ФОТО | И по 21 година, убиството на Аркан останува мистерија: Неговиот убиец со години се крие во Јужна Африка

Жељко Ражнатовиќ Аркан, кралот на белградското подземје во деведесеттите и основачот и командант на Српската доброволна гарда беше убиен на денешен ден пред 21 година во белградскиот хотел „Интерконтинентал“.

Аркан / Фото: ЕПА

Мотивот и нарачувачите на убиството до денес не се познати, а единствениот кој би можел да го разоткрие ова злосторство е неговиот убиец Добросав Гавриќ, кој со години се крие во Јужна Африка.

Поранешниот припадник на Службата за државна безбедност Божидар Божа Спасиќ тврди дека Гавриќ всушност и не знае многу за тоа.

Доброслав Гавриќ / Фото: EPA PHOTO/EPA/STRINGER

„Добросав Гавриќ беше последната алка во убиството на Аркан. Тој е непосреден извршител и веројатно бил во таканаречениот прв прстен на извршители, а пред него постоеле неговите помагачи. Кога се работи за убиство од ваква категорија, бидејќи Аркан беше личност од криминалното подземје, кој се претвораше и во бизнисмен и во политичар, а не заборавајте и дека беше и пратеник, тоа има посебна тежина и оној што го организирал никако не би дозволил непосредниот извршител да знае кој стои зад тоа“, вели Спасиќ, пренесува 24седам.рс.

Аркан / Фото: EPA PHOTO EPA/TANJUG

Српското правосудство заклучило дека нарачателите го одбрале Гавриќ за убиството на Аркан бидејќи бил исклучително спретен, вешт во ракување со оружје, а бил во добра физичка кондиција.

Првобитниот план на убијците бил на Аркан да му понудат да купи „ауди А8“ по поволна цена. После тоа требало да го намамат да го испроба автомобилот, а потоа и во тој автомобил да го убијат.

Зделката била пред склучување, Аркан дошол до вратата на хотелот каде што требало да се договори со продавачите, но нешто му станало сомнително па се откажал од „аудито“.

Потоа поминал на план Б.

Гавриќ на 15 јануари 2000 година за само 10 секунди успеал на Аркан да му испука три куршуми во тилот, а потоа со четири куршуми во главата да го ликвидира Мандиќ и Гариќ да го убие со два куршуми во грбот.

По трикратното убиство тој потрчал кон излезот на хотелот, но неочекувано го пресретнал куршумот на Звонко Матеовиќ, кој ја обезбедувал Цеца.

Погребот на Аркан / Фото: EPA PHOTO/SRDJAN SUKI

Полицаецот во општата збрка ползел на лактите и успеал да се извлече од хотелот, од каде што бил однесен со „голф“ до базенот „11 Април“ во Нов Белград. Гавриќ истата вечер бил згрижен во приватна болница во Лозница.

Процесот за убиство на Аркан е повторен неколкупари пред Вишиот суд во Белград, а Гавриќ, подоцна осуден на 35 години затвор, пуштен е од притвор во 2006 година и оттогаш е недостапен за српското правосудство.

Во хотелот била и сопругата на Аркан, пејачката Цеца Ражнатовиќ која со сестра ѝ се шетала по бутиците.

„Во еден момент во бутикот влезе телохранителот Звонко Матеовиќ, барајќи да му го дадам мојот пиштол зашто тој ги испукал сите куршуми од неговото оружле. Му го дадов мојот валтер, но тој не испали ниту еден куршум. Звонко викаше Убиен е командантот. Собрав сили и истрчав кај него. Гариќ беше на подот Жељко крвареше, се обидов со реанимација. Видов дека Манда е на место мртов. Викав некој да викне брза помош“, изјави по убиството на Аркан Цеца за српските медиуми.

Цеца му се обратила на Гавриќ во текот на судењето

На Гавриќ дополнителен проблем му создал и фактот дека работел за српската разузнавачка служба.

„Се плашам за својот живот бидејќи Аркан беше заповедник на поранешниот претседател Слободан Милошевиќ и има силна војска следбеници, кои не се толерантни“, изјавил Гавриќ.

Пред да побегне од Србија, Гавриќ ја негирал вмешаноста во убиството на Аркан.

Вдовицата на Аркан, Светлана Ражнатовиќ Цеца, му се обратила на Гавриќ во текот на едно сведочење:

„Седеше со наведната глава, свртен со лицето кон излезот, убаво те видов преку рамото на Жељко. Ќе го повторам тоа стопати! Апсолутно сум сигурна. Предавнику, знаеш ли кого предаде, кого уби? Ѓубре!“, викала пејачката и плукнала во Гавриќ.

Цеца на погребот на Аркан / Фото: EPA PHOTO EPA/SASA STANKOVIC

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот