Храната може да биде поразорна од тенковите

Не се знае каде ќе заврши жетвата од регионот на Киев - Фотографија ЕПА, Сергеј Долженко

Во третиот обид, Москва премина кон древна, но разорна, воена стратегија – како ударно оружје ја користи храната. Оваа фаза почна уште во јуни, со минирањето на браната Каховка

Пред да ја спроведе воената инвазија во февруари минатата година, Кремљ бил убеден дека на надмоќната руска авијација и помногубројните пешадиски и оклопни единици ќе им бидат потребни само неколку недели за да ја пробијат украинската одбрана на границите и да воспостават целосна контрола врз Киев.

Кога военото сценарио пропадна поради неверојатно организираниот и координиран отпор на украинските сили, а особено кога тие во септември тргнаа во контранапад врз окупираните територии, Москва премина на „енергетска“ војна – секојдневно со далекустрелни проектили и беспилотни летала ги гаѓаше енергетските капацитети и инфраструктурата на украинските градови. И од оваа офанзива Украинците се извлекоа, ја санираа штетата и се организираа за нов противнапад.

Во третиот обид, Москва премина кон древна, но разорна, воена стратегија – како ударно оружје ја користи храната. Оваа фаза почна уште во јуни, со минирањето на браната Каховка. Излевањето на Днепар од една страна го направи непрооден теренот за новите тенкови што Украина ги доби од западните сојузници, но во исто време ги уништи плодните украински полиња. Неколку недели подоцна Москва се повлече од договорот, постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција, за безбеден транспорт на украинското жито со бродови преку Црно Море. Наместо да обезбеди безбеден коридор, руските бродови ги блокираа украинските пристаништа, а артилеријата удри врз украинските капацитети за производство, складирање на транспорт на храната, пред сѐ на житото. Покрај блокадата на синџирот за извоз, проектилите уништија 220.000 тони жито во силосите во пристаништата. Долгострелни проектили уништија капацитети далеку на запад, се до пристаништата Рени и Измаил, од кои украинските бродови со жито пловат по Дунав.

Од палење амбари до гранатирање силоси

Од моментот кога Русија се повлече од Црноморската иницијатива и го блокираше каналот преку кој Украина транспортираше 32 милиони тони годишно, односно половина од својот извоз на храна, глобалната цена на житото се зголеми за 10 отсто. Инвеститори тврдат дека до крајот на летото цената на житото ќе биде за 20 отсто повисока отколку во јуни.

Храната се користела како оружје и во древните војни, кога палењата на амбарите и изгладнувањето на народот биле поразорни од копјата и стрелите.
Москва денес извлекува двојна полза – економијата на нејзиниот непријател е сериозно погодена, а руското жито на глобалните пазари се продава за повисока цена. Најмногу се загрозени стотици милиони луѓе во најсиромашните земји низ Африка и Азија, кои зависат од хуманитарната помош што се пополнуваше од украинските житни полиња.

Светската програма за храна го купуваше од Украина половина од житото наменето за хуманитарните мисии во Авганистан, Етиопија, Кенија, Сомалија, Судан и Јемен. Тоа беше најпрактично за користење, бидејќи е квалитетно, евтино и брзо може да се транспортира од Одеса преку Босфор до Средоземно Море, а од таму преку Суецкиот канал до Рогот на Африка и до Јемен.

– Без Црноморската иницијатива ние нема да бидеме во состојба да прехраниме толку многу луѓе. Немаме доволно фондови, немало поголема дупка во овие 16 години откако сум тука. Светската програма за храна или ќе ги намали единечните порции или ќе го намали бројот на гладни луѓе до кои се доставуваат – предупредува претставникот на СПХ, Стив Таравела.

Гладните се „колатерална штета“

Директорката Синди Меккејн вели дека најсиромашните луѓе се „колатерална штета“ во „војната со храна“.

Повеќе од 50 земји ѝ помагаат на Украина со оружје, воена опрема и обука, но досега не се координирале за да реагираат и на војната со храна. Проблемите со блокадата на житото и со поскапувањето на храната претежно се оставени да ги решава пазарот.

Реагираат и европски фармери, кои се чувствуваат загрозени од обновените канали за извоз. Петте европски соседи забранија увоз на украинско жито.

Европската Унија најави „солидарни коридори“ – патни, железнички и речни – преку кои Украина би можела да извезува храна. Хрватска го понуди на користење своето пристаниште Ријека, а и балтичките земји најавија дека би можеле да ги оспособат своите пристаништа за извоз на украинска храна.

Западните коридори, сепак, се долги, бавни и скапи. Секој вагон мора да се претовара на границата, бидејќи Украина наследи од Советскиот Сојуз пошироки пруги. Камиони со денови чекаат на границата со Полска поради задолжителните лабораториски ветеринарни и други контроли. Се разговара за отворање посебни „зелени коридори“ за украинска храна, при што би се укинале царинските, санитарните и ветеринарните контроли сѐ до крајната дестинација, но тоа сѐ уште е само предлог.

Заобиколниот пат е предолг

Светската програма за храна реагира дека би било прескапо и пребавно ако до Африка и Азија мора да префрла украинска храна преку пристаништа на Балтикот.

– Значително подолгите рути ќе ја зголемат цената на храната, а ќе страдаат луѓето до кои таа ќе патува повеќе време – вели Таравела.

Александр Королјов, директор во шпедитерската фирма „Трансфери“ од Одеса, вели дека извозот преку Германија, наместо преку Црно Море, ја зголемува цената на житото за 150 евра за секој тон.

– Логистиката е прескапа. Оваа рута е апсолутно неисплатлива – вели шпедитерот.

Королјов лично не гледа алтернативна рута на црноморската, која е блокирана. Единствена исплатлива линија е преку Дунав, со плиткопловни бродови од пристаништа Измаил и Рени во Украина или Галати и Браила во Романија. Контејнерите би се префрлале во длабокопловни океански бродови во пристаништето Констанца, кое може да опслужи и океански бродови со капацитет да пренесуваат товар од 50.000 тони. Од Констанца, преку водите на Бугарија и Турција бродовите би поминале низ Босфор. Преку оваа линија лани биле извезени преку 20 милиони тони, а протокот би можел да се прошири и на 35 милиони тони годишно. Тоа е повеќе отколку што Украина извезуваше преку Црноморската иницијатива пред да биде блокирана.

Токму од овие причини Русија настојува да ја блокира и алтернативната линија преку Дунав.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот