И да се зголеми преносната тарифа, тоа нема да влијае врз вкупната цена на струјата

Орхан Муртезани, генерален директор на МЕПСО/Фото: скриншот

Директорот на МЕПСО, Орхан Муртезани се пофали дека годинава речиси и да нема отстапувања во системот, што ќе рече дека не влечеле струја од ЕНЦОЕ, од кој лани беа неколкупати опоменувани

Последниот збор за тоа колку од 1 јануари ќе изнесува цената на струјата за домаќинствата, го има Регулаторната комисија за енергетика, а побараното зголемување од 29,7 отсто од страна на преносниот оператор МЕПСО, нема да биде со големо влијание, вели директорот Орхан Муртезани. Тој објасни дека со нивното барање треба да се покријат загубите, а колку ќе им биде прифатено, зависи од регулаторот. Во секој случај цената на струјата која им ја понудила ЕСМ е 220 евра за мегаватчас и е превисока. Колку и да се зголеми цената на нивната преносна тарифа, тоа нема да има влијание над 5 отсто врз вкупната цена на електричната енергија во земјата, потенцира Муртезани.

-Ние веќе сме пред склучување на договор со ЕСМ по цена од 220 евра по мегават час за покривање на загубите во системот. Тоа е прилично висока цена која што врши притисок врз нашата преносна тарифа – посочи Муртезани.

Директорот на МЕПСО додаде дека во барањето за новата цена не се вклучени и долговите што ги имаат компаниите кон МЕПСО поради недозволено повлекување на електрична енергија од системот.

-Тоа не ни претставува трошок, а и Регулаторот не го зема предвид при изготвување на новата тарифа. Ако некој влече струја од нашата преносна мрежа, тоа ќе треба да се плати и покрие – рече Муртезани.

Муртезани се пофали дека годинава речиси и да нема отстапувања во системот, што ќе рече дека не влечеле струја од ЕНЦОЕ, од кој лани беа неколкупати опоменувани. Во мај, според Муртезани им било кажано дека годинава нема да се толерираат никакви недозволени влечења на струја и МЕПСО генерално се придржува до тоа.

-Премолчено се дозволени отстапувања плус-минус 20 мегавати, што е десетпати помалку од ланските кога имавме меѓу 200 и 300 мегавати. Струјата од европскиот енергетски систем е предвидено да се влече само за управување, а не и за снабдување. Лани во октомври беа направени најголемите отстапувања, а благодарение на Владата трошоците кон ЕНЦОЕ се намирени. Годинава, отстапувањата се во рамките на дозволеното и досега немаме никакви критики од ЕНЦОЕ – посочи Муртезани.

До МЕПСО, како што кажа, во моментов стигнуваат 10 пати повеќе барање за приклучоци на обновливи извори на енергија – фотоволтаични и ветерни електрани отколку што реално може да приклучи во системот.

-Согласно новиот Закон за енергетика, подготвуваме внатрешна процедура за да создадеме полесен начин за вклучување на посериозните инвеститори – потенцира Муртезани.

Постапката трае две години, а според новиот Закон за енергетика, од инвеститорите се бара да достават доказ за сопственост на земјиштетото.

-Се размислува и ние по примерот на Албанија да бараме и банкарска гаранција се со цел да имаме сериозни инвеститори – рече Муртезани.

Инаку, електропреносниот систем оператор годинава реализирал 42,48 отсто од генералниот инвестициски план, што е двојно повеќе од процентот на реализација на инвестициите во 2021 година. За следната година со сопствени средства планира инвестиции во преносната мрежа од 16 милиони евра.

-Состојбата во електропреносниот систем генерално ја оценуваме како одржлива и со минимални отстапувања или отстапувања во рамките на прифатливото, така што не очекуваме потешкотии за управување со системот. Очекуваме истиот тренд да продолжи и понатака – изјави Муртезани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот