Инфлацијата од 3,4 проценти му удри шлаканица на кревкиот стандард

Пазарење за време на коронавирусот во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Од Народната банка стигнуваат смирувачки тонови дека нема да има посериозни и подолготрајни нагорни притисоци врз цените на финалните производи

Инфлацијата од 3,4 проценти во јули во однос на трошоците за живот пред една година, покажува дека растот на цените веќе ја пречекорува границата на она толерантно зголемување на цените што економистите обично го нарекуваат стимулирачко за економскиот раст и дека влегува во зона што значи осиромашување на граѓаните.

Статистичарите пресметаа дека оваа инфлација е резултат на растот на трошоците за една година на храна и безалкохолни пијалаци за 2,2 проценти, на алкохолни пијалаци и тутун за 4,2 проценти, на здравствени услуги за 3,5 проценти, на транспорт за 13,6 проценти, на култура и рекреација за 3 проценти, на хотели и ресторани за 5,6 проценти…

Од Народната банка, пак, стигнуваат смирувачки тонови и според нејзините прогнози, годинава ќе ја завршиме со инфлација од 2,2 проценти. Оттаму го констатираат умерениот раст на цените на производителите, но забележуваат и дека цената на трудот не го следи тој раст.

„Во однос на факторите што би влијаеле врз идната краткорочна динамика на потрошувачките цени, се забележува умерено забрзување на стапката на раст на цените на домашните производители и на странската увезена инфлација, додека растот кај трошоците за труд по единица производ забавува. Во отсуство на поголеми притисоци од домашната побарувачка, овие фактори, како и досега, не би предизвикале посериозни и подолготрајни нагорни притисоци врз цените на финалните производи“, пишува во августовскиот извештај на Народната банка.

Народната банка констатира дека растот на инфлацијата во вториот квартал, во најголем дел се должи на растот на цените нафтените деривати и на електричната енергија.

 „Промените кај цените на енергијата се објаснуваат со високиот годишен раст на цените на нафтените деривати што го следат движењето на цените на светските берзи, како и со пренесениот ефект од зголемувањето на домашната цена на електричната енергија од август претходната година“.

Во однос на цените на храната, тие во вториот квартал од годинава растеле помалку во однос на првиот квартал, а тоа главно се должело на тоа што овошјето и зеленчукот биле поевтини од лани.

„Од аспект на структурата, годишниот раст кај цените на храната главно произлегува од цените на маслото и маснотиите, како и од цените на лебот и житата, согласно со високиот раст на цените на маслото и житарките на светските берзи. Поумерен придонес кон растот на домашните цени на храната имаат и цените на месото, како и цените на шеќерот. Во вториот квартал од 2021 година, странските ефективни цени на храна и натаму бележат раст, при истовремено забрзан раст на продажните цени на домашните производители на храна“, анализира Народната банка.

На едно четиричлено семејство кое живее во 50 квадратни метри, нема автомобил и користи евтини производи, во јули, според Сојузот на синдикати, му биле неопходни 34.128 денари за да го „протурка“ месецот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот