Граѓаните пред голем ценовен шок, струјата може да поскапи 20 отсто

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Сѐ поизвесно е дека граѓаните од следната година ќе плаќаат значајно повисока цена на струјата, откако државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) го изработи и достави до Влада планот за производство за 2022 година и финансискиот план, објави ТВ24.

Телевизијата дознава дека производната цена на струјата на ЕСМ, која е еден од главните критериуми за формирање на цената за домаќинствата, од сегашните 36 евра, најверојатно ќе порасне на 45 евра за мегават-час, што е зголемување од околу 20 отсто.

Државната компанија во дописот адресиран до Владата дава различни пресметки, цени и количини – и што ќе значи секоја од нив финансиски, пишува ТВ24.

Зголемување ќе бара и државната МЕПСО, но компанијата засега сѐ уште анализира. Директорот Куштрим Рамадани за вели дека точни пресметки би имале во следниве денови, но и оти сепак учеството на МЕПСО во крајната цена е минимално.

Според првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, сѐ уште е рано да се зборува дали ќе поскапи струјата и колкаво ќе биде евентуалното зголенување на цената. Тој вели дека конечната одлука ќе ја донесат откако ќе ги добијат пресметките од компаниите.

Македонија од 9 ноември и официјално е во енергетска криза. На компаниите досега им беа вбризгани 65 милиони евра за покривање на трошоците кои ги имаа изминатиов период. Надлежните најавија дека ако е потребно, ќе има и дополнителна финансиска помош.

Спасот сите го гледаат во активирање на домашните капацитети, со што би се зголемило домашното производство – кое во изминатиов период е на навистина ниско ниво. Земјава се соочува со поголема потрошувачка од производство, поради што државната МЕПСО неколку месеци наназад ненејавено влечеше струја од европската мрежа. Па само за месец октомври доби фактура тешка 16,5 милиони евра.

В среда треба со работа да почне и РЕК Осломеј, а минатата недела Владата ја задолжи ЕСМ да набави мазут и за ТЕЦ Неготино – по што со работа би започнал и овој комбинат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот