ИНТЕРВЈУ Катерина Колозова, филозоф: „Обединувањето“ е празна фраза, неосвестена желба сите да мислат исто

Проф. д-р Катерина Колозова, Фото: Архива

Кај нас автономијата во признавањето и еквиваленција на кредитите и дипломите е комплетно одземена од високообразовните институции, таа е централизирана и ставена во рацете на извршната власт – со тоа се воспоставува ниво на централизација кое е неприфатливо според многубројните извештаи за примената на Болоњскиот процес. Само да споредам, ваков исклучок во европската високообразовна област се само Турција во тоталитарната ера на Ердоган, некои постсоветски републики и Албанија.

Проф. д-р Катерина Колозова е основач и предводник на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје и е едно од најзначајните имиња од Македонија кои даваат редовен придонес во современите меѓународни филозофски расправи. Сепак, нејзиниот јавен ангажман во актуелните општествено-политички дебати во земјава и во регионот ги поместуваат овдешните сфаќања за улогата на интелектуалците вон строгите граници на академскиот свет, без одбегнување на полемични тонови во дискусиите секогаш кога за тоа чувствува потреба. Предава и се занимава со истражувачка работа на неколку странски универзитети (во моментов е со ангажман на Центарот за филозофски технологии на државниот универзитет во Аризона и на Факултетот за медиуми и комуникација во Белград), но и на други престижни академски институции во Европа и во САД, од областа на политичката филозофија, комуникологијата, родовите студии, идентитетските политики итн. Автор е на неколку книги и на многубројни научни трудови во реномирани меѓународни списанија и други публикации.

Вашите значајни меѓународни научни успеси се релативно непознати за македонската јавност – се доживувате ли понекогаш во ситуација кога е полесно да се продре во највисоките светски кругови на теоретско влијание, а тешко да се биде „пророк во сопственото село“?

– Областа во која сум активна на меѓународен план е филозофијата, во која класичната биометрика, посоодветна за природните науки и за секоја наука што има ефект врз индустриите, не значи нешто особено. Впрочем, биометриката во својата класична, првенствено квантитативна форма (број на цитати), не може да ја даде точната слика за нечија релевантност ни во науките за кои е соодветна – особено затоа што играта на манипулација со базите на индексирање е распространета и меѓу најдобрите универзитети во Европа каде што имаат бројни насоки како да се земе предвид нечиј индекс, но да не се даде премногу значење за да се избегне стапицата на илузијата на нечиј успех, па затоа интегритетот на рецензентските комисии е клучен. Кај нас, ова е единственото мерило, така што препознавањето на успехот може и да оди тешко. Мислам дека фактот што постои квалитативна метрика, создадена од вештачката интелигенција, е исто така непознат кај нас, па можеби и станува збор за искрено непрепознавање на нечиј успех на меѓународен план. Иако, од друга страна, не верувам дека кој и да е може да биде толку неспособен за да не ја разбере релевантноста на нечие постојано присуство на меѓународната академска сцена, онаа на која учествуваат врвни имиња од областа, или значајноста на издавачите, типови на изданија и фактот дека не пишувате на локални теми, како „гласникот од регионот“, туку учествувате на светската сцена на развој на нови теоретски парадигми. Понекогаш веројатно навистина и станува збор за несакање да се признае, а не само за незнаење или неспособност да се препознае. Така што, можеби и стои оваа ваша забелешка дека е најтешко да се биде „пророк во сопственото село“.

Повеќе децении, во различни улоги и капацитети, и самата сте дел од македонскиот образовен систем, па и негов производ. Кај нас, вообичаено, се мисли дека сѐ што е добро мора да дојде од странство… Или?

– Кај нас проблемот е во тоа што гледаме на тоа „странство“ од нашиот паланечки агол, на непризнаена и проголтана инфериорност, па тоа што го воведуваме како стандард е недовршено, недоречено, недоразбрано и приспособено на старите навики. Од 2012-та наваму, во нашето законодавство, ние имаме таква примена на принципите на Болоњскиот процес и на Еразмус програмата – што ја обединува европската високообразовна област – на начин што не само што е извртување на правилата и вредностите, туку, всушност, одење во спротивна насока и нивно директно кршење. Кај нас автономијата во признавањето и еквиваленција на кредитите и дипломите е комплетно одземена од високообразовните институции, таа е централизирана и ставена во рацете на извршната власт – со тоа се воспоставува ниво на централизација кое е неприфатливо според многубројните извештаи за примената на Болоњскиот процес. Само да споредам, ваков исклучок во Европската високообразовна област се само Турција во тоталитарната ера на Ердоган, некои постсоветски републики и Албанија. Дури и нашиот Одбор за акредитација нема никаков авторитет или автономија – неговите акредитации немаат никаква вредност додека Министерството за образование и наука (МОН) не даде дозвола не на институциите, туку на нивните програми да се реализираат. Имате институции што се основачки на севкупниот високообразовен систем во земјата, како Катедрата за класични студии на УКИМ, каде што Милош Ѓуриќ ги поставил темелите на Филозофскиот факултет, а се без акредитација за докторски студии, бидејќи грст службеници во МОН рекле „не“!

Оваа „строга контрола“ од страна на извршната власт е поставена во времето на Груевски кога неговите министерства гарантираа квалитет наспроти „корумпираниот Одбор за акредитација“. Истиот гарантор за квалитет, извршната власт на Груевски, беше прогласена за „заробена држава“ две години подоцна. Сепак, законот и принципите на кои почива не се сменија – и новиот Закон од 2018-та ги преповторува и ги потврдува истите решенија предложени во форма на амандмани во времето на Груевски против кои се кренаа Студентскиот и Професорскиот пленум. За крај, во 2021 година бев член на комисија за одбрана на докторат на Универзитетот Париз 7 и на Универзитетот на Амстердам. Во Македонија, не паметам од кога сум членувала во таква комисија.

Феминизмот и родовите студии се дел и од Вашиот обемен академски ангажман, но и во интензивниот граѓански активизам во кој сте постојано вклучена. Како гледате на развојот на овие теми во модерното македонско општество и на тие приоритети денес?

– Да, ова е една од дисциплините со кои најчесто сум поистоветувана, а и со право – навистина имам многу вложено во развојот на родовите студии и феминизмот кај нас, предметот родови студии го предавам најдолго, поаѓајќи од мојата прва доцентура на УКИМ (на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања), до денес, на Институтот во кој работам. Сепак, речиси исто толку време предавам и политичка филозофија и епистемологија на општествените и хуманистичките науки. Повеќето мои книги објавени на Запад имаат феминистичка димензија, но не се сведуваат на неа – на пример книгата „Cut of the Real: Subjectivity in Poststructuralist Philosophy“ издадена од Columbia University Press во 2014-та и преиздадена во 2018 година зборува за нешто пошироко од феминизмот.

Вашата страст, се чини, е непрестаното преточување на политичката и филозофската теорија во македонската актуелна практика. Се чувствувате ли фрустрирана поради расчекорот во науката и начинот на кој таа (не) се применува во македонската политика?

– Да, не постои ригорозност во анализата, не постои покорување пред неумоливите факти, туку благоглаголивост, демагогија – науката е сѐ уште инструмент на еден идеолошки апарат, кој во отсуство на сеопфатна идеологија каква што беше комунизмот е заменет со романтичен национализам.

Има ли смисла повикот, на кој сите наши политичари постојано инсистираат, за „обединување“? Можни ли се, а и дали се потребни општествени обединувања околу различни идеолошки и пошироки, вредносни аспекти во македонското општество? Во „обединувањето“ ли е проблемот?  

– Апсолутно, проблемот е во желбата за обединување. Прво, затоа што е празна фраза, нешто што не е ни обмислено пред да се изговори. Но, таа празна фраза, тој рефлекс кон нејзиното изговарање е симптом на една неосвестена желба сите да мислат исто и сите да „мислат правилно“. Очигледна е неосвестената претпоставка на ваквиот сон – дека има само една вистина. Нормално, ако вистината е само една и неменлива, нема што да истражувате, нема зошто да се отвораат прашања, вистината е тука и само чека да ја откриеме, препознаеме, признаеме. Излишно е да се каже дека ваквата состојба на умот е противречна на каква било предиспозиција за произведување наука.

Има уште една загрижувачка димензија во повикот за обединување – како да се сака да се каже дека сме загрозени, под опсада од сите страни, па треба да се подготвиме на војна против сите. Во нашата позиција на жртва, развиваме ксенофобен, пристрасен, несамокритичен и (пасивно) агресивен став на вечна жртва. Повторно, ова не е клима во која се создава наука, а таквата клима кај нас е засилувана ако не и првенствено креирана од самата Академија на науките и уметностите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот