Фудбалската страст пред сѐ! Парите секогаш на второ место

Деновиве во фудбалскиот свет сме сведоци на сензационални победи на „малите“ тимови наспроти големите „гиганти“, кои важеа за огромни фаворити во Лигата на шампионите.

И додека на хартија тоа е така, деновиве конечно фудбалската страст победи! Милионите кои сè вложуваат во фудбалот конечно беа ставени во втор план. Победи желбата за игра, она типичното оставање срце на терен, кое отсекогаш е главниот слоган во секој спорт, не само во фудбалот.

Победи вистинскиот фудбал во кој уживавме гледајќи ги младите играчи на Ајакс како среде Торино му одржуваат фудбалска лекција на големиот Јувентус, или како Тотенхем по еден неверојатен двомеч со Сити успеа да ни покаже дека онаа народната „среќата со пари не се купува“, навистина има логика, дури и во фудбалот.

https://www.youtube.com/watch?v=2zubhtASOvU

Сити, ПСЖ, Челзи, па и Јувентус, кој за 100 милиони евра го доведе Роналдо, веќе со години се обидуваат да ја „купат“ титулата во Лигата на шампионите, меѓутоа тоа никако не им успева.

Спротивно на тоа, победува вистинскиот фудбал, кој иако веќе не е оној од почетокот на 2000-тите години, и сè се сведува на маркетинг и скапи трансфери, сепак и понатаму испливува на површината, а тоа посебно се случува оваа година, кога во полуфиналето од најелитното европско натпреварување ќе гледаме два „обични“ клубови.

Победата против тајкунската ера, која започна со Абрамовиќ откако овој голем бизнисмен си купи фудбалска „играчка“ по име Челси, најдобро ја отсликува елиминацијата на Манчестер сити и пласманот на Тотенхем во полуфиналето.

Секоја чест и за Ајакс, но посебно ме израдува понатамошниот пласман на Тотенхем, бидејќи тоа беше победа против една огромна моќ, победа против финансиската супериорност на шеиците кои мислеа дека ќе можат од фудбалот да направат една видеоигра во која секогаш тие ќе триумфираат и најмногу ќе профитираат.

https://www.youtube.com/watch?v=AOX41miW6Vc

Меѓутоа, Тотенхем, не дека не е финансиски моќен клуб, (доста е помоќен од Ајакс кој игра со млади играчи кои се производ на својата феноменална фудбалска школа), изминатото лето не доведе ниту еден играч, а во тимот против Сити отсуствуваше и првата ѕвезда – Хари Кејн.

И без Хари Кејн и без милионите кои ги имаат шеиците и огромниот ростер на играчи со кој располага Манчестер сити, избраниците на Маурисио Покетино успеаја да ја стават фудбалската страст пред сѐ, успеаја да ја стопат „пластиката“ и на тој начин извојуваа една огромна победа, со која ми ја наполнија душата, уште еднаш покажувајќи дека вистинскиот фудбал постои  и покрај сите обиди да се направи од него само еден вештачки спорт од кој бенефитите ќе ги имаат само „големците“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот