„Флипбук филм фестивал“ во живо и онлајн ќе прикаже 90 анимирани филмови

Второто издание на Фестивалот за европски авторски анимиран филм „Флипбук филм фестивал“ (Flipbook Film Festival 2021) ќе се одржи од 12 до 15 август на отворено во паркот на Младинскиот културен центар во Скопје.

Приближно илјада кратки анимирани филмови од цела Европа пристигнале на повикот на организаторите на второто издание на „Флипбук филм фестивал“, а во програмата се селектирани вкупно 90 филма во четири натпреварувачки програми и панорама на европски анимиран филм.

Во главната селекција за најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат 19 наслови, односно најдобрите европски остварувања од минатата година, кои имаат учествувано и освоено награди на најголемите светски филмски фестивали, како „Анеси“, „Анимафест“, Отава, Клермон-Феран. Меѓу другите, ќе бидат прикажани филмовите „Скапоцен“ на Пол Мас, „Сплав“ на Марко Мештровиќ, „Бескрајно“ на Симоне Маси и македонските анимирани филмови „Живот во меур“ на Никола Дрвошанов и Натали Мекмехон и „Збрчкано“ на Горан Димов.

Во категоријата за најдобар студентски анимиран филм ќе се натпреваруваат вкупно 20 филма, а ќе бидат прикажани филмови кои авторите ги прават за време на своето студирање на европските филмски академии и се неоптоварени од буџети, продукции и рокови, со што можат да си дозволат целосна авторска слобода и ентузијазам.

Голем интерес на минатото издание на фестивалот предизвика натпреварувачката селекција на анимиран документарен филм, хибридна филмска форма која во последните десетина години зазема сѐ позначајно место во изразот кај многу документаристи и аниматори. Меѓу другите наслови, ќе бидат прикажани наградуваните германски филмови „Револикус“ на Виктор Ороско Рамирез и „Обичен човек“ на Шоко Хара, австрискиот „Утопија-Ц“ на Раинхолд Биднер, наградуваниот хрватски анимиран документарец „Сите тие чувства во мојот стомак“ на Марко Дјешка итн.

Оваа година ќе биде прикажана и селекција на анимирани музички спотови, вкупно 22 анимирани видеа на некои од најголемите музички имиња во светот. Меѓу нив и три македонски музички видеа на Гоце Илиевски, на бендот „Искра“ и на Ивона Ѓорѓиовска за песната „Парфем“.

За време на фестивалот ќе биде претставена изложбата на полскиот визуелен уметник Шимон Стемплевски со наслов „Lifeline“, ќе има промоција на книга проследена со изложба на македонскиот автор Владимир Лукаш, со наслов „Микромонографија – за отпадниците од светот на анимираниот филм“ и изложба на флип-бук тетратки направени од ученици од средното уметничко училиште во Скопје, кои се натпреваруваат за три факултетски стипендии на катедрата за анимиран филм на Универзитетот за аудиовизуелни уметности „Еуропа Прима“.

За наградите од главната селекција и селекцијата на музички видеа ќе одлучуваат Александра Лавска од Полска, програмски директор на фестивалот „Short Waves“, Славе Лукаров од Хрватска, директор на фестивалот „Супертун“ и македонскиот филмски критичар Златко Гелески.

За наградите од селекцијата на анимирани документарци и студентската селекција ќе одлучуваат Мартина Мештровиќ од Хрватска, минатогодишна добитничка на специјалната награда од жирито за филмот „Мачката е секогаш женско“, Ката Гугиќ од Хрватска, минатогодишна добитничка на главната студентска награда за филмот „Cockpera“, и Михаил Наумов, македонски автор и минатогодишен добитник на специјалната награда од жирито за филмот „Карантин“.

Покрај физичкото издание на фестивалот, со бесплатни филмски проекции и изложби на отворено во паркот на МКЦ, „Флипбук филм фестивал“ истовремено ќе има и онлајн издание, а македонската публика ќе има можност, бесплатно, на платформата „Cinesquare“, да ги гледа сите филмови, да гласа и да ја додели наградата за Најдобар анимиран филм од онлајн-публиката.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 92, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 7-8 август 2021)

Видео на денот