Градинката во населбата Пролет ќе биде модерна, инклузивна и најголема во државата

Првата градинка, која по 50 години се гради во населбата Пролет, се очекува да ги отвори вратите за дечињата во првата половина на наредната година. Досега се завршени околу 40 отсто од работите на градинката, која се најавува како современа и најголема градинка во државата, која ќе се простира на бруто површина од 3276 метри квадратни и ќе може да згрижи 150 дечиња од населбите Пролет и Маџир Маало.

Со оваа инвестиција решаваме огромен неколкудецениски проблем за родителите кои децата на згрижување ги носат во соседните населби. Создаваме и услови за нови вработувања во воспитно-образовниот сектор. На нас во Центар инклузивноста во образовниот процес ни е особено важна. Затоа, во градинката „Пролет“, има надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попреченост во движењето. Тука ќе има и лифт за лица со инвалидитет и попреченост во движењето, a многу важно е што градинката ќе располага со просторија за лекар за изолација за дете. Предвидено е да има и кујна наменета само за потребите на децата, со свежо приготвена и здрава храна – изјави градоначалникот Горан Герасимовски, кој заедно со премиерот Димитар Ковачевски, денеска беа во увид на градежните работи на градинката.

Премиерот Димитар Ковачевски ја поздрави работата на Герасимовски непоменувајќи дека со инвестицијата вредна 2,5 милиони денари градоначалникот го потврдил фокусот и посветеноста на потребите на граѓаните

Ја поздравувам работата на градоначалникот Горан Герасимовски, кој, како и Владата, чијшто приоритет се граѓанските потреби – и тој ја насочи работата на општината Центар кон создавање услови за поквалитетен живот на граѓаните. Изградбата, гледаме дека напредува и досега се завршени 40 проценти од градежните работи, а очекувањата се дека градинката ќе биде завршена некаде до април следната година. Во план е, како што најави градоначалникот Герасимовски, изградба и на уште една детска градинка во близина на населбата Пролет, во Маџир Маало, со што во целост ќе се задоволат потребите за згрижување дечиња од овој реон во општината Центар – рече Ковачевски.

По завршувањето на градежните работи, децата во градинката ќе добијат и зелена површина од 2000 метри квадратни, а во дворот ќе бидат поставени многу детски реквизити, лизгалки, лулашки и мостови, но и детска болдер карпа. Во градинката е предвидена и изградба на галерија, со сигурносна ограда, елементи и три дрвени куќички кои ќе имаат улога на видиковец. Долж галеријата се предвидува изградба на тераса со дрвен под, обезбедена и осигурана за безбедно играње на децата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот