И за Босна има место во ЕУ

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Сега, најавувајќи дека ќе се бори да добие уште еден петгодишен мандат во Брисел, Дер Лајен зборува за моделот на постепено зачленување, чекор по чекор. Полноправно членство ќе дојде како круна на напорите, по долгото чекање, кога ќе се исполнат сите услови што ги поставува ЕУ.

„Местото ви е во нашето европско семејство“. Најпосле и Босна и Херцеговина, според процената на европските бирократи во Брисел, заслужи да добие поддршка за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ. Уште во време на босанската војна се слушаа пораки на поддршка и охрабрување, дека местото на оваа земја, по завршувањето на воената агресија и крвопролевањата, е во европските интеграции. Оттогаш поминаа цели три децении. Нешто слично сега се зборува и за Украина и нејзиното место на патот кон Европа.
Претходникот на Урсула фон дер Лајен на функцијата претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, својот мандат го започна со прогласување петгодишен мораториум за прием на нови членки во ЕУ. Дер Лајен како негова наследничка покажа поголема упорност за мобилизирање на ентузијазмот за надминување на „заморот од проширувањето“, но и нејзините резултати се мошне скромни. Сега, најавувајќи дека ќе се бори да добие уште еден петгодишен мандат во Брисел, Дер Лајен зборува за моделот на постепено зачленување, чекор по чекор. Полноправно членство ќе дојде како круна на напорите, по долгото чекање, кога ќе се исполнат сите услови што ги поставува ЕУ.
Дер Лајен е една од ретките во Брисел која воопшто го споменува проширувањето, веројатно чувствувајќи го тоа како нејзина службена и делумно лидерска обврска, а и како темна точка во лошата совест по сите преџвакани ветувања. Агендата во пресрет на изборите за Европскиот парламент во преден план исфрла други поприоритетни проблеми со кои се соочува ЕУ.

Примерот со Хрватска и Бугарија

Хрватска беше последната последната земја што беше пуштена да влезе во топлината на европското семејство во 2013 година, една година пред Јункер тврдо да ја спушти рампата пред чекалницата во која, како тогаш така и сега, се туркаат западноевропските аспиранти за ЕУ. Прашање е дали Хрватите ќе го фатеа последниот воз доколку не беа истуркани со голема поддршка на моќната Германија и Ангела Меркел, и доколку, се разбира, Хрватска не беше католичка земја и го немаше Јадранското Море по целата должина на својата западна граница, или, можеби, ќе останеа да се туркаат на резервната балканска клупа во зачадената и непроветрена чекална, заедно со другите ученици повторувачи. Тоа сега му дава повод на Зоран Милановиќ да констатира иронично, а помалку и триумфално, дека од стратегијата за проширување на ЕУ не остана речиси ништо, така што за Босна веројатно ќе бидат потребни дури „500 години преговарање“.
Ниту Бугарија, како претпоследна примена ЕУ-членка, не беше посебно поинаков случај. И за Софија се рашири прегратката на европското семејство по десетина години преговорање, но тогаш ја немаше Дер Лајен да им каже на Бугарите дека пристапот кон полноправно членство не претставува карт бланш. Бугарија е веќе 17 години членка на ЕУ, но и понатаму е една од најкорумпираните европски земји, која не се труди посебно да покаже повисок респект за човековите слободи и права, пред сè за правата на малцинствата да го говорат и да имаат образование на сопствениот мајчин јазик, вклучувајќи го и македонското малцинство. А тоа е, всушност, дел од претпристапните услови кои уште пред три децении беа јасно назначени во Копенхашките критериуми, без чие исполнување, како што сега изречно се потенцира, никој не треба да се надева на полноправно членство. Штом тоа ќе им се спомене на европските бирократи, дискусијата веднаш им станува непријатна, а вратоврската како уште поцврсто да им се затегнува околу вратот кога ќе се споменат двојни аршини, или, уште полошо, двојниот морал.
Западен Балкан, како што велат во Брисел, ќе го продолжи својот европски пат. Во колкава мера за судбината на преговарачката рамка за членство на Македонија ќе биде пресуден исходот на претстојните претседателски и парламентарни избори, ќе се покаже во наредниот период. Одзивот за македонските избори, како и обично, во европската јавност ќе заврши како куса агенциска вест, без оглед на тоа кој ќе го добие мнозинството гласови и ќе ја составува владината коалиција.
Само неколку недели по македонските ќе се одржат изборите во ЕУ, кои секако ќе привлечат значајно поголемо внимание, посебно затоа што се очекува и големо прегрупирање на политичката моќ во Европскиот парламент. Но не баш во полза на оние што заговараат забрзување на процесот на ЕУ-проширувањето. Тешко и дека некој од крупните европски политички фигури ќе се осмели да го форсира проширувањето како едно од поважните прашања во кампањата пред ЕУ-изборите во јуни.
Неколку најнови прогнози во пресрет на европските избори покажуваат дека екстремно десничарските и националистичките партии ќе напредуваат во многу земји. Тинк-тенкот ЕЦФР, со седиште во Берлин, во кој поранешниот шведски премиер Карл Билт е еден од тројцата претседавачи, подготви извештај во кој се дискутира на каков начин партиите кои се попозитивни кон ЕУ треба да одговорат на заканите упатени кон ЕУ од страна на екстремните десничари и националисти.
Анкетата на ЕЦФР, со која биле опфатени околу 17.000 гласачи, наведува на заклучок дека не постои формула што функционира низ целата ЕУ, односно дека секоја ЕУ-членка има сопствени претпоставки и услови од кои мора да тргнат партиите. Едно од прашањата што сè поретко може да се избегнува е колкумина, всушност, би сакале да излезат, да ја напуштат ЕУ? Споменатата анкета покажува дека избирачите во голем број ЕУ-членки ги сфаќаат и доживуваат партиите од екстремната десница кои во последните години ширум Европа добиваат голема поддршка, како противници на ЕУ, кои се борат против јакнењето на наднационалното ЕУ-законодавство, кое го ограничува суверенитетот на членките. Преку 60 отсто од избирачите во Шведска, Австрија и Холандија веруваат дека лидерите на екстремната десница во нивните земји сакаат да ја напуштат ЕУ. Иако засега никој, барем не активно и отворено, не заговара нов „Брегзит“. „Но подготвени сме да го направиме тоа доколку работите отидат предалеку“, рече неодамна Џими Окесон, лидер на екстремно десничарските шведски демократи.
Издвојување на огромни даночни средства за полнење на бриселските чекмеџиња без дно станува сè почувствително прашање кое иритира многумина во Европа. Од таа гледна точка ниту ЕУ-проширувањето и отворањето на портите за сиромашните и нереформирани земји од непосредното европско соседство не е проследено со некакви поголеми симпатии. Без оглед дали тоа се сфаќа и како европски егоизам.

Поимањето на Ванковска

Или, како што тоа го сфаќа претседателската кандидатка Ванковска, дека „ЕУ веќе одамна не е место на благосостојба“. И дека „нè третираат како инфантилни, ем тие нивни барања кои воопшто немаат смисла“. Да, точно е дека последиците од пандемијата, војната во Украина, зголемените трошоци за вооружување и енергенси, придонесоа за намалување на европската благосостојба. Но останува малку нејасно на кои барања, кои воопшто немаат смисла, упатени од Брисел кон Македонија, се мисли?
Со кои реформски постигнувања Македонија може да се пофали пред ЕУ? Со високо зголемената доверба во судството, со спектакуларните резултати во борбата против корупцијата од најниско до највисоко ниво, со јасно изразена политичка волја и почитување на демократски принципи на владеење и управување преку реформирани и функционални институции? Ќе се потруди ли Македонија да има со што да се пофали, или, што е многу полесно, и понатаму ќе се ламентира за блокирањето на преговарачката рамка и неможноста да се внесат Бугарите во Уставот, по што, како што ветува Ковачевски, доколку победи на изборите, ќе ја стави Македонија на брз колосек и за само четири години ќе ја внесе во ЕУ.
Јункер и Дер Лајен ги поминаа своите претседателски мандати, растегнувајќи ја „европската перспектива“ на балканските земји до недоглед. Посериозна дебата околу натамошното проширување на ЕУ, како што моментно стојат работите, може да се очекува дури по завршувањето на европските избори. Дотогаш ќе остане неизвесно и со какви охрабрувачки сигнали и нови ветувања пред земјите кандидатки ќе излезе Дер Лајен, доколку повторно добие петгодишен мандат, или таквото задоволство ќе му го препушти на нејзиниот наследник, кој ќе го преземе кормилото за да навигира низ разбрануваното европско море.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот