Фото: Принтскрин/Инстаграм

ФОТО | Археолозите ископаа во Турција шминка стара 2.000 години, слична на онаа што ја користиме денес

Шминка во 10 различни бои, средства за одржување на коса и накит се откриени во текот на археолошките ископувања во античкиот римски град Ајзанои (или Езаниа, како што го нарекувале Римјаните) во Турција, пишува „Дејли мејл“.

Овој римски град, кој се смета за еден од најважните во Мала Азија,  повторно го откриле европските патници во 1824 година. Научните ископувања започнале во 1926 година под контрола на Германскиот археолошки институт и Универзитетот Думлупинар.

 


Досега таму се ископани храмот на Зевс, комплекс со театар и арена и затворен пазар. Козметиката и накитот се откриени при ископување на продавница стара 2.000 години на античкиот пазар.

– Откривме продавница која нудела парфеми, накит и производи за шминкање. Посебно е интересно што пронајдовме сенка за очи и руменило во школки, а знаеме дека Римјаните чувале такви предмети во школки. Најголемото изненадување се пигментите во козметиката. Се разбира, тие не се сочувани во совршена состојба, некои од нив се само милиметар или два. Исто така, најдовме и парче кое беше целосно сочувано – изјавил за агенцијата Анадолија проф. Гокан Ѓошкун, раководител на Катедрата за археологија на Универзитетот Думлупинар.

Како што вели, доминантните бои биле црвената и розовата.

 


– Она што ни го кажува откритието на оваа продавница е дека луѓето се слични во различни времиња и дека жените се секогаш жени. Уште во дамнешни времиња користеле шминка, носеле ѓердани и ја средувале косата за да изгледаат што поубаво – рекол Ѓошкун.

„За време на ископувањето овде наидовме на голем број шишиња парфеми. Покрај нив има и накит. Тоа се производи како шноли и ѓердани кои ги користеле жените“, додал тој.

Раководителот на ископувањето посочува и дека се пронајдени „комплети“ за шминка, кои содржат сенки за очи и руменило во светли бои. Сенките за очи и руменилата, вели тој, се слични на производите кои се користат и денес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот