Хрватска: Претседател на конфронтациски курс

Зоран Милановиќ/ Фото: Andrej Tarfila / Shutterstock Editorial / Profimedia

Зоран Милановиќ повеќе би сакал да биде премиер отколку претседател на Хрватска. Уставниот суд веќе го отфрли ова. Но, Милановиќ се држи до својот план – и сега се „расфрла“ со остра реторика.

Пресметките на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ вродија со плод. Освен за него, во Хрватска во моментов речиси и да не се разговара за друга политичка тема. Прво, Милановиќ необично го одреди датумот за претстојните парламентарни избори во Хрватска во среда (17.04.2024). Потоа брзо ја објави сопствената кандидатура за премиерската функција од Социјалдемократската партија (СДП) – без претходно да поднесе оставка од функцијата претседател.

Кусо потоа, Уставниот суд му забрани на Милановиќ да се кандидира, но претседателот не дозволи тоа да го спречи. Неговата партија СДП не сака официјално да го предложи за кандидат, но изјави и дека Милановиќ, доколку партијата победи, ќе биде избран за премиер. Но, не е само објавувањето на неговата кандидатура тоа што предизвикува конфузија – пред сè тоа е невоздржаната реторика на Милановиќ која оттогаш ги разгорува страстите. Затоа што претседателот жестоко критикува.

„Здодевни шталски муви“ и „паразити“

Кога уставните судии објавија дека Милановиќ не може да биде кандидат доколку прво не поднесе оставка од функцијата претседател, тој ги опиша како „неписмени селани“ и „здодевни шталски муви“, па зборуваше дури и за „гангстерска група“.

Милановиќ користи слична остра тактика кога зборува за владата на премиерот Андреј Пленковиќ и неговата национално конзервативна партија ХДЗ. Пред собраните новинари ги нарече „празни личности без вера и поглед на светот“ кои се само „гладни за власт и алчни за пари“. Генерално, во земјата доминираат „разбојници“ кои имаат „менталитет на крадци на добиток“. Сето тоа се „пијавици и паразити на здравото ткиво на хрватскиот народ“. Тој вети „реки на правдата“ кои ќе течат низ Хрватска веднаш штом биде избран за премиер.

Пресметан ПР настап

„Оваа остра реторика е пресметана. Тоа е маркетиншка стратегија, обмислен ПР-настап“, вели за ДВ политичкиот аналитичар и писател Јурица Павичиќ. Тој смета дека Милановиќ веќе е во предизборна кампања – и дека со својот провокативен јазик првенствено ја таргетира хрватската средна класа.

„Овие луѓе се огорчени што Хрватска е полна со непотизам и со корупција и е целосно задушена од доминацијата на владејачката партија која контролира сè – од директорот на операта до шефот на провинциската противпожарна служба“, вели Павичиќ.

Тој смета дека Милановиќ го препознал расположението во земјата и затоа ја приспособил својата реторика.

„Тој се претставува како некој што доаѓа со коњица, кој ќе ја помести оваа длабоко компромитирана и корумпирана држава. Тој сака да го поттикне и да го одржи веќе значителниот гнев на значителниот дел од хрватската граѓанска, урбана, либерална средна класа“, вели Павичиќ.

Павичиќ смета дека средната класа ќе гласа за оној кој има најголеми шанси да победи против актуелната владејачка партија ХДЗ – а тоа е сега, се чини, левичарската коалиција околу Социјалдемократската партија, со Милановиќ како главна движечка сила.

Претседателот како опозиција во персонална унија

Во изминатите четири години од неговиот петгодишен мандат, Милановиќ се истакна како вистинска опозиција на премиерот Пленковиќ и неговата ХДЗ – не само затоа што вистинските опозициски партии се поделија меѓу себе и во голема мера се покажаа како безопасни политички противници за Владата.

Меѓутоа, Милановиќ беше особено влијателен благодарение на хрватскиот полупретседателски систем. Во него има двајца силни играчи. На едната страна е премиерот и неговата влада. Како што е вообичаено во другите земји, тие се избираат од најсилната партија во владината коалиција во парламентот.

Од друга страна, има независен претседател кој, исто така, е директно избран од народот. Тој нема само репрезентативни задачи, туку и централни права да помогне во обликувањето на безбедносните и надворешнополитичките прашања.

Сè додека премиерот и претседателот доаѓаат од иста партија, обично има малку проблеми. Но, ако доаѓаат од различни политички табори, како што е во моментов, работите можат да станат непријатни – како сега, бидејќи Милановиќ ја толкуваше поделбата на власта на крајно конфронтирачки начин.

„Вистинската алтернатива“?

На домашен план, Милановиќ никогаш не пропушти можност да ја нападне владата за наводна корупција и неконтролиран клиентелизам.

Но, тој сакаше да ја користи и надворешнополитичката сцена: за разлика од премиерот Пленковиќ, кој се смета за европски примерен ученик, Милановиќ сака да ги истакнува хрватските национални интереси во политиката на ЕУ. По прашањето за војната на Русија против Украина, тој покажува големо разбирање за позицијата на Москва и се залага Хрватска да заземе претпазлив став. А, што се однесува до соседната држава Босна и Херцеговина, тој пред сè делува како заштитник на ексклузивните права на тамошните Хрвати и малку се грижи за стабилноста и за функционалноста на земјата.

Тој е многу успешен со оваа стратегија. Поранешниот шеф на социјалдемократите со години постојано е најпопуларниот политичар во Хрватска во анкетите. По објавувањето на неговата кандидатура, според анкетите, СДП освои седум процентни поени. Реизборот на Пленковиќ, за кој се веруваше дека е сигурен, одеднаш беше доведен во прашање.

„Сега Хрватска има вистинска алтернатива“, вели аналитичарот Павичиќ.

Хрватски Фицо?

Никој не знае што ќе прави Милановиќ по изборите доколку навистина победи, предупредува аналитичарот Павичиќ. Милановиќ во актуелната предизборна кампања настапува без препознатлива програма – тој самиот е програмата.

„Тоа е левичарско-десничарски популистички концепт. Има некои елементи од неговата претходна левичарска позиција, на пример во однос на антифашизмот и на Втората светска војна. Но, некои позиции се десничарски популистички позиции, на пример во однос на Украина и на Русија или за наследството од југословенските војни, вклучувајќи ги и тогашните воени злосторства“, објаснува Павичиќ.

И тоа е проблем. „Многу е веројатно дека гласачите кои вообичаено гласаат за левицата и дел од десните гласачи ќе гласаат за него. Но, не знаеме во која насока ќе оди неговата влада. Не знаеме дали тој би можел да стане хрватска верзија на Роберт Фицо“, стравува Павичиќ.

Извор: Дојче Веле/ Автор: Зоран Арбутина

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот