ЕУОБСЕРВЕР ОБВИНУВА: Лукашенко планирал политички убиства во Германија

Лукашенко
Лукашенко

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко одобрил политички атентати во Германија во последниве години, објави ЕУобсервер, според разговор снимен со поранешниот шеф на разузнавањето.

Како што е наведено, нападите во Германија никогаш не се случиле, но заговорот, во кој се разговара за употреба на експлозив и отров, ја покажува опасноста за земјите во ЕУ.

ЕУобсервер објави дека снимката е направена во април 2012 година, а гласот е на Вадим Заицев, во тоа време претседател на Комитетот за државна безбедност (КГБ) и претставник на специјалните сили „Алфа”.

Снимката е предадена од опозицискиот активист и поранешен вработен во антитерористичката специјална единица „Елмаз,” Игор Макар, кој изјави дека е подготвен да ги потврди сите информации на суд.

Во аудио записот не се пронајдени траги на монтажа, но автентичноста на снимката сè уште не може да се потврди. Еден од експертите тврди дека снимката е изменета барем еднаш и тоа го поврзува со намерата да се отстрани дигиталниот код што ќе го открие идентитетот на лицето кое го поставило уредот за прислушување.

Наводни жртви на атентатите требало да бидат поранешниот шеф на истражниот затвор за изолација во Минск, Олег Алкаев, поранешниот командант на специјалните сили, Владимир Бородач, како и поранешниот шеф на одделот за борба против корупција и економски криминал, Вјачеслав Дудкин, кои во тоа време биле во Германија.

Гласот на еден од учесниците на состанокот, кој би требало да му припаѓа на Заицев, вели дека по лична наредба на Лукашенко, повеќе од 1,5 милиони долари се префрлени на посебна сметка за ваквите операции, а шефот на државата сака да види резултати.

За време на состанокот се разговарало и за ТВ-новинарот Павел Шеремет, кој тогаш живеел во Москва. Од снимката, како што се посочува, станува јасно дека неговата активност им создава проблеми на белоруските власти, а за негово убиство е предвидена експлозија.

Шеремет беше убиен на 20 јули 2016 година во центарот на Киев при експлозија на автомобил на шефот на интернет-изданието „Украинска правда” Алена Пригула, во кое тој се наоѓал. Во декември 2019 година, истражителите објавија дека има сомнителни околности во убиството на Шеремет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот