Граѓаните летово платиле два милиони евра за патничко осигурување во странство
Со тие пари осигурителните компании им надоместувале медицински трошоци настанати за време на престојот во странство, изгубен багаж или некој друг ризик од оние што ги покрива патничкото осигурување – велат од АСО
Граѓаните летово платиле два милиони евра за патничко осигурување за патување во странство, што е за шест отсто повеќе од истиот период лани. Според Агенција за супервизија на осигурување (АСО), се забележува и зголемување на износот за исплати за штети покриени со патничко осигурување кој достигнал 560 илјади евра.
Според податоците од АСО, во јуни, јули и август над 220.000 граѓани купиле патничко осигурување, а најголем дел од нив го користеле за годишен одмор во странство.
Вкупниот број на издадени осигурувања за патување во странство во овие три месеци изнесува 220.860, а во нив осигурениците вложиле два милиони евра.
-Вкупните вложувања во патничко осигурување во летниот период годинава се за 6 отсто повисоки од истиот период лани, покажуваат официјалните податоци. Вредно за истакнување е тоа што во овој период граѓани кои имаат патничко осигурување од компаниите за осигурување наплатиле 560.000 евра. Со тие пари осигурителните компании им надоместувале медицински трошоци настанати за време на престојот во странство, изгубен багаж или некој друг од ризиците што го покрива патничкото осигурување – велат од АСО.
Осигурениците во јуни, јули и август наплатиле 89 отсто повеќе средства за покривање штети настанати при патување во странство, во споредба со истиот период лани кога осигурителните компании исплатиле 296.000 евра.
Сите 11 осигурителни компании за трите летни месеци исплатиле штети покриени со патничко осигурување на повеќе од 35.300 граѓани кои патувале во странство. Бројот на исплатени штети во месеците јуни, јули и август годинава е за 14,5 отсто повисок од бројот на штети во истиот период 2023 година.
Што се однесува на продажбата на месечно ниво, од Агенцијата информираат дека најголема побарувачка за патничко осигурување имало во јули. Тој месец граѓаните вложиле 44,79 милиони денари (над 728.000 евра) за да купат патничко осигурување.
Соодветно на тоа во јули најголем е и бројот и износот на исплатени штети. Така во јули 14.460 осигуреници наплатиле над 242.000 евра.