И БиХ и САД шокирани од воинствената реторика на Изетбеговиќ

Бакир Изетбеговиќ - Фотографија ЕПА, Алаа Бадарнех

Амбасадата на САД и босански аналитичари ја оценија заканата како „опасна“, „неиспровоцирана“ и „бесмислена“ во чувствително време на затегнати политички односи поради Изборниот закон

Амбасадата на САД во Босна и Херцеговина остро ги осуди изјавите на бошњачкиот член на претседателството Бакир Изетбеговиќ, оценувајќи ги како „потпалувачки“, како и одговорот од српскиот член на претседателството, Милорад Додик.

– Се преброивме, колку ловци имаме, колку млади луѓе, колку дронови имаме и да не одам понатаму, ама само да знаете – изјави Изетбеговиќ на партиски собир на СДА во Хаџиќи.

И Амбасадата на САД и босански аналитичари ја оценија заканата како „опасна“, „неиспровоцирана“ и „бесмислена“ во чувствително време на затегнати политички односи поради Изборниот закон.

– Шокирани сме и згрозени од потпалувачките коментари на Бакир Изетбеговиќ, кои предвидливо поттикнаа неодговорен одговор од Милорад Додик. Граѓаните на оваа земја пред 30 години преживеаја брутална војна. Во 2022 година тие заслужуваат подобро од лидери што апелираат на етнички поделби и поттикнуваат етнички тензии – објави Амбасадата на САД.

Аналитичарот Енвер Казаз изјави за весникот „Дневни аваз“ дека БиХ од крајот на војната па до сега немала помилитантни политичари, на чело со копретседателите Изетбеговиќ, Додик и Човиќ.

– Наместо да се загрижи за проблемите на граѓаните, сиромаштијата, цените на храната, енергијата и на тешката зима на прагот, Изетбеговиќ им се заканува на соседите. Тоа е тап, недораснат говор, на граница на идиотизам – оцени Казаз.

Изетбеговиќ предизвика и бура со најавата дека масовното заминување на младите во странство ќе го надополни со „висока технологија и роботика“.

– Не го интересираат младите што заминуваат, а ни оние што остануваат. За него младите се работна сила што треба да го полни буџетот. Полесно ќе ја задржи власта ако нѐ заменат роботи, сѐ додека и ним не им дојде „преку запчаник“ од властите – изјави за порталот „Бука“ активистот Слободан Благовчанин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот