Глувите лица добија решение за проблемот со комуникацијата – видео повик од каде било

Фејсбук/Фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Сојузот на глуви и наглуви на Македонија најде начин за да ја олесни комуникацијата на глувите лица во општествениот живот.

Имено, сите глуви и наглуви лица од земјава добија можност преку апликацијата Месинџер, со видео повик да се јават во Кол центарот на Сојузот на глуви и наглуви лица, секогаш кога имаат потреба од толкувач. Како што ни објасни секретарот на Сојузот, Лиза Велкоска, во кол центарот секојдневно има два толкувачи на знаковен јазик кои им стојат на располагање на граѓаните во периодот од 8 до 16 часот.

– Имаме најмногу повици на глуви лица кои се наоѓаат во аптека каде што е потребно да се даде објаснување околу терапијата што треба да се прими, исто така имаме зачестени повици и од болниците, посебно сега, кога поради пандемијата забранета е посетата на роднините. На овој начин многу се олеснува комуникацијата на глувите лица. Толкувачите на знаковен јазик се достапни од 8 до 18 часот, но одговараат на видео повиците и по завршување на работното време, вели Велкоска. 

Тоа што досега немало ангажирани толкувачи на знаковен јазик во болниците не било проблем, бидејќи во нормални услови болните редовно ги посетувале членови од семејството кои им преведувале или пак поставувале прашања во нивно име. 

Токму за проблемот со кој се соочуваат глувите лица во болниците за време на пандемија, „Слободен печат“ пишуваше пред еден месец.

Приказната ја започна 29годишниот Дејан од Скопје кој за „Слободен печат“ раскажа дека бил многу вознемирен што неговата мајка била подолго време на скопските клиники и со неа не можеле да воспостават контакт, но ниту пак таа самата можела да се информира за нејзината состојба поради нејзиниот хендикеп.

-Таа поради нејзиниот хендикеп не може да зборува на телефон, од друга страна не може ниту да побара помош. Знам дека ситуацијата е таква, разбирам дека посетите не треба да бидат дозволени поради пандемијата, но мора министерот за здравство Венко Филипче и менаџментот на клиниките да размислат за ангажирање на лица кои ќе ја помогнат комуникацијата со глувонемите лица кои се пациенти во болниците, ни изјави тогаш Дејан.

Во клиниките нема толкувачи на знаковен јазик, глувовнемите не можат ни вода да побараат

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот