Фронтекс предупредува: Европа нема шанси целосно да ги запре брановите нелегални мигранти

Мигранти на Канарските Острови - Фотографија ЕПА, Алберто Валдес

Мора да изнајдеме начин да ја управуваме миграцијата, бидејќи не можеме да излеземе на крај. А, дали целосно може да ја запреме, тоа мене ми се чини многу тешко, да не кажам невозможно, изјави шефот на Фронтекс

Нелегалната миграција од Западна Африка кон членките на Европската Унија во јануари се зголемиле десет пати во споредба со истиот месец лани, предупреди Фронтекс.
Агенцијата за безбедност на границите на ЕУ предупреди дека бројот на нелегални имигранти во оваа година ќе се зголеми и дека не е возможно целосно да се запре тој бран.

– Миграцијата е глобален феномен. Мора да изнајдеме начин да ја управуваме миграцијата, бидејќи не можеме да излеземе на крај. А, дали целосно може да ја запреме, тоа мене ми се чини многу тешко, да не кажам невозможно – изјави Ханс Лејтенс, шефот на Фронтекс, спроти посетата на Мавританија.

Имајќи предвид дека миграцијата ќе биде една од главните теми во кампањата спроти изборот на европратеници во јуни, Лејтенс оценува дека правилното управување со надворешните граници на Унијата е важен дел од поширокото „европско портфолио“ потребно за соочување со предизвиците. Тој укажа и на потребата за помош од ЕУ за странските земји.

Фронтекс лани регистрирал 380.000 нелегални преминувања на надворешните граници на ЕУ, најмногу уште од 2016 година. По наглото стивнување поради пандемијата на ковид-19 во 2020 година, бројот на нелегални мигранти се зголемува од година на година. Лејтенс очекува тој тренд да продолжи и во 2024 година.

– Не верувам дека ќе почне нов тренд на стивнување на миграцијата. Очекуваме повеќе луѓе од супсахарска Африка да тргнат кон Европа, а не е сигурна ни ситуацијата со Палестинците што настојуваат да ја напуштат Газа. Не сакам да кревам тревога, но тоа е претпоставка со основа – изјави шефот на Фронтекс.

Податоците за јануари говорат дека „атлантската рута“ е најчесто користена за нелегално префрлање во Европа. Преку неа поминале речиси една половина од вкупно 14.000 што пристигнале во ЕУ во јануари. Зимскиот период вообичаено е најтивкиот, а главниот бран секоја година е преку лето. Само во текот на минатата година во обид илегално да стигнат до Европа загинале повеќе од 3.700 мигранти.

– Мора да организираме кредибилна операција за враќање на мигрантите, за да им покажеме на жителите на Европа, но и на потенцијалните имигранти дека ќе бидат вратени, освен ако навистина не им е потребна нашата заштита – изјави шефот на Фронтекс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот