Ѓорчепетровци се подготвуваат за пролетно чистење, за секои 10 килограми отпад ќе се сади по едно дрвце

Фото: Фејсбук

Се со цел подобрување на хигиената во општината но и во обид да се засадат што е можно поголем број на дрвја на јавните површини, од Општина Ѓорче Петров најавуваат голема пролетна еколошка акција.

Имено, станува збор за проект насловен како „Генералка викенд“ кој според најавите ќе се реализира во периодот од 6 до 9 мај и во рамките на кој граѓаните кои живеат на територија на Општина Ѓорче Петров ќе имаат можност да го предадат својот отпад и за возврат на тоа да добијат дрвце.

Општина Ѓорче Петров за првпат се вклучува во еколошката акција „ Генералка викенд – за чисто како дома исто“, во организација на Зелена Сончева, за подигнување на свеста кон третманот на отпадот и негова селекција. Во периодот од 6-9 Мај, жителите на Ѓорче Петров ќе имаат можност да се вклучат во оваа акција, а за секој 10кг селектиран отпад од страна на МЗШВ ќе биде дониран по едно дрво и одредена локација на која ќе се пошумува. Ја подигаме свеста за животната средина и одговорноста кон средината во која живееме – истакна градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски.

Од оваа скопска општина појаснуваат дека оваа акција ќе се организира во соработка со Пакомак, неколку министерства и институции, во координирана акција со повеќе општини, во рамки на проектот „Зелена сончева 2022“.

– Граѓаните ќе бидат повикани да исфрлат отпад од домовите во рамки на домашното пролетно чистење и да го однесат на одредена Пакомак локација или локална станица за отпад. Потоа, целиот отпад ќе биде собран и измерен. За секои 10 килограми отпад ќе биде засадено по едно дрво на локација што дополнително ќе се утврди, со што симболично ќе се вкучиме во подобрување на состојбите во екологијата и животната средина. Шумата што ќе биде засадена ќе биде наречена „Сончева гора“. Проектот е на „Зелена сончева“, а општина Ѓорче Петров е поддржувач на акцијата – го објаснуваат текот на акцијата од Општина Ѓорче Петров.

Оваа скопска општина, во буџетот за 2022 година за животна средина издвои 1.500.000 денари.

Планирана е голема акција за засадување дрва и зазеленување во Ново село на локацијата која до неодамна беше депонија, а сега е целосно исчистена – информираат од Општина Ѓорче Петров.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот