Иноватори претставија ефикасни еко-проекти, но нема инвестиори за нивна реализација

фото: Слободен печат

Во просториите на Фондот за иновации и технолошки развој денеска беа презентирани дел од проектите од областа на животната средина кофинансирани преку повеќе инструменти на фондот.

Иноваторите со помош на Фондот успеаа да пронајдат ефикасни решенија кои ќе придонесат за значително намалување на аерозагдувањето, но сепак тие имаат проблем при реализацијата на нивните проекти, поради тоа што потребни им се инвеститори кои ќе ги поддржат во производството на истите.

Меѓу поинтересените иновации беше на компанијата „Венито“ при што нивниот претставник ги сподели мерењата и ефектите од употребата на нивните електрични велосипеди со филтри за прочистување на воздухот, како и подобрената верзија на велосипедот.

фото: Слободен печат

– Извршивме повеќе мерења на прочистувачите на воздухот, кои се вградени во тркалата, како тие реагираат при повеќе видови на загадувања на воздухот и како тие собираат штетните ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките. Резултатите се видливи и многу сме задоволни со постигнатото. Иако се уште станува за концептна верзија, ние очекуваме во скоро време да најдеме инвеститор, дали од државата или странство и да започнеме со масовно производство на овој велосипед – вели претставникот на „Венито“.

Oд „Дарис инженеринг“ ги презентираа мерењата од ефектите од нивните производи. Станува збор за пречистувач на воздух и прочистувач на загадувачки издувни гасови.

– Во моментов имаме два производи (прочистувач на воздух и прочистувач на загадувачки издувни гасови) кои веќе проблематичните загадувачи се прочистуваат и СО, СО2 и ЅО2, а филтрите се од 100% природни и рециклирачки материјали. Во моментов работиме на амбиентални прочистувачи на воздух кои може да се постават кај загадените отворени површини, како и прочистувачи на воздух за издувни гасови, поточно кај домаќинствата кои користат огрев кај домаќинствата, моторните сообраќајни средства и индустриските издувни системи – рече претставникот на „Дарис“.

Тие велат дека за практичната примена со финансиска анализа за првите два производи им се потребни 10 милиони евра со што ќе бидат опремени 3.000 големи моторни возила со систем за филтрирање на издувните гасови. Периодот на реализација ќе биде до 2 години, додека ефектите ќе бидат видливи веднаш.

Инаку, станува збор за девет проекти кои ФИТР ги реализираше, односно ги поддржа во изминатите две години. Тоа се реални проекти, реални показатели, реални мерења, со реални луѓе за реален бенефит. Од Фондот велат дека се вложени средства во вредност од 1 милион евра, од кои 250.000 се средства на приватните компании што значи и приватниот сектор се вклучува во развивање на соодветни конкретни решенија.

Пред присутните се обратија директот на ФИТР Јован Деспотовски и заменик министерот за животна средина Јани Макрадули.

Деспотовски рече дека ова е пример на една масовна акција на сите актери во едно општество, не само државните институции, невладините и компаниите кои што може значително да придонесат во справувањето со актуелното загадувањето.

фото: Слободен печат

– Јас не велам дека овие проекти денес ќе го решат проблемот со загадување во нашата земја или на глобално ниво, но тие секако даваат придонес. Ова е добра симбиоза, коалиција на меѓународни организации, на домашни компании и ученици. Исто така сакам да апелирам до сите државни институции, организации и поединци, најлесно е да бараме вина за ситуацијата, повеќе ќе ни користи да видиме секој во својот домен, во областа на надлежност да се обиде да најде решение. Ние воведовме обврска за сите компании кои ги финансираме и пред потпишување на договорите се прави независна проценка дали проектите што се финансираат, а треба да донесат економски раст, притоа имаат некаков удел во загадувањето, целта ни е секако економски раст на одржливи параметри, а не на загадување.  – рече Јован Деспотовски, директор на ФИТР.

фото: Слободен печат

– Мене ми е драго што еден сон  на неколку млади луѓе во соработка со академската заедница на крајот 2017година веќе се преточува во реалност. Драго што првиот предизвик што овој Фондот го направи беше токму за животната средна. Гледаме дека изборот што сме го направиле бил одлучен и во реалноста имаме компании со свои производи, продукти и иновации кои придонесуваат за животната средина. Денеска во Европа новата европска комсиија како белег го има новиот  т.н. зелен договор на кој главна компонента е како да се подобрат иновациите и да се потикнат младите луѓе и универзитети да нудат решение за заштита на животната средина и справувањето со климатските промени. Ние како земја која го бара своето заслужено место во ЕУ сме во добар правец и ми е драго што Фондот за иновации е подготвен за новиот предизвик од оваа област.  – рече Јани Макрадули, заменик министер за животна средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот