Инаетот на опозицијата ги остави граѓаните без плати

Та
Талат Џафери/ Фото: МИА

Шеснаесет илјади граѓани останаа без своите плати предвидени со петтиот пакет владини мерки, а компаниите без ветената помош, само поради инаетот на опозициските партии.
Имено, иако беа присутни во Собранието тие не сакаа да влезат во собраниската сала и да учествуваат во работата на 32 седница по која требаше да следи и 36 тата на чиј на дневен ред беше пакетот економски мерки. Цел ден го мминаа во процедурални забелешки, а за еден час работа ќе ја завршеа 32 та седница, која веќе осум пати е прекинувана и продолжувана и ќе преминеа на долго очекуваната 36 та седница.

Ова само затоа што опозицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, генерално ја бојкотира работата на Собранието. Тие би сакале да доаѓаат на работа само за селективно избрани седници и точки од дневниот ред, за кои тие имаат интерес. На тој начин Собранието сакаат да го претворат во простор на политички пазар во кој процедурите и Деловникот, не важат.

Според она што до доцна синоќа можеше да се види, опозицијата му наложуваше на Претседателот на Собранието која седница да ја свика, затоа што точките од дневниот ред на 36 тата седница се оние за кои лидерите на политичките партии Заев и Мицковски се договориле. Точно, но тој договор беше само еден од повеќето со кој требаше да почне процесот на одблокирање на работата на Собранието. Но тие политички договори не се дел од собраниската процедура и не можат да му ја наметнат динамиката на работа на Собранието. Инаку во тој случај претседателот на Собранието би бил само извршител на дговорите на лидерите на политичките партии, а пратениците сведоци кои треба само да ја потврдат нивната воља. Тогаш не би требало да има ниту деловник за работа на собранието, ниту да се закажуваат седници, туку по секој политички договор нека се закажуваат само оние точки кои се од нивен заеднички интерес.

Колку и да звучи излитено, сепак ова е држава во која постојат легални институции кои треба да се почитуваат. Иако одамна Парлементот е дезавуиран во собир на партии и партиски послушници, според уставот во него седат избраници на граѓаните кои дебело ги плаќаат за да ги штитат нивните интереси.

Според логиката на партиите од опозицијата, во работата на Собранието треба да учествува само владеачкото мнозинство. Ако е така тогаш сите останати пратеници подобро нека ги остават мандатите и нека си одат дома. Ќе нема опозиција како коректор на власта, но нема да има ни трошоци за нивните плати и патувања, а нема да има ниту блокади во работата на Собранието. Седници ќе има само кога владеачкото мнозинство ќе обезбеди „мнозинство“. Дотогаш граѓаните ќе чекаат за плати, за пензии, за буџет, за безбедност, за здравство,за живот…

ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Левица треба да бидат свесни, дека тие со своето однесување за време на овој парлементарен состав ги удрија темелите на системот на вечна блокада на законодавниот дом и ја подрија ефиксанноста во функционирањето на државата. Од сега натаму кој и да дојде на власт, а кој нема да има значително парлементарно мнозинство (како во времето на Груевски), а нема да има очигледно, ќе мора да се соочува со уцени, блокади, амандмани…

Оттаму не е баш јасна постојаната намера на опозицијата за предвремени парлементарни избори. Кога и да победи, ќе ја чека истата судбина на блокада на Парламентот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот