ФОТО: Жителите на Шутка бараат спас од смрдеата од кожи и остатоци од заклани животни

Фото: Слободен печат

Од Општината не одговорија на нашите прашања дали локалната власт има намера да го реши проблемот на граѓаните и да го исчисти просторот или доколку е приватен имот да му наложи на сопственикот да го направи тоа, ниту одговорија на тоа дали навистина и општински камиони таму го истураат отпадот.

Жители на населбата Шуто Оризари една недела се обидуваат да издејствуваат од нивната Општина да исчисти дива депонија на улица Клисурска. Според кажувањата на мештаните, на тој запуштен простор на улицата, во чија непосредна близина има семејни куќи, освен што несовесни граѓани фрлаат ѓубре, дури, како што велат, и општински камиони истураат отпад.

Уште поголем проблем се случил по Курбан Бајрам, кога на оваа депонија завршиле кожи и други остатоци од закланите животни, поради што во околината се шири ужасна смрдеа, а жителите стравуваат и од зараза. Оттогаш е помината една недела, но и покрај пријавите на граѓаните до Општина Шуто Оризари, до денеска дивата депонија не е исчистена.

Фото: Слободен печат

– Значи не се живее од смрдеа! Не можеме ни прозорец да отвориме ни во двор да поседиме. Ужасно е. Имаше поставено голем контејнер за на празникот таму да се фрлаат кожите и другите работи од животните што се колеа, но народ како народ, некои тука си фрлаа. И не само тоа, камиони од Општината истураат тука ѓубре. Зараза некоја ќе фатиме и никој не се грижи, раскажува еден од жителите од куќите што се во близина на дивата депонија.

Фото: Слободен печат

Од Општина Шуто Оризари не одговорија на нашите прашања дали локалната власт има намера да го реши проблемот на граѓаните и да го исчисти просторот или доколку е приватен имот да му наложи на сопственикот да го направи тоа, ниту одговорија на тоа дали навистина и општински камиони таму го истураат отпадот.

Шутка ѓубре депонија
Фото: Слободен печат

Нашиот соговорник раскажува дека во неделата вечерта, по многуте нивни пријави до Општината, на локацијата дошол градоначалникот Курто Дудуш на средба со загрижените граѓани. Тој им препорачал сами да се спротивстават на оние кои тука фрлаат отпад, но како што вели, им ветил и дека Општината ќе ја исчисти депонијата.

– Нас нѐ обвини дека сме требале да го чуваме просторот и ако треба и да се тепаме со тие што се обидуваат да фрлат тука ѓубре. Па, тоа не е наша работа. Нека исчисти Општината, нека стави огради, чувар ако треба. Ние тука живееме, имаме право и ние на нормален живот, вели соговорникот.

Во близина на овој простор Општина Шуто Оризари поставила камера за да се контролира кои се тие што на дивата депонија фрлаат ѓубре, но камерата не е во функција.

Шутка ѓубре депонија
Фото: Слободен печат

До вчера чистењето на овој простор не беше започнато. Жителите уште еднаш апелираат до градоначалникот да го исполни ветувањето што побрзо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот