Германците со нетрпение го очекуваат дуелот со светскиот шампион
Германскиот селектор Јоаким Лев изрази задоволство поради податокот дека неговите фудбалери во првиот натпревар на Евро 2020 ќе го играат против актуелниот светски шампион, Франција.
– Допатувавме во Минхен преполни со самодоверба. Се радуваме што на првиот натпревар ќе играме против актуелниот светски шампион и тоа е навистина посебно. Не се случува ческо на ваквите натпреварувања. Лично се радувам што ќе има навивачи на трибините бидејќи на досегашните натпревари на ЕП се почувствува вистинката емоција и поддршката од трибините – изјави Лев.
Лев кој по завршување на ЕП ќе си замине од клупата на Германија, е оптимист за утрешниот натпревар.
– Имам голем квалитет, мислам дека играме добро балансиран тим, а имаме и квалитет во нападот. Тука се Тимо Вернер и Лирој Сане кои можат да го одлучат натпреварот. Тука се и Каи Хаверц, Томас Милер, Серж Гнабри. Сметам дека двете екипи имаат одлични напаѓачи и во ниту еден момент не смеете противникот да го испуштите од вид. Мора да бидете свесни за ситуацијата во секоја секунда бидејќи во спротивно било кој од напаѓачите може да даде гол – додава германскиот селектор.
Најголемата дерби пресметка на досегашниот дел од Евро 2020 ќе се игра утревечер во Минхен од 21 часот.