Голобрадите и гологлавите

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Ако веќе почнуваме „од нула“ и ако навистина сме пред крајот, ајде овој пат да не ја оплескаме работата како лани. Заразниот сој „делта“ не е подалеку од нас отколку што беа Вухан и Бергамо пред една година. А, можеме полесно да се одбраниме со почитување на правилата, одредени од здравствени експерти, а не од некое политбиро.

Не ми се верува дека по цела година колективни и лични маки го пишувам ова. Не ми се верува.

Пред некој ден, сосема случајно, во автобус, се присетив на еден легендарен логички проблем, кој нашиот урбан црнохуморски фолклор го има надградено во виц. Под надвозник со височина 3 метри, како што уредно пишува на знакот, двајца камионџии треба да протераат камион што е два сантиметри повисок. Умните нашле прилично едноставно решение – да испуштат воздух од вентилите на гумите и да го спуштат камионот доволно за да се протне. Па надградбата: Нашите двајца јунаци се сетиле на уште погенијално решение. Едниот се свртел лево-десно, напред-назад, и вели: „Нема џандари, терај!“.

Е, сега, зошто на овој виц се сетив во автобус. Зашто во него влегоа седум-осум голобради генијалци, веројатно горди на својата смелост да не ја почитуваат наредбата за задолжително носење маска во јавниот транспорт.

Небаре војници на излез во град, во едно одамна минато свршено време, кои ќе се свртат лево-десно, напред-назад, па ќе ја симнат капата и ќе го откопчат копчето на грлото, наспроти правилата да ја носат и да биде уредно закопчано. За да покажат пред другите, а уште повеќе пред себе, дека се тивки херои со слободен ум и здрав разум, доволно смели да не го отпетлаат копчето што им пречи да дишат и да си ја проветрат главата. Со таквата постапка, тогаш, можеби би ги згрозиле оние на кои им било повеќе важно каков пример за јавноста треба да бидат униформираните симболи на братството и единството отколку дали тоа ги задушува. Но има огромна разлика. Гологлавите би згрозиле, но не би загрозиле никого друг, (освен самите себе, ако ги фати воена полиција), а голобрадите, дури и сосема случајно и без никаква намера, колку и да е микроскопски мала веројатноста, може да го прошират опасниот вирус, на кој пред една година сите му се смеевме, а тој, мртов-сериозен, покоси милиони луѓе низ светот и илјадници животи кај нас.

И уште не си заминал. Кружи и мутира. Луѓе мои, огромното мнозинство од нас ја имале среќата во својот животен век да не почувствуваме светски војни, но ова што сега се случува во светот е пандемија, и тоа не било каква, туку најстрашната по цел еден век. Да, со многу жртвувања, по периоди на неверојатно строги ограничувања, уништени компании, загрозени егзистенции и психички трауми, некако успеавме да ги симнеме страшните дневни биланси на минимален број заразени и починати луѓе. Но, ако веќе почнуваме „од нула“ и ако навистина сме пред крајот, ајде овој пат да не ја оплескаме работата како лани. Заразниот сој „делта“ не е подалеку од нас отколку што беа Вухан и Бергамо пред една година. А, можеме полесно да се одбраниме со почитување на правилата, одредени од здравствени експерти, а не од некое политбиро.

Разбирам дека нагонот за неносење маска и непочитување правила не е својствен само за нас. Не е тоа последица на лошите власти, како што ни е најлесно да си го претставиме, туку и до секој од нас самите, до домашното воспитување, образованието и здравиот разум. Таквите вредности одамна станаа виц за подбивање и се си мислам дека нема да можеме да ги вратиме ни по сто години. Без нив, без здравиот разум, домашното воспитание, образованието и довербата во стручните професионалци, апсурдно е решавањето на сите други проблеми, и со членства во унии, и со историја и химна, и со корупција, загадување, висококатници и дрвореди, а не, пак, на егзистенцијалните, каква што е пандемијата.

Ми дојде, онака од инает, да запалам цигара и да го зачадам автобусот. Ќе ме исфрлеа како партал. Со право, не само затоа што е забрането, туку зашто не ми дозволуваат воспитанието и здравиот разум. Со чадот би ги труел сите околу себе. Можеби помалку ќе им го загрозам здравјето отколку ако им се накашлам без маска в лице, но сепак би ги загрозил. Цигарата ја оставив за подоцна, продолжувајќи уште неколку станици да трпам погледи како кон црна овца во автобус – патникот со маска. Среќа што по пат немаше надвозник. Сигурно би се зачудиле ако случајно, меѓу погледите лево-десно и напред-назад, ме забележат дека ги чепкам вентилите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот