Хојт Ји повторно меѓу нас

Поранешниот заменик на помошник државниот секретар на САД, Брајант Хојт Ји, повторно е меѓу нас, благодарејќи на колумната на еден од советниците на претседателот Стево Пендаровски за надворешна политика („Слободен печат“, 19.11.2019). Кон крајот на 2017 година која беше во знак на овој јужнокорејски змеј чија активност во регионов своевремено беше коментирана од еден од видните членови во т.н. Совет на амбасадори под наслов „Јас, ти и Хојт Ји“ (Плусинфо, 9.12.2017). Мојата реакција уследи на 18.12.2017 во „Слободен печат“, под наслов „Кафана, ан – Јоханес Хан“. Хојт Ји не стана амбасадор во РСМ, ниту во Атина, а ни во Сараево, како што навестуваа некои наши секогаш слабо информирани дипломати. Хојт Ји играше само едно лето, но и по изнудената оставка ја коментираше темата „Решавањето на нерешливото на Западниот Балкан“ на Конференцијата во Вашингтон кон крајот на април оваа година. Неговиот наследник Метју Палмер, со поголемо дипломатско искуство во нашиов регион, не се задржа повеќе од Хојт Ји и не се разликуваше во пораките до државите кандидати за членство во ЕУ, при што Палмер поентата ја стави на стриктно извршување на критериумите на државите кандидати и испорачување на ЕУ она што го ветувала, што не може а да не се квалификува единствено како хипокризија на ЕУ.

Палмер е миленик на поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, што се одрази и на неговите маневарски реторики во нерасплетениот јазол меѓу Белград и Приштина. Хојт Ји, кој беше одметнички концентриран на темата „седење на два стола“, односно на Србија која не може да биде членка во две различни организации, алудирајќи на пенетрирано влијание на Русија во регионов. Ја користеше поддршката од Конгресот, кој во надворешната политика има поинакви ставови од претседателот Трамп.

Во својата колумна „Пред Емануел Макрон беше Хојт Ји“, првиот министер за надворешни работи внимателно, не откривајќи го веднаш својот став (кој очигледно се совпаѓа со тој на аналитичарите), наведува дека аналитичарите (кои?) „велат дека отворањето на поглавјата од процесот на преговори за членство се претвори во ритуал на штиклирање и во размена на лицемерие“. И вие би се согласиле, почитувани внимателни читатели, со оваа дијагноза кога е во прашање ритуалот штиклирање, со напомена дека германскиот глагол strichlieren значи прецртување, ама и селектирање, дејанија што едно со друго се исклучуваат. Досега ЕУ се определуваше за ритуалот на селектирање не само согласно Копенхашките или Мастрихшите критериуми. Ова селектирање не се однесуваше само на државите на поранешниот Варшавски договор, туку и за тогаш сиромашните држави од Јужна Европа (Шпанија, Португалија и Грција). Турција е одамна штиклирана, макар што ѝ се нудени и меѓурешенија за влез во ЕУ. Селектирањето продолжи и при отпочнувањето на преговорите со државите од поранешна Југославија. Селектирањето се врши и денес. Нонпејперот на Франција е нова селекција, предизвикана со нови мотиви и геостратешки поместувања.

Другиот ритуал – размена на лицемерија – е двонасочен процес со различни модалитети. Политичкото лицемерие е свесна употреба на маските за стекнување политичка полза. Тоа не ни го откри Хојт Ји во неговата златна доба на Балканот. ЕУ прекарот „вавилонска блудница“ одамна го доби. Во процесот на проширување на ЕУ секако имаше лицемерие на Брисел, ама и на САД (пример „вечно“ неутрална Австрија и нејзиниот прием во ЕУ). Нереалистичните амбиции на некои сега членки на ЕУ, Брисел ги пренебрегна. Сега, пред сè, на францускиот претседател Макрон му пречи нивнoто непропорционално влијание при одлучувањето во гремиумите на Унијата. Новата стимулативна методологија на проширувањето на ЕУ, промовирана од претседателот Макрон, не е само критика на лицемерието на оние што тропаат на врата на ЕУ, без целосно исполнети услови, туку е сигнал и до некои релативно нови членки на ЕУ кои недоволно подготвени беа примени во ЕУ, а сега во формирањето на новата европска архитектура покажуваат поголеми амбиции.

Нон пејперот е план за размислување во Брисел и воедно отрезнување и гаснење на еуфоријата на политичарите на државите кандидати. Ништо негативно. Повеќе стимулативно. И тука Хојт има право. ЕУ направи иста грешка, кога под притисок на Франција и Германија, на Романија и Бугарија предвреме им беше доделен датум за преговори. ЕУ лицемерно ни вети датум за преговори, на чии крилја власта две години градеше конструкција на успех, но од него засега нема ништо. Имено, Брисел нереално наведе дека до 2025 година некои земји можат да станат членки на ЕУ. Тоа ја подигна еуфоријата кај локалните поглавици за кои Брисел е парадигма на успех и останување на власт. Макрон укажува на реалност во сопствената авлија (ЕУ), но и на престанок на глумењето на државите кандидати дека ги прават реформите не само законски.

Но маските често паѓаат. Власта кај нас брзаше уште пред редовните парламентарни избори да стане членка на НАТО и да добие фамозен датум за преговори со ЕУ, како клучни фактори за изборното понижување на опозицијата. Грешка. Требаше, и покрај наследениот хаос во заробената држава, да се концентрираат на вистинските реформи, а не на флоскулата „ние ги исполнивме ветувањата, а вие што чекате“. Макрон јасно ни укажа на лицемерието, сега спакувано во нон пејперот, кој треба кај нас добро да се проучи. Ако треба и Прибе да се викне во Охрид. Нема повеќе потреба на секојдневни патувања во Брисел и чукање на отворена врата. На ЕУ ѝ е потребен кислород, но самобендисаните кандидати за Брисел треба да се ослободат од лицемерието и правилно да ги читаат „знаците покрај патот“ (Иво Андриќ), како и оној за спротивставувањето на некои држави од ЕУ за одвојување на РСМ и Албанија при давањето на датумот. Тоа не е случајно, туку е резонанца на ситуацијата во целиот регион. Балансирањето во тој правец ќе продолжи до постигнувањето на „Макронхајт“ температура на степенот на демократизација во регионот, кој тогаш ќе може да се интегрира во Европа.

Надвор од темава, секогаш надобудниот Совет на амбасадори се огласи и по повод потребата да се одложат договорените предвремени парламентарни избори. Таа тема е нивен приоритет, а не, на пример, протестот на синдикатот во МНР по повод најновите кадровски листи. Лицемерие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот