Германската владеачка коалиција ЦДУ/ЦСУ влезе во завршната фаза од кампањата за изборите на 26 септември

ЦДУ фото МИА

 Германските конзервативци со денешниот митинг во Берлин  влегоа во последната фаза од кампањата за парламентарни избори во септември, од кој повикаа на збивање на редовите и на борба против ривалските социјалдемократи и Зелените.

-Со оглед на се послабите резултати во анкетите на јавното мислење, прашањето повеќе не е со кого ќе формираме влада, туку дали воопшто ќе бидеме во влада по изборите, предупреди претседателот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Маркус Зодер на митингот во Берлин.

Тој додаде дека ЦДУ / ЦСУ се уште може да го променат односот на силите и да ја врати силната лидерска позиција.

-Воопшто не ми е гајле од одење во опозиција, рече Зодер, инаку премиер на Баварија.

Зодер на митингот ги нападна и актуелниот коалициски партнер Социјалдемократската партија, но и Зелените, на кои, како што кажа, им недостасуваат јавни насоки и отворено го поддржа кандидатот за канцелар на Унијата, Армин Лашет.

-Во сериозни времиња ни треба јасно водство и одлучно лидерство. А, тоа не можат да го обезбедат ниту Олаф Шолц (СПД), ниту Аналена Баербок (Зелените). Ова е можно само со Унијата и Армин Лашет на чело, рече Зодер, кој во последните неколку недели, особено по одлуката улогата на кандидат за канцелар на Унијата да ја преземе Лашет, а не тој, во неколку наврати го критукуваше Лашет и неговиот политички стил на делување.

И актуелната германска канцеларка и поранешна претседателка на  Христијанско -демократската унија (ЦДУ), Ангела Меркел, денеска Лашет го посочи како „иден премиер”.

-Во 72 години на Сојузна Република Германија, повеќе од 50 години на чело на владата стоеше канцелар од Унијата. Така ќе биде и во следните четири години, рече Меркел, која се повлекува од политиката кон крајот на септември.

Лашет рече дека неговата главна цел е да ги спречи „левичарските идеолози” да ја преземат власта во Германија.

-Ќе се борам со се што имам на располагање за да не владеат идеолози со оваа земја, рече Лашет.

Тој оцени дека коалициската влада на СПД, Зелените и Левицата ќе биде особено опасна за закрепнување на економијата по пандемијата.

Последните анкети за јавното мислење покажуваат пад на популарноста на Унијата ЦДУ / ЦСУ со нагло зголемување на поддршката за СПД и социјалдемократскиот кандидат Олаф Шолц.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот