Финалето во Лигата на шампионите ќе го гледаат 450 милиони луѓе

фото: EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Денеска од 21.00 часот во Истанбул ќе се игра финалето во Лигата на шампионите помеѓу Манчестер сити и Интер. Европската фудбалска унија (УЕФА) процени дека барем дел од денешното финале во ЛШ ќе го следат околу 450 милиони гледачи ширум светот.

Според проценките на УЕФА, околу 150 милиони луѓе треба да го гледаат целиот натпревар во Истанбул. Во проценката се вклучени гледачите кои ќе го следат преносот дома, навивачите кои ќе го следат натпреварот преку стриминг платформите и оние кои ќе го следат натпреварот во барови, ресторани и други јавни места.

Бројката од 150 милиони е помала од рекордните 184 милиони кои го гледале финалето на Лигата на шампионите во 2014 година, кога Реал Мадрид го совлада градскиот ривал Атлетико со 4:1 по продолженијата.

Најавениот понизок рејтинг оваа година ги одразува менувањето на навиките за гледање и отсуството на Реал Мадрид, кој има голема база на навивачи ширум светот. Минатогодишното финале помеѓу Реал и Ливерпул (1:0) во просек го гледале 166 милиони луѓе, а финалето меѓу двата исти тима во 2018 година го гледале пет милиони помалку.

Финалето помеѓу Ливерпул и Тотенхем во 2019 година во просек го гледале само 91 милион луѓе, додека најмала гледаност во последните 15 години е забележана во 2021 година, кога се сретнале исто така два англиски клуба – Манчестер сити и Челси (84 милиони). Помалата гледаност е под влијание и на деловната политика на УЕФА, која дава сè помалку права за емитување на основните телевизиски канали.

Договорите за емитување со приватните телевизии ја доведоа УЕФА до приход оваа сезона од околу 3,6 милијарди евра за сите три натпреварувања (Лига на шампиони, Лига Европа, Лига на конференции). Клубовите кои годинава играа во Лигата на шампионите (32) ќе добијат повеќе од две милијарди евра од УЕФА, а најголема сума ќе добие Манчестер сити (најмалку 120 милиони евра).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот