I have a dream

Зошто во Македонија повеќе нема политичари со визија, страст, знаење, љубов и моќ сето тоа да го преточат во реал-политика во интерес на својата земја и народ?

Сонувам дека еден ден оваа држава ќе стане пристојно место за живеење, каде младите ќе остануваат и ќе ја планираат својата иднина и иднината на нивните деца.

Сонувам дека еден ден сите граѓани на оваа земја ќе бидат рамноправни пред законот и дека сите, и Македонци и Албанци, ќе плаќаат данок, исто онака како што ги уживаат придобивките од тоа што се нејзини државјани и ќе можат со својот труд да заработуваат доволно за нивните семејства да живеат нормален живот во 21от век.

Сонувам дека еден ден образованието на младите, здравата животна средина и благосостојбата на граѓаните ќе бидат приоритети на власта.

Сонувам дека еден ден криминалот и корупцијата ќе им останат само на маргиналните криминални групи, а не на целокупната политичка власт и администрација.

Сонувам дека еден ден власта и опозицијата или опозицијата и власта ќе може да проценат кои се најбитните национални интереси на државата и за тоа ќе постигнат консензус и ќе го бранат со еден глас.

Сонувам дека еден ден здравствениот систем ќе може да овозможи пристојни услуги со кои ќе биде заштитено здравјето и животот на граѓаните, исто онака како што тие секој месец , за време на својот работен век, дел од своите примања ги уплаќаат во здравствениот фонд.

Сонувам дека еден ден главните политички партии нема да се пазарат и договараат како да ја избегнат правдата кога едните се на власт, а другите во опозиција, и обратно.

Сонувам дека еден ден лажните авторитети и самопрогласени експерти нема да бидат тие што ќе го креираат јавното мислење во државата.

Сонувам дека еден ден ќе бидеме горди што сме се родиле, што живееме и што ќе умреме во Македонија.

Сонувам….

Мартин Лутер Кинг, големиот човек, проповедник и борец за правата на својот народ, на 28 август 1963 година го одржа својот легендарен говор, недалеку од местото каде што пред само неколку денови Џозеф Робинет Бајден Помладиот, беше инаугуриран како 46-ти американски претседател, а Камала Харис, како прва жена потпретседател во историјата на САД. Не оваа инаугурација, туку една друга, одржана исто така во јануари, но во 2009 година беше остварување на сонот на Мартин Лутер Кинг. По 46 години откако Кинг им се обрати на насобраните граѓани на скалите пред споменикот на претседателот Линколн на Вашингтонскиот марш за работа и слобода, Барак Обама, првиот Афроамериканец стана претседател на Соединетите Американски Држави и доказ дека соништата сепак се остваруваат.

Следејќи ја инаугурацијата на Бајден, се обидов во неговиот прв претседателски говор да ги најдам пораките, сонот и визијата. Покрај пораката за единство, која толку многу му е потребна на американскиот народ, две работи го привлекоа моето внимание. Бајден спомена дека неговата мајка секогаш му велела „стави се во чевлите на другиот“. Оваа едноставна порака, која само родителите со своето искуство и мудрост можат да им ја пренесат на своите деца, зборува многу за карактерот на новиот американски претседател. Да се сфати соговорникот, другиот, конкурентот, противникот, да се ставиме во неговата положба за да може да го разбереме, а се тоа, со цел, на крајот да може да се постигне нешто заедничко.

Втората работа, која ми остави силен впечаток беше делот од говорот во кој претседателот Бајден рече: „Ние ќе водиме не само со примерот на нашата сила, туку со силата на нашиот пример!“ Да се биде пример на другите и лично, но и како држава, е толку потребно сега во овој свет кој се соочува со најголемата криза по Втората светска војна проследена со девалвација и дефицит на лидерство и визија. Искуството, животно и политичко, на Џо Бајден влева надеж дека враќањето на лидерството на САД може да биде почеток на враќање на надежта во демократијата, заштитата на човековите права и слободи, слободната пазарна економија и воопшто во цивилизираниот модерен свет.

Дали можете да се сетите на некој говор на македонски политичар во поновата наша историја кој ви оставил впечаток, па сте го запомниле, и зошто не? Зошто во Македонија повеќе нема политичари со визија, страст, знаење, љубов и моќ сето тоа да го преточат во реал-политика во интерес на својата земја и народ? Каде се нашите „I have a dream“, „крв, труд, солзи и пот“, „Ich bin ein Berliner“? Треба да си ги поставуваме овие прашања секогаш кога одиме да го дадеме нашиот глас на изборите, но и потоа, секогаш да бараме од оние кои сме ги избрале да работат чесно, одговорно и во интерес на граѓаните и државата и никогаш да не престанеме да сонуваме затоа што единствено ние, граѓаните, сме тие чија колективна енергија може да ги движи работите напред.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот