Ѓоковиќ без многу мака во осминафиналето, му препушти само седум гема на Штруф
Првиот носител на УС Опен, Новак Ѓоковиќ, немаше икакви проблеми во третото коло и дуелот со Германецот Јан Ленард Штруф кого го совлада со 6:3,6:3,6:1 и си обезбеди пласман во осминафиналето.
Ѓоковиќ работата ја заврши за 105 минути и во наредната рунда го очекува Шпанецот Пабло Карењо Буста.
Германскиот тенисер се закани единствено во првиот сервис гем на Ѓоковиќ кога имаше брејк топка, но тоа беше се што можеше да стори против одличниот српски тенисер кој додаде гас и до крајот на дуелот му препушти само седум гема.
За разлика од Ѓоковиќ кој речиси и не се испоти, Хрватот Борна Чориќ направи вистинска сензација елиминирајќи го Гркот Стефанос Циципас во пет сета, а притоа спаси шест меч топки.
Чориќ го совлада четвртиот носител на УС Опен со 6:7,6:4,4:6,7:5,7:6 и го повтори најдобриот резултат на УС Опен.
Циципас се наоѓаше на прагот на триумфот бидејќи во четвртиот сет водеше со 5:1, а при 5:3 имаше две меч топки но не успеа да ги реализира. Во наредниот гем, на свој сервис имаше дури 40:0 но повторно со серија грешки му дозволи на Чориќ да се врати во игра, прво да израмни на 2:2 во сетови, а потоа и да победи.
Нареден противник на Чориќ ќе биде Џордан Томпсон кој со 7:5,6:4,6:1 го совлада Михаил Кукушкин.
Пласман во осминафиналето во машкиот ждреб обезбедија и Александар Зверев, Давид Гофан и Денис Шаповалов.
Кај дамите во следното коло се пласираа Наоми Осака која беше подобра од Украинката Костјук со 2:1 во сетови и тоа со 6:3,6:7,6:2, Анџелик Кербер и Елис Мертенс. Петра Квитова се пласираше во следното коло по лесната победа од 6:4,6:3 над Американката Пегула.