Има елементи за кривично гонење за пожарот во Тетово, ќе одговара ли некој освен кабелот?

Увид по пожарот во тетовската модуларна болница/ EPA-EFE/Georgi Licovski

Предистрагата за избувнувањето на пожарот во ковид модуларната болница во Тетово покажува елементи за кривично гонење, објави Алсат, повикувајќи се на извори во Обвинителството, кое официјално не ја потврдува оваа информација.

Според изворите, мнозинството од собраните докази веќе се анализирани и треба да се презентираат пред посебна комисија во Јавното обвинителство, која треба да одлучи каков правен епилог ќе има трагедијата во која загинаа 14 луѓе.

„Јавните обвинители, по целосно утврдување на фактите во предметот, ќе донесат одлука за која јавноста веднаш ќе биде известена“, наведуваат од Јавното обвинителство.

Петмина обвинители од Тетово и од Скопје доказите за случајот ќе им ги претстават на четворица виши јавни обвинители, како и пред главниот обвинител, Љубомир Јовески. Комисијата може на обвинителите да им наложи да се отвори истражна постапка, да се доистражат одредени дејствија, но може да предложат и случајот да се затвори, пишува Алсат.

Обвинителската Комисија ќе внимава на правната квалификација, со оглед на тоа што досега ниту еден истражен орган во земјава не посочи дека некој е виновен за пожарот. Извештајот на германските експерти покажал идентични наводи како оној на крим–техника во МВР – причината за пожарот бил прегреан продолжен кабел.

На 8 септември лани, во катастрофалниот пожар загинаа 14 лица, од кои дванаесетмина беа ковид-пациенти. Тогашните први луѓе во Министерството за здравство, Венко Филипче и Илир Хасани понудија оставки, но тогашниот премиер Заев не им ги прифати. Двајцата директори на Клиниката во Тетово беа заменети со други кон крајот на минатата година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот