ФОТО+ВИДЕО | „Акустично, како некогаш“: „Галија“ ја однесе македонската публика на емотивно патување низ времето

Фото: „Слободен печат“/Катерина Стевовска

Во интимната атмосфера на Македонската филхармонија, српската музичка група „Галија“ синоќа ѝ приреди незаборавен концерт на македонската публика.

Без многу зборување и без посебни ефекти, кои би го оттргнале вниманието од музиката, групата ги изведе своите најголеми хитови во акустична верзија. Нивниот проект „Акустично, како некогаш“ нѐ однесе на едно емотивно патување низ времето, од почетоците на „Галија“ во седумдесеттите години, па сѐ до денес.

Фото: „Слободен печат“/Катерина Стевовска

Рок легендите го започнаа концертот со баладата „У рају изнад облака“, по што следуваа безвременските „Чујем те како лепо дишеш“, „Узалуд се трудиш“, „Ти можеш све“, „Зонина песма“, „На твојим уснама“, „Котор“, „Можда сам луд“, „Кад ме погледаш“, „Скадарска“, „Трубе“, „Још увек сањам“…, а секоја од нив беше пречекана со одушевување и овации од публиката.

Како и на секој нивен настап, енергичната „Дигни руку“ ги стана присутните на нозе и сите танцуваа на нејзиниот брз ритам. Сосема очекувано, антологиската нумера „Додирни ме“ беше меѓу последните песни од двочасовното музичко уживање.

Фото: „Слободен печат“/Катерина Стевовска

Како јагода на шлагот, фронтменот Ненад Милосављевиќ ја испеа „Да ли си спавала“ и ги изненади македонските обожаватели со македонска верзија на рефренот: „Ќе најдеш цвет што по мене мириса, ќе најдеш цвет што свенува, ќе најдеш цвет што по мене мириса, ќе најдеш цвет кој умира…“.

Со овој фантастичен концерт, „Галија“ уште еднаш покажаа зошто важат за едни од најдобрите рок музичари во регионот.

Патем, ова беше втор последователен концерт на „Галија“ во Скопје, како дел од проектот „Месец на 30 години Авалон во Македонија”, во организација на продукција „Авалон“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот