Интервју | Лидија Димова: Сите што пријавивме 2,2 милиони евра злоупотребени европски пари што ОЛАФ бара да ги вратиме – трпевме реперкусии!

Лидија Димова / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Пријавата ја поднесов лично во декември 2019 година кај обвинителот Љубомир Јовевски. Немаше никакво движење, па наредната година прашав што се случува со пријавата. Денеска се навршуваат 4,5 години како мојата пријава за Скопското обвинителство е во предистрага, не знам дали тоа е законски дозволено, вели Димова за „Слободен печат“.

Во декември 2019 година Лидија Димова, тогашна директорка на Агенцијата за европски програми и мобилност, лично кај јавниот обвинител Љубомир Јовески поднела кривична пријава и докази за сомненија дека се злоупотребени 2,2 милиони евра европски пари од програмата за развој на образованието „Еразмус Плус“.

Четири ипол години подоцна Обвинителството нема почнато ни истрага за пријавата, туку уште се во предистрага, но тоа најверојатно ќе се промени откако ОЛАФ побара од македонскиот државен буџет да се вратат истите тие 2,2 милиони евра кои се наведени во оваа кривична пријава. Димова, освен во македонското Обвинителство, наводните злоупотреби ги пријавила и во Брисел, па оттаму се покажаа побрзи и поажурни.

„Слободен печат“ со увид во кривичната пријава констатираше дека се работи за пријава против 23 лица и фирми (има туристичка агенција, физички лица, училишта итн.), за добро разработена мрежа која според наводите го правела и возможното и невозможното за само една мала група да ги добие парите од „Еразмус плус“. Според пријавата, за 21 проект финансиран од Европската комисија 2,2 милиони евра завршиле кај истите луѓе и тендерите ги добиле истите две фирми поврзани со овие луѓе, а за тоа имало одлична логистика.

„Слободен печат“ разговараше со Лидија Димова, подносителка на кривичната пријава, која иако очигледно не е приоритет во Јавното обвинителство, во рамките на ОЛАФ и тоа како е приоритет.

Госпоѓо Димова, како накратко би ја сумирале кривичната пријава што ја поднесовте до Јавното обвинителство, а за која ете ОЛАФ после спроведена истрага констатира дека парите треба да се вратат зашто биле злоупотребени?

– Пријавата ја поднесов лично во декември 2019 година кај обвинителот Љубомир Јовевски. Немаше никакво движење, па наредната година прашав што се случува со пријавата. Ми кажаа дека пријавата исчезнала, па потоа ја најдоа. Во меѓувреме, ОЛАФ ја започна истрагата. Денеска се навршуваат 4,5 години како мојата пријава за Скопското обвинителство е во предистрага, не знам дали тоа е законски дозволено. Но, тоа е тоа. Криминалните шеми си опстојуваат затоа што Обвинителството е многу ажурно.

Што повеќе можете да откриете за кривичната пријава?

– Кривичната пријава е против 23 лица и фирми од Македонија, меѓу кои има и двајца странци од Грузија. Станува збор за криминална шема во која се изигруваат правилата за јавните набавки, односно две фирми ги извлекуваат парите од „Еразмус Плус“ преку училиштата. Целата сума која е наменета за тие проекти се префрлува на овие два центри, иако тоа е против правилата на Еразмус. Потоа тие пари ги користат овие две фирми, тие пишуваат извештаи, тие влегуваат во базите на податоци и ако ги разгледате самите документи, ќе видите дека јавните набавки се правени по урнек. Но, бидејќи институциите потфрлуваат, никој не го забележал тоа.

Каква е улогата на лицата од Грузија?

– Се работи за момче и девојка од Грузија. Момчето пишувало интелектуални експертски трудови платени од европските пари на сите возможни теми, почнувајќи од дигиталното образование, инклузија, растење лешници и земјоделие. Бидејќи ова е меѓународна шема во која се вмешани уште пет-шест други организации од други држави, овие двајца од Грузија се пишувачи на тие интелектуални трудови и за нив. Замислете, тој бил стипендист на Република Северна Македонија, студирал на универзитет во земјава. Ако бил македонски стипендист морало да биде во земјава, а во документите фигурира како да пишувал трудови во подалечни држави. Спорно е како ова лице е експерт за се и сешто. Како има толку голем број на работни часови? Правилата на стипендирање се дека ова лице морало да биде во Македонија, а тој фигурира дека пишувал интелектуален труд на пример, во Естонија. Тоа е уште едно фалсификување.

Какви ентитети се пријавени во измамата со парите од „Еразмус Плус“? 

– Речиси сите се училишта и образовни институции и еден државен универзитет, како и невладини организации. Има и две фирми кои се двата центри што ги испумпуваат парите. Една од нив е туристичка агенција.

Како го откривте ова?

– Во Националната агенција забележав дека сите училишта од Македонија одат на размена кај 5-6 едни исти организации ширум Европа. Потоа ги селектиравме тие организации и видовме дека нема логика цела Македонија да оди на учење баш во тие неколку организации. Се сомневавме дека има некоја шема, зашто голема е Европа, за да одат само во 5-6 организации. Нема логика. Споредивме колкав дел од парите се концентрирани во тие 5-6 места во Европа и видовме дека нас сите пари ни одат таму. Се покажа дека нешто не функционира. Така почнавме да истражуваме внатре во Агенцијата, јас и мал тим. Побарав од училиштата да ми ги испратат јавните набавки и видов дека се работи за документација креирана од еден центар. Отидов во Комисијата за заштита на конкуренција и прашав дали овде станува збор за изигрување на системот. Долго време немав одговор оттаму, па ги известив сите можни структури, во тоа време евроамбасадорот Самуел Жбогар, Бертолини и сите тие структури. Дури отидов и во Министерството за финансии да ги известам. Сите возможни инстанци ги известив. Се држев до тоа да ги испочитувам сите процедури и да покажеме дека системот може да функционира кога го спроведуваме. За жал, крајниот исход не беше таков. Вчера директорот на Националната агенција имаше прес-конференција ама никаде не споменува дека оваа кривична пријава е доставена од 2019 година. И зошто дури денеска зборуваме за неа? Единствено што можеме да кажеме е дека измамата системски функционира во нашата држава.

Како истражувавте?

– Прво, кога дознав, пријавив во Брисел дека во земјава има лажни посредници за европските фондови. Добив огромна поддршка да истражиме за што е случајот и побарав од нив да одам во странство да направам проверки. Испратив тим на Националната агенција во хотел кадешто се одвиваат настаните од „Еразмус Плус“. Отидоа на Сицилија, во Софија и во Шпанија на проверка. Напишавме извештаи и ги испративме во Брисел и така Брисел доби сигнал дека се работи за меѓународна злоупотреба. Шемата е меѓународна и треба да се вклучи ОЛАФ во приказната. Правило е дека кога ќе добиете пари од Еразмус, тие пари се дадени за да се подигнат капацитетите да управувате со европски пари, а не да се делат сите на јавни набавки. Тендерската документација беше така креирана, што сите пари мора да одат на само две фирми.

Дали сте задоволна од ажурноста на Јавното обвинителство да постапува по вашата пријава и дали се чувствувате заштитена што ова го пријавивте?

– Кажете ми кој било при здрав разум може да биде задоволен од пријава поднесена во 2019 година, а до 2024 година случајот уште е во предистрага. Не може да бидам задоволна. Од тие што беа со мене во тимот што го разоткривме ова, ниеден не е останат во Националната Агенција. Сите што пријавивме трпевме реперкусии на еден или на друг начин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот