за постсоветски организиран криминал и руски специјални служби. Автор и уредник е на над 20 книги за Русија. Колумнист е за „Москоу тајмс“, „Бизнис њу Еуропа“ и „Вор он рокс“ (Moscow Times, Business New Europa и War on the Rocks), a и има свој блог „Во московските сенки“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот