ФОТОГАЛЕРИЈА | „Глумците пеат“ се вратија во полн сјај: Шоуто мора да продолжи, во чест на Марин Бабиќ

Глумците пеат/Весна Петрушевска/Ања Митиќ и Нина Елзесер/Дритон Вејсели и Жарко Димовски/Фото Вангел Тануровски

По цели 17 години, прекрасно е што сношти повторно се врати манифестацијата „Глумците пеат“, во Националната опера и балет, во полн сјај.

Глумците пеат/Фото: Вангел Тануровски

За жал, шоуто се одржа без неговиот татко, актерот Марин Бабиќ кој почина лани, но Бабиќ како да беше присутен во секој стих и во секоја нота отсвирена од „Биг бендот“ на Љупчо Мирковски. И почна носталгично, со Марин на бим, враќање на неговиот шарм во Универзалната сала пред години, а овогодинешниот водител Лаза Манасков шеретски го поздрави: „Марчо, слушаш ли што аплауз доби? Види го, се сместил во ложа горе“, рече актерот.

Публиката си го кажа своето, фалел силниот глас на Тања Кочовска на сцената сите овие години. Тања остана присутна на актерската сцена, но за жал, не и на музичката, па вчера беше ретка привилегија пак да се слушне. Царицата имаше царски настап, со „Џелем Џелем“ и трубачи.

Тања Кочовска/Фото: Вангел Тануровски

Но, и невидено шоу во дует со Гордана Ендровска и „Признавам“ од Маријана и Росана. Двете актерки, внесени во улогите на близначките пејачки, се симнаа од сцената, се прошетаа низ публиката и седнаа во скутовите на двајца различни мажи, по нивен вкус.

Тања Кочовска и Гордана Ендровска/Фото: Вангел Тануровски

Жаклина Стефковска исто заслужува големо браво. Не е шега толку оригинално да ја доловиш Уснија Реџепова во „Животе мој“, со толку добра вокална и сценска изведба.

Жаклина Стефковска/Фото: Вангел Тануровски

Импресивна и драматична беше Весна Бејби Петрушевска, а ја избра баладата на шефот на Биг бендот, Љупчо Мирковски од Тоше Проески, „Го лажам секој нов рефрен“. Бејби го слече палтото и ја покажа маицата со потписот на Тоше на грбот, пеејќи една од неговите омилени песни.

Весна Петрушевска/Фото: Вангел Тануровски

Јелена Јованова исто така избра голем залак во кој одлично се покажа, „Ти си тој“ од Лидија Кочовска. Публиката се израдува од нејзиното присуство, таа ги поздрави во стилот на Јелена од Драчево од „Преспав“, а на крајот таа ги собу чевлите.

Јелена Јованова/Фото: Вангел Тануровски

Васил Зафирчев достоинствено побара минута молчење за сите актери кои не се меѓу нас и имаше одлична изведба на „Осамен“, во првиот дел пониско отпеана, а во вториот, за октава повисоко.

Васил Зафирчев/Фото: Вангел Тануровски

Ѓокица Лукаревски беше еден од старите легендите на „Глумците пеат“. Се пошегува дека по години припаѓа на српското шоу „Никогаш не е доцна“ и мајсторски ја испеа „Кажи зошто ме остави“. Ги поддржа младите актери кои беа во голем број на сцената и за публиката ќе беше полесно ако пред почетокот се поделеа програми, за да на сите им биде појасно кој е кој. Имаше вкупно 35 песни.

Ѓокица Лукаревски/Фото: Вангел Тануровски

Драган Спасов-Дац на најубав можен начин со го прослави 60-тиот роденден на сцената, и публиката симпатично го поддржа во кореографијата за „Како Вардар“ и му испеа придружни вокали.

Драган Спасов-Дац/Фото: Вангел Тануровски

Тино и Атанас избраа оригинална песна, вистинската скопска младешка химна од деведесеттите „Како кучето мое“. На Дритон Вејсели одлично му легна „Sway“, а Жарко Димовски исто така се покажа во насловната тема од „Кум“.

Дритон Вејсели/Фото: Вагел Тануровски

„Во Битола сите ме знаат, ме викаат Маја глумицата, но за вас сум нова“, рече актерката Маја Андоновска- Илиејвски и ја испеа „Свирете ја зајди, зајди“, воодушевувајќи ја публиката со перфектно чистиот и силен вокал. Не секој може да ја „симне“ Олгица Христовска, а на Маја, сестрата на поп-пејачот и автор Димитар Андоновски, тоа ѝ успеа.

Маја Андоновска/Фото: Вангел Тануровски

Вреди да се спомнат уште многуи настапи. На Адриан Азири, Ели Клинчаревска- Младеновска, Нина Дејан, Нино Леви, Горан Трифуновски, Марина Поп- Панкова, Петар Горко, Арна Шијак, квартетот: Билјана Драгичевиќ, Гордана Ендровска, Кети Илиевска и Калина Наумовска, емотивниот говор за Марин Бабиќ на Атанас Тановски и неговата француска шансона.

Ања Митиќ и Нина Елзесер/Фото: Вангел Тануровски

Од младите актери, воодушеви Тина Трпкова со феноменална имитација и гласвона изведба на „Црно и бело“ на Калиопи, но и Слаѓана Вујошевиќ која избра можеби најтешка песна, „Што те нема“ од Лидија Кочовска.

„Глумицте пеат“ го вратија Маја и Ира Бабиќ, ќерките на Марин, а го режираше Дејан Пројковски кои на крајот се појавија на сцената. Манифестацијата на глумците, изведена со фантастичен „Биг бенд“ како во старите добри времиња треба да е поттик за државата, да поддржува што повеќе проекти со оркестри на сцената, на која следен пат ќе се најдат и пејачи.

Глумците пеат/Фото: Вангел Тануровски

Шоуто заврши со порака дека „Шоуто мора да продолжи“, а ја испеа Бојан Стојков заедно со сите глумци на сцената, во чест на Марин Бабиќ, кој да беше тука, сигурно дека ќе беше многу горд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот