ФОТО | Витаминска бомба за во зима на Стефанија Несторовска: Салата со лосос и кељ

Стефанија Несторовска Лосос кељ Фото Приватна архива колаж

Во зимските месеци многумина малку се опуштаат и јадат повеќе и покалорично отколку во лето, особено за време на празниците, а често тоа доаѓа во пакет и со помала физичка активност. Резултатот е, логично, поголема бројка на вагата, која потоа сакаат да ја намалат инстантно.

Секоја храна си има свои љубители, и секоја ќе си го најде своето местото на трпезата, но притоа консументот да може да одржи здрав баланс на витамини и минерали во својот организам.

Лососот важи за една од најзастапените риби во речиси сите светски кујни. Благодарение на специфичната арома и богатата содржина на омега-3 киселини и витамин Д, експертите проценуваат дека лососот позитивно влијае на работата на срцето, ги зајакнува коските, го одржува нормалниот крвен притисок, циркулацијата, па дури и го подобрува целокупното расположение. Без разлика дали се консумира свеж или термички обработен, лососот е одлична опција за вкусен и здрав оброк.

Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, денеска ни приготви витаминска бомба од оброк – токму лососот го одбра како главна состојка, а во комбинација со други здрави намирници. Финалниот оброк е задоволство за секое непце!

Состојки:

За салата:

– кељ (или каква било зелена салата: марула, ајсберг, рукола и слично)

– 1 краставица

– 1 парче лосос

– наут, од конзерва или варен

– сок од половина лимон

– сол, бибер и масло за готвење

За топинг:

– една шака семки од сончоглед

– една шака семки од тиква

За дресинг:

– 1 лажица таан

– 5 лажици маслиново масло

– сок од пола лимон

– сол, бибер, кимион (или зачини по желба)

Стефанија Несторовска/Салата од лосос и кељ/Приватна архива
Стефанија Несторовска/Салата од лосос и кељ/Приватна архива

Подготовка:

Се загрева рерната на 200 степени Целзиусови.
Се подготвува лососот така што се мие со ладна вода и потоа се тапка со крпа за да впие водата и да се исуши колку што е можно повеќе. Се поставува на тава за печење со кожата од рибата надоле. Се додава малку масло за готвење и на тавата и на лососот. Се полева лососот и со сокот од половина лимон. Се додаваат и зачини по желба (сол и бибер беа мојот избор).
Се пече во загреаната рерна 25-30 минути за крцкава кора. Проверувајте повремено.
Во меѓувреме подгответе го зеленчукот. Исецкајте го на тенки ленти и додадете во длабок сад. Се додава и околу еден грст од наутот (ако користите од конзерва, задолжително измијте го со ладна вода и исцедете го) и краставицата (исецкана на крукчиња).
Во мал сад се додаваат сите состојки за дресингот и убаво се промешува сѐ додека не се соедини и изедначи. Доколку е премногу густо, додадете повеќе масло или лимон. Може да си го направите и адаптирате според сопствен вкус (погусто/потечно/посолено и слично).

Стефанија Несторовска/Салата од лосос и кељ/Приватна архива
Стефанија Несторовска/Салата од лосос и кељ/Приватна архива

Се додава дресингот на салатата и убаво се промешува за да ги опфати сите состојки.
За топингот – се додаваат семките во мало, нелепливо тавче. Нема потреба од додавање масло. Се оставаат да се потпржат на ниска температура или, пак, за побрзо на повисока температура, но поклопете со чинија или сад, зотоа што кога семките ќе се стоплат, почнуваат да пукаат и да се разлетуваат. Кога ќе почнат да замирисуваат и да добиваат убава златна боја – тогаш се готови.
Се додава и лососот на салатата, потоа и неколку лажици од тостираните семки и салатата е подготвена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот