И германските експерти заклучиле дека кабелот е причина за пожарот во тетовската болница?

Тетово, 9 септември 2021 / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Tетовското Oбвинителство денеска го доби преводот на извештајот на германските експерти за катастрофалниот пожар во модуларната болница во Тетово на 8 септември минатата година, во кој загинаа 14 луѓе.

Според информации на Алсат од извори во Обвинителството, германските експерти во извештајот наведуваат дека можна причина за ширењето на пожарот во монтажниот објект е продолжениот кабел на кој бил приклучен медицински апарат за лекување на пациенти.

До сличен заклучок дојдоа и нашите истражители во истрагата која ја спроведоа во неделите по трагедијата.

Според Обвинителството, извештајот е доставен на анализа на петмина обвинители вклучени во истрагата за случајот, кои, откако ќе го анализираат, ќе утврдат дали од него ќе произлезе правно мислење за отворање нови истраги, или ќе продолжи со истите истраги што домашните обвинители ги водеа досега. Состанокот на обвинителите се очекува да се одржи во рок од една недела, по што ќе бидат донесени заклучоците.

Од тетовското Обвинителство не соопштуваат повеќе детали за содржината на преведениот извештај, со образложение дека тој е исклучително важен дел од истрагата за случајот и дека од него може да произлезат нови истраги.

Во пожарот кој избувна на 8 септември загинаа 14 лица, од кои 12 беа пациенти и двајца членови на семејство кои се грижеле за пациенти заразени со Ковид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот